ИЗБОРИ НА УКИМ, БИЉАНА АНГЕЛОВА: Излезот е во стратешко партнерство со институциите од европскиот истражувачки простор

До крајот на месецов Умно.мк ќе објавува интервјуа со шестемина кандидати за ректори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје кои ќе одговараат на исти прашања преку кои ќе ги претстават своите програми и гледишта

Најгорливите проблеми на Универзитот „Св. Кирил и Методиј“ произлегуваат од нарушената финансиска и кадровска автономија и начинот на финансирање, односно непостоење на мерила и критериуми за финансирање на високото образование. Тие се рефлектираат врз целокупното и секојдневното работење на УКИМ, но мора да се решаваат во спрега со надлежните министерства за образование и финансии, вели проф. д-р Биљана Ангелова од Економскиот институт, проректор за финансии на УКИМ.

Зошто сте Вие вистинскиот кандидат за нов ректор на УКИМ?

– УКИМ е голем и комплексен Универзитет, сложен организациски систем кој бара искусен менаџмент. Моето долгогодишно работно искуство на Универзитетот, каде во два мандата успешно го раководев Економскиот институт и во два мандата сум проректор за финансии, инвестиции и развој ми овозможи да ги согледам сите проблеми и предизвици пред кои се исправени факултетите и институтите, но и нивните капацитети и можности. Од една поинаква перспектива можам да го гледам „крвотокот“ на Универзитетот, сите внатрешни и надворешни релации и односи, кои биле дел од моето секојдневие последниве седум години. Од друга страна сум учествувала и сум раководела многу меѓународни и национални проекти, речиси три децении сум активно вклучена во наставниот процес каде сум менторирала многу голем број на студенти, последипломци и докторанди. Целото ова искуство како и вклученоста во сите процеси на Универзитетот ми дава јасна претстава за тоа кои се проблемите и имам јасна визија како да се решат. Затоа сè што е наведено во мојата програма е реално и остварливо. Верувам во внатрешните капацитети на УКИМ и во моќта на нашата академска заедница и дека заедно можеме и повеќе и подобро.

Кој е најголемиот проблем со кој се соочува УКИМ во моментот и како ќе го решите?

– Најгорливите проблеми на УКИМ произлегуваат од нарушената финансиска и кадровска автономија и начинот на финансирање, односно непостоење на мерила и критериуми за финансирање на високото образование. Тие се рефлектираат врз целокупното и секојдневното работење на УКИМ, но мора да се решаваат во спрега со надлежните министерства за образование и финансии. Но, она што е во наша моќ и за што приоритетно ќе се заложам е склучување на стратешко партнерство со институциите кои ги финансираат истражувањата во рамки на европскиот истражувачки простор и поддршка на универзитетските тимови за членство во европските конзорциуми за истражувачка инфраструктура, како ERICs, и други истражувачки асоцијации фокусирани на одделни научни области. Тоа ќе доведе до повеќе можности за учество на нашите единици на европските проекти и вмрежување во европската истражувачка инфраструктура. Со овие вложувања го гледам излезот на УКИМ на европскиот високообразовен простор кој ќе ни овозможи олеснување на пристапoт до меѓународни проекти, know – how, финансиски средства, истражувања и публикации со кои ќе ја подобриме видливоста.

Како ќе ги активирате студентите, и да се зголеми интересот за студирање и активно да се вклучат во студентскиот живот?

– Секој што сака да се стекне со квалитетно високо образование, со знаење, респектабилна диплома и поголема вработливост, се запишува на УКИМ. Во Македонија во последниве 5 години бројот на матуранти флуктуира околу 15.000 на годишно ниво од кои околу 80 отсто се одлучуваат да студираат во земјава. Наспроти тоа во Македонија се регистрирани над 30 високообразовни установи. Заради влошените демографски фактори како малиот наталитет и високата емиграција, бројот на студентите кои се запишуваат е во постојан пад. За да ги активираме студентите потребно е да се иновираат студиските програми и да се направат поатрактивни на пазарот на труд. Потребна е поголема застапеност на практичната настава и на користење на резултатите од научните истражувања во самата настава. Подобрувањето на капацитетите за вработливост, со акцент на практичните знаења и вештини, во принцип е комбинација на академското знаење кое е основа на сите клучни компетенции кои ги бара пазарот на труд, но и на други дополнителни бихевиорални и практични знаења и вештини.

