Луѓето се живи додека за нив зборуваме, ги спомнуваме, опејуваме, се шегуваме. Големите никогаш не заминуваат, оти вечноста им е наклонета, направиле и оставиле доволно за да бидат во мислите на луѓето. Еден од нив беше и Зафир Хаџиманов, кој го напушти светов пред две години, но не и тие што го сакаа, почитуваа, публиката која ја поврзува својата младост со неговите песни!

Васил Хаџиманов со својот бенд
Синоќешниот концерт во големата сала на Филхармонијата, во организација на „Авалон продукција“, како дел од одбележувањето на 30 години постоење, ќе го памети секој што беше во гледалиштето, а уште повеќе – учесниците. Концертот е доказ колку е важна колективната меморија на еден народ. И се разбира, дека не треба само ова да биде единствен настан и начин со кој ќе го славиме Хаџиманов.

Лавина од емоции, потсетување на едно друго време, чествување на големиот музичар Зафир Хаџиманов, филигрански одбрани уметници да го сторат тоа. Предводени од Васил Хаџиманов и неговиот состав, за кого можеби ова беше една од најемотивните вечери во животот, на двочасовниот настап, низ само капки од морето повеќедецениско творештво на Зафир Хаџиманов, нè понесоа: Калиопи, Сашко Гигов-Гиш, Марта Хаџиманов, Виктор Тумбас, Никола Ристановски, Бисера Велетанлиќ, Коле Ангеловски.

Марта Хаџиманов и Васил Хаџиманов
Вешто осмислениот омаж беше можност да се дознае повеќе и за личноста на Зафир и за тие што помалку го познаваа. Долги аплаузи, воздишки, стоечки овации ќе се запишат во меморијата, оти таков уметник само така и заслужува – сала полна до последно столче.
Уште со отворањето на концертот со изведба на „Марика мома убава“, Васил му оддаде почит и на својот дедо чие име го носи, големиот етномузиколог и мелограф кој е заслужен за чувањето на македонското музичко наследство.

Марта Хаџиманов и Виктор Тумбас
Извонредно е тешко да се издвои кој ја имаше најдобрата изведба синоќа и веројатно не треба, зашто тоа беше најдоброто од најдоброто. Хаџиманов со својот бенд отсвиреа и неколку композиции, како омилената „Охрид“ на Васил, за која рече дека ја создал во момент на носталгија, додека бил на студии во Бостон.
Актерот Никола Ристановски го видовме во друго издание, со доза на симпатична трема, со прекрасни изведби на „Човек као ја“, песна што Арсен Дедиќ му ја подарил на Хаџиманов. Во вториот дел на концертот нашиот актер, прв пат пред македонската публика ја изведе последната композиција за која Зафир напишал текст. Станува збор за „Камен“, за кој музиката ја напиша Васил. Тоа е песна што ветува безвременост.

Никола Ристановски
Пред македонската публика прв пат (ако не се лажам) се претстави и Марта Хаџиманов, сопран, ќерка на Васил, внука на Зафир – уметница со прекрасна боја на гласот и целосна сценска пројава. Како четврта генерација музичари во семејството Хаџиманов, Марта, која веќе ја освојува Европа и оперските сцени со голем пиетет изведе неколку песни. Заедно со младиот српски пејач Виктор Тумбас кого исто така прв пат го гледаме во Скопје, ги изведоа безвременската „Љуби ме и главата горе“ и „Саноќ седам Трено“.
Публиката посебно ја размрда Сашко Гигов-Гиш, избирајќи ги токму насловите што не можат да ве врзат за столче – Љубов ли е тоа или панаѓур, Како Вардар, Земи момче Македонче.

Сашо Гигов-Гиш
Беше чест на сцена да ја поздравиме Бисера Велетанлиќ, легендата на некогашната југословенска џез и евергрин сцена, инаку тетка на Васил Хаџиманов. Таа даде посебен шмек на вечерта со изведба на две песни и без разлика што е во деветтата деценија од животот, сè уште го има моќниот глас вреден почит.
Ексклузивност на вечерта беше и настапот на Калиопи. Зарем можеше некој подобро од неа да ја испее нежната „Нан нуни нан“ на Сенка Велетанлиќ?

Калиопи
Режисерот и другар на Зафир Хаџиманов од детство, Коле Ангеловски, сподели со публиката неколку анегдоти, со што ни го доближи повеќе. Во свој препознатлив манир, Ангеловски ни раскажа за нивното детство, за одморите на децата од Драмско студио во Иќиќи, за првите љубови, но и за успехот на Зафир и во САД… „Голем човек беше Зафир!“ – заврши тој.

Коле Ангеловски
Поубав крај на концертот не можеше да се замисли. Сите учесници ја изведоа „Има ли“, а во вечерта полна емоции, Васил отсвире соло композиција инспирирана од неколку песни пред стоечката публика.
Фото: Тоше Огњанов

Фото: Стефан Рајхл

Бисера Велетанлиќ (фото: Стефан Рајхл)





