Иницијативата повторно да се отвори Лекторат по македонски јазик на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана беше во фокусот на средбата во Тирана помеѓу директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, деканката на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, проф. д-р Есмералда Кромида, продеканката за меѓународна соработка, проф. д-р Дрита Рира и македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски. Состанокот беше посветен на перспективите на македонистиката, а следеше откако Семинарот веќе ги има остварено и услови за избор на лектор кој ќе ја изведува наставата по македонски јазик во Тирана, односно за обезбедување финансиски средства за функционирање на Лекторатот.
– Нашата цел е македонскиот јазик, литература и култура да се изучуваат на повеќето универзитетски центри во културните и академски средини каде што има интерес за македонитиката. Имајќи го предвид забележливиот интерес за македонистиката и во Албанија, каде македонската заедница е втора по бројност меѓу малцинствата и каде преку друштвото „Илинден“ беше истакната потребата од факултетска настава по македонистика, изминатиов период силно се залагаме повторно да се отвори Лекторатот и да им се овозможи на студентите кои студираат јазици на Универзитет во Тирана да можат да го изучуваат и македонскиот јазик 0 вели Мојсова-Чепишевска.
На Факултетот за странски јазици во Тирана му беа подарени повеќе изданија на МСМЈЛК при УКИМ – учебници и зборници со предавања и научни трудови за македонскиот јазик, литература и култура, со кои веќе ќе почне да се оформува македонистички дел во фондот на факултетската библиотека, достапен за сите студенти и професори на Факултетот.
Иницијативата за повторно отворање на Лекторатот во Тирана, кој запрел со работа пред десетина години, беше покренат лани во декември на состанок на МСМЈЛК и Македонското друштво „Илинден“ од Тирана. Со повторно отворање на Лекторатот би се отвориле перспективи и за заеднички научноистражувачки проекти на двата универзита, но и за нови активности во областа на образованието и културата кои ќе овозможат нови синтези меѓу двата народа.