Да се излезе во пресрет на барањата на пазарот на труд ќе биде потребно постојано да се изнаоѓа рамнотежа меѓу генеричките и академски знаења од една страна и праксата и специфични знаења од друга страна. Ориентацијата кон вработливост, може да претставува и еден од клучните фактори за диференцијација на универзитетот во однос на останатите универзитети во земјава и со тоа да привлечеме и анимираме повеќе студенти.

Што предлагате за да се зголеми автономијата на УКИМ, а да се намали финансиската зависност од државата?

– Автономијата е со Устав и Закон гарантирано право на Универзитетот, таа ни ја дава или ограничува државата. Ќе се залагаме да ни се обезбеди целосна финансиска и кадровска автономија. За тоа постојат начини, потребна е само добра волја од страна на институциите. Финансиската автономија ќе се врати ако при креирање на државниот буџет, особено при нивелирање на буџетскиот дефицит во рамките на димензионираните параметри определени во макроекономската политика на земјава наместо да се крати од буџетот на Универзитетот, да се почитуваат автономните права и државните универзитети се изземаат од овие паушални кратења. Кадровската автономија не значи вработување на нов млад кадар на местата на пензионираните кадри. Кадровска автономија значи обезбедување на потребните вработувања на универзитетот по број и структура која е потребна за непречено и квалитетно одвивање на наставно-научниот процес.

Каква трансформација на полето на науката предлагате?

– Научно-истражувачката и уметничката дејност на Универзитетот е од посебен интерес бидејќи е темел на современото универзитетско образование, претставува клучно меѓународно мерило за оценка на квалитетот во високото образование и неговата конкурентност, дава клучен придонес за развој на националната култура и чување на националниот идентитет, а консеквентно придонесува за остварување на стратешките интереси на РС Македонија. На полето на науката предвидувам прилично фокусирани мерки и активности, меѓу кои подобрување на условите за мобилност на научно-истражувачкиот кадар придонесувајќи за циркулација на истражувачи низ ЕУ, поттикнување на размена меѓу академската заедница и индустријата (како и други засегнати страни од екосистемот на четворниот хеликс), ширење на иновациите и споделување на научните знаења, податоци и алатки преку поддршка на отворен пристап до истражувачките инфраструктури, технолошките инфраструктури и нивните сервиси. Посебно ќе се заложам за воведување и практикување на форми за поддршка и афирмација на истражувачките резултати, како и партиципирање во трошоците за објава на трудови во списанија индексирани во базите на Web of Science на Clarivate Analytics и Scopus на Elsevier, за да се постигне поголема видливост на Универзитетот.

Во Програмата планирам обезбедување на финансиска поддршка за единиците кои ќе издаваат научни списанија со фактор на влијание индексирани во базата Web of Science на Clarivate Analytics. За иднината на науката на УКИМ важно ќе биде склучување на стратешко партнерство со институциите кои ги финансираат истражувањата во рамки на Европскиот истражувачки простор. Посебно важно е да се напомене дека ќе се обезбеди поддршка на универзитетските тимови за членство во европските конзорциуми за истражувачка инфраструктура, како ERICs, и други истражувачки асоцијации фокусирани на одделни научни области, што ќе доведе до повеќе можности за учество на нашите единици на европските проекти и вмрежување во европската истражувачка инфраструктура. Секако дека максимално ќе се залагам и за зголемена видливоста на научно-истражувачките резултати преку примена на дигитални и колаборативни технологии, користење на инфраструктурата на отворена наука како и континуирано вклучување во европскиот облак на отворена наука. Подобрувањето на научноистражувачката инфраструктура на единиците преку обновување на опремата во постојните лаборатории и набавка на нова истражувачка опрема е нешто што мора да се одвива паралелно со сиве наведени активности.

Сподели