Иван Михајловски: Судењето на Олимпијадата е голем предизвик за мене, иако имам богато искуство како судија

Императив на триатлон федерацијата е да имаме натпреварувач кој ќе нè претстaвува на следната Олимпијада во Лос Анџелес 2028 година. Но на тоа претходи подготвителен период, правилна селекција и дозирање на тренажните процеси, исто и избор на вистинските натпревари на кои би се освоиле бодови за квалификување на игрите – вели Михајловски, кој е претседател на Триатлонската федерација на Македонија

Тренерот и судија Иван Михајловски, инаку претседател на Триатлонската федерација на Македонија ја има честа да суди триатлонски натпревари за време на 33. Летни олимписки игри во Париз. Тој е неколку дена веќе во меката на спортот, а утре и задутре ќе ги има своите предизвици. Повеќе за тоа што го очекува, но и како се станува судија на најпрестижниот светски спортски настан, разговараме со Михајловски, кој ја предводи триатлонската федерација од 2012 година.

 Како претседател на Триатлон федерацијата од 2012 година, Михајловски во 2019 година оваа федерација доби награда за најголем и најзабележителен напредок во 2018 година, кога во Охрид беа организирани Европскиот куп и Балканското првенство.

Секој од нас посакува да имаме што е можно побројни репрезентации на најголемиот спортски настан. Михајловски вели дека „стратегија за спорт, која ќе тргне од нас самите, ќе се применува во едукациите, клупските натпреварувања и селекција на репрезентација може да нè приближи да бидеме побројни на наредните олимпијади“.

Како се случи да ја добиете поканата за ЛОИ 2024? Може да ни објасните како се станува судија на олимписки игри?

– Светската триатлон федерација го направи изборот за ЛОИ во Париз уште во месец aприл 2023 година. Веднаш и отпочна со поделба на одговорностите и работните задачи за 28-те избрани судии од вкупно 650 судии со ниво 2 и ниво 3 и 5-те технички лица за реализацијата на триатлонот на ЛОИ во Париз. Следуваше практична примена на сработеното, односно тест натпревар кој се одржа минатата година од кој се добија доста прецизни информации за подобрување на организација на триатлонот за оваа година на ЛОИ во Париз.

Принципот на избор на судиите не е случаен, туку е сублимат на постигнатите резултати на секој еден судија на трките кои ги судел во својата дотогашна кариера или ги водел како технички делегат во рангот на светски и европски купови кои се под водство на Светската триатлон федерација. Во триатлонот судиите на ЛОИ во Париз се делегирани од Светската триатлон федерација и сите трошоци се покриени од нивна страна. Како судија сум претставник на својата земја, но не сум дел од тимот на МОК кој отпатува на овие игри.

Досега сте имале големи натпревари на европско ниво. Ви значи ли овој предизвик?

– Самиот избор да бидам претставник на оваа олимпијада е голема чест за мене, односно да бидам искрен, се оствари мојот сон. Позитивната трема е секогаш добредојдена, но ова е голем предизвик за мене иако имам богато искуство како судија на Европските игри во Минхен 2022 год, асистент на технички делегати на светки куп во Сандерленд, Англија 2023 год, три години по ред како технички делегат на Европски јуниорски куп во Загреб, главен судија на Европски куп во Баликешир, Турција и организатор на Балканско првенство и Европски куп во Охрид 2018 и 2019 година.

Исто така сум потпишан како технички делегат и како судија на сите трки кои се организираат во нашата земја. Поседувам лиценца ниво 2 и очекувам во најбрзо време да добијам покана за да полагам за највисокото ниво 3 А/Б, со која лиценца би можел да бидам технички делегат на светски купови, пара триатлон и европско првенство.

Какви натпревари ќе судите поточно? 

– Мојата позиција или работната задача на триатлон натпреварот на ЛОИ во Париз е асистент на судијата за контрола на велосипедите,пред да се постават во транзција на мостот Александар Трети и примена на строгите правила за доволена опрема и брендинг, според правилата на Свeтската триатлон федерација. Мојата втора задача е асистент на главниот судија на пливање, односно мониторинг на натпреварувачите во делот од пливањето кој да се постигне саканата дистанца од 1.500 м пливаат два круга – едниот од 910 метри, а другиот од 590 метри, во реката Сена која е специјално прочистена за триатлонот и маратонското пливање.

Трките се утре (30 јули) машката трка со старт во 8:00 часот, на 31 јули во истото време стартува женската триатлон трка. Во двата старта има по 55 натпреварувачи и се очекува дистанцата од 1.500 м пливање, 40км велосипед и 10 км трчање да ја поминат за под 1:50 минути.

Покрај овие две трки судам и на штафетниот триатлон, каде што има 16 репрезентации од по четворица триатлонци, каде што има по двајца мажи и по две жени. Дистанцата е суперспринт, за да се подобри динамиката и очекуваме интересна трка која ќе заврши со фотофиниш.

Надежно ли е на некоја наредна олимпијада да видиме и македонски триатлонци?

– Секако! Императив на триатлон федерацијата е да имаме натпреварувач кој ќе нè претстaвува на следната Олимпијада во Лос Анџелес 2028 година. Но на тоа претходи подготвителен период, правилна селекција и дозирање на тренажните процеси, исто и избор на вистинските натпревари на кои би се освоиле бодови за квалификување на игрите. Олимпискиот циклус трае 4 години и е пред нас,останува посветено да се работи на подготвеност на спортистите, да се добива искуство и темпира формата до 2026 година и потоа следуваат квалификациите. Во триатлонот последните две години пред одржување на олимпијадите се квалификациски и вистинска борба да се дојде до 55-те стартни позиции.

Сподели