„Мал битолски Монмартр“ го негува космополитскиот дух на Битола

Светската детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ синоќа беше отворена. На „Монмартр“ годинава ќе присуствуваат 20 делегации со над 120 учесници од Кина, Индија, Романија, Полска, Словачка, Израел, Турција, Бугарија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Македонија и други.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска синоќа на свеченото отворање на светската детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ рече дека оваа манифестација е македонски културен и уметнички бренд, кој го негува и промовира космополитскиот дух на Битола.

– И годинава Малиот битолски Монмартр е средиште каде што младите уметници од земјава и од светот, се запознаваат, се дружат, разменуваат искуства, учат едни за други и за земјите од каде што доаѓаат, рече министерката Костадиновска-Стојчевска, додавајќи дека на овој начин „младите ја развиваат љубовта кон уметноста, ги шират идеите за обединост, за пријателство, за надминување и прифаќање на различностите“.

Манифестацијата доби досега најголема поддршка од 240 илјади денари, од Министерството за култура.

Министерката на платото „Монмартр“, во старата битолска чаршија, им честита на сите учесници, домашни и странски, како и на добитниците на Гран при наградата, од Кина, изразувајќи уверување дека ова ќе биде „уште едно незаборавно издание на „Малиот битолски Монмартр“, од каде што ќе се родат трајни пријателства“.

Сподели