Наставната дејност во овој момент се одвива на мускули, а за пет години ќе биде невозможна, објаснуваат од најстариот факултет во Македонија кој е во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“
Ќе згасне Институтот за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје ако итно не се одобрат вработувања за професори и асистенти. Од 20 професори пред три децении, денес Институтот има 9 професори од кои најголем дел се пред пензија. Со оваа динамика за пет години ќе останат само тројца професори. Наставната дејност во овој момент се одвива на мускули, а за пет години ќе биде невозможна, објаснуваат од најстариот факултет во Македонија кој е во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Состојбата е комплексна и се таложи со години. Според проф. д-р Антонио Јакимовски, раководител на Институтот, проблемот е настанат со континуирана негрижа за обновување на професорскиот кадар.
– Ова е случај и на останатите институти на Филозофскиот факултет. Проблемот може да се надмине со итно вработување на професори и асистенти – вели Јакимовски.
10 години нема професор за современа уметност
Според проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет, со честите законски измени универзитетите ја изгубија својата кадровска и финансиска автономија. Загрижувачка е состојбата особено на Институтот за историја на уметност и археологија.
– Веќе 10 години немаме професор за современа уметност. Како декан секоја година доставувам барање за вработување на наставен кадар со анализа на потребите, возраста на наставници, бројот на пензионирани професори во минатите 15 години, итноста поради опасност да нема наставници и асистенти за реализација на студиските програми. Напразно. А станува збор за студиски програми од национално значење. Не постои држава во светот што не води грижа за националните катедри без оглед на економските состојба, особено држави со богато културно наследство – вели Дуев.

Проф. д-р Ратко Дуев
Во последните 25 години на институтот се вработени само еден наставник и еден асистент, а заминале во пензија еминентни научници, професори и најголеми промотори на македонското културно богатство во светот, како професорите Иван Микулчиќ, Елица Манева, академиците Цветан Грозданов, Вера Битракова-Грозданова итн. Институтот дал четири академици. Според Дуев, лани и годинава во пензија заминале уште два наставника, а во наредните 5 години ќе заминат 4 наставници, со што на Институтот ќе останат да работат само тројца наставници.

Од „Римски театар Скупи“, издание на Музеј на град Скопје
– Состојбата е повеќе од алармантна и нема време за чекање. Во наредните 2 години мора да се вработат најмалку 5 асистенти и наставници, за да може да се реализираат програмите не само на додипломски, туку и на постдипломски и докторски студии. Зарем ќе се вратиме назад како пред еден век и ќе немаме професори за уметноста и материјалното богатство на Македонија? За средновековната уметност во Македонија по која е позната насекаде во светот, за современата македонска уметност, зарем оние млади кои ќе сакаат да учат за сопственото културно богатство ќе мораат да студираат во други земји и на туѓи јазици? – прашува Дуев.
Член во Законот што мистериозно исчезнал
На прашањето дали нештата ќе ги олесни најавата од оваа година да не згаснуваат работните места на кадарот што заминува во пензија, туку по автоматизам да се пополнува со друг вработен тој одговара:
– Во предлог-законот од 2018 година постоеше член 11 за кадровската автономија, за враќање на правото единиците без согласност од Министерството за финансии да распишат оглас за вработување за испразнето работно место заради престанок на работен однос на вработеното лице. Овој член мистериозно исчезна при неговото објавување. За жал оваа година не се донесе таква одлука, остана само најава за измени во постојниот Закон. Но, и да се донесат измените оваа година, што со изгубените работни места во изминатите 25 години, кој ќе ги надомести?

Во моментот на Институтот нема научна област од научните полиња архелогија и историја на уметност за која нема потреба од вработување.
– Нужно е да се вработат 2 наставника и 6 асистенти, а и повеќе, барем да се задржи бројот на вработени каков што бил пред 25 години. Најитно е за областите Современа уметност, Праисториска археологија и Римска археологија – вели Дуев.
И Јакимовски предупредува – ако не се преземе нешто итно, ќе згасне Институтот кој има свои корени уште од основањето на Филозофски факултет. Наставниот кадар е преполовен. Лани се пензионираше проф. д-р Виктор Лилчиќ па сега периодот на антиката во археологијата е делумно непокриен, а годинава ќе замине во пензија и проф. д-р Драги Митревски кој предава праисториска археологија.
– Веќе 10 години немаме вработен професор по современа национална и светска уметност. Овие празнини ги пополнуваме со ангажирање стучњаци од практиката – вели Јакимовски.
Колку време е потребно да се стане професор?
Надоместокот на наставниот кадар на Универзитетот не е воопшто едноставна работа, Потребни се години за еден асистен да напредува во звања и да дојде до позицијата редовен професор.

Проф. д-р Антонио Јакимовски
– Од вработувањето на еден асистент, кој веќе мора да е магистер во својата област со запишан докторат, треба да поминат најмалку 5 години – време во кое треба да докторира, за да може да биде избран во доцент. Секако за овој избор треба да има доволно поени од настава, истражувања и објавени најмалку 6 научни труда. Следуваат уште 5 години и слична процедура за избор во вонреден професор, па уште најмалку 5 години за избор во редовен професор. Така, од дипломирање до редовен професор се потребни околу 18 до 20 години континуирана работа во науката – вели Јакимовски.
Според него, за нормално функционирање на Институтот за историја на уметноста и археологија, веќе од следната година потребни се најмалку 3 асистенти и 3 професори во областите праисториска археологија, античка археологија и современа уметност.
(ПРОДОЛЖУВА)





