Ако „дупките“ во математиката не се пополнат, знаењето не се надградува

Од оваа учебна година, наставата во „Збир“ секоја сабота се одвива во просториите на Brainster Next College во Дебар Маало. Просторот го добиваат бесплатно како поддршка од колеџот во создавањето на интензивна академска средина каде талентираните ученици можат да напредуваат

Едукативниот центар „Збир“ е резултат на желбата да се пополни празнината во нашето образование и да создадеме место каде што сите заедно ќе ја негуваме љубовта кон математиката и ќе го споделуваме знаењето со новите генерации. Целта е да го подигнеме квалитетот на математиката во Македонија и да постигнеме повисоки резултати на нашите репрезентации на меѓународните олимпијади по математика, вели Стефан Лозановски, дипломиран инженер по електротехника и информациски технологии, основач и предавач во Едукативниот центар „Збир“ во Скопје. Од оваа учебна година, наставата со физичко присуство во „Збир“ секоја сабота се одвива во просториите на Brainster Next College во Дебар Маало. Просторот го добиваат бесплатно како поддршка од колеџот во создавањето на интензивна академска средина каде талентираните ученици можат да напредуваат.

„Збир“ е едукативен центар каде ученици може да ги надградуваат своите знаења од областа на математиката. Колку време постои и што Ве поттикна да отворите ваков центар?

Едукативниот центар „Збир“ постои 3 години, а со овој тим од предавачи и ученици соработуваме од пред 7 години (претходно како дел од School of The Future). Сето ова време работиме на создавање интензивна академска средина каде што сите ученици заинтересирани за натпреварите по математика ќе можат сериозно да се подготват за нив. Нашите подготовки траат во текот на целата учебна година и учениците еднаш неделно ги посетуваат групните часови.

Јас и другите предавачи имаме учествувано на натпреварите и олимпијадите по математика кога бевме ученици и знаеме што точно недостасува и ни било потребно за да се подготвиме. Тоа нè поттикна да го основаме едукативниот центар – желбата да се пополни оваа празнина во нашето образование и да создадеме место каде што сите заедно ќе продолжиме да ја негуваме нашата љубов кон математиката и ќе го споделуваме нашето знаење со новите генерации. Целта е да го подигнеме квалитетот на математиката во Македонија и да постигнеме повисоки резултати на нашите репрезентации на меѓународните олимпијади по математика.

Стефан Лозановски

На што е ставен фокусот во предавањата и за кои ученици се наменети? Кој сè може да се вклучи во нив?

– Нашите часови се наменети за ученици од основно и средно образование кои сакаат да се подготват за натпреварите по математика. Работиме во мали групи, составени од 4 до 12 ученици, за да може секој ученик активно да учествува во часовите и да има простор да праша кога ќе има нешто нејасно. Групите ги формираме на почеток на учебната година и потоа со формираните групи работиме редовно сè до одржувањето на натпреварите на крајот на второто полугодие. Даваме стипендии базирани на потреба за сите семејства кои не можат да го платат целосниот износ, па затоа може да се пријави секој ученик без разлика на финансиската состојба на семејството. Значи отворени сме за сите ученици од кој било дел на Македонија, кои имаат љубов кон математиката, сакаат да го продлабочат своето знаење и сериозно да се подготват за натпреварите и олимпијадите по математика.

Нудиме подготовки за општински, регионален и државен натпревар по математика од 4. одделение до 4. година средно, каде што ги предаваме сите теми кои се зададени за тоа одделение од организаторот на натпреварите, Сојузот на математичари на Македонија. Заедно со предавањата, решаваме и натпреварувачки задачи од темата која се предава. На крајот, кога ќе ги изминеме сите теми, решаваме мешани задачи од сите теми кои се паднале на натпреварите во претходните учебни години, како и задачи од математичките списанија „Нумерус“ и „Сигма“.

Исто така, нудиме и подготовки за јуниорската и сениорската македонска математичка олимпијада (ЈММО, ММО), како и подготовки за меѓународните олимпијади (JBMO, BMO, EGMO, IMO). Часовите на овие подготовки се поделени според темите кои се содржани на олимпијадите: алгебра, геометрија, теорија на броеви и комбинаторика. За секоја од овие области, групата има посебен предавач со големо искуство. Нашите предавачи се поранешни репрезентативци на Македонија на меѓународните олимпијади по математика, како и наставници и професори по математика од основните, средните училишта и од факултетите во нашата земја.

Каков е интересот кај учениците за изучување на математика и стекнување дополнителни знаења?

– Иако темите кои ги предаваме се доста специфични и се наменети за релативно мал дел од учениците, сепак во Македонија има огромен интерес за нашите подготовки. Оваа учебна година имаме запишано повеќе од 130 редовни ученици, поделени во 14 групи во зависност од нивото за кое се подготвуваат.

Новите ученици кои ни се придружуваат, како и нивните родители, се секогаш позитивно изненадени од сериозноста и квалитетот со кој пристапуваме кон подготовките, особено во споредба со редовното образование кое учениците го добиваат.

Повеќе од две децении нашиот образовен систем минува низ реформи кои никако да се стабилизираат и да направат солидна основа за учениците. Каква е состојбата со математиката? Кои се најголемите „дупки“ што ги забележувате кај учениците?

– Состојбата со изучувањето на математиката во редовната настава според мене е доста лоша. Нивото на кое се обработуваат темите е значително намалено во споредба со она од пред 10-15 години. Некои од новите ученици кои ни се приклучуваат имаат значителни дупки во знаењето, но затоа при изучување на секоја тема на нашите подготовки најпрво ги повторуваме темите кои претпоставуваме дека треба да ги знаат и во тој период ги пополнуваме сите евентуални пропусти кои учениците може да ги имаат, а потоа продолжуваме да го надоградуваме тоа знаење до ниво кое е потребно за натпреварите.

Друг проблем со кој се соочуваме е тоа што учениците не се научени како да учат. Научени се да учат за оценка, а не за знаење. Затоа, голем дел од времето посветуваме да ги научиме дека треба сè што ќе напишат во тетратка за време на часот да е јасно, а во случај кога не е, да не се срамат да прашаат за да им се дообјасни. Ги учиме дека задачите кои се задаваат за домашна работа се со цел за учениците дополнително да повежбаат и сами да се проверат дали го совладале учениот материјал, а не е нешто што треба да се напише по секоја цена само за да се донесе на следниот час и да се покаже дека е „завршена“. Ги учиме дека сосема е во ред некогаш, кога имале премногу обврски или здравствени проблеми, да дојдат на следниот час без домашна, доколку во иднина сепак одвојат време да ги повежбаат тие задачи. Ги учиме дека не е во ред некој друг да им ја напише домашната работа, па да се излажат самите себе и предавачите дека го совладале тој материјал, бидејќи така ќе настанат нови дупки во знаењето кои ако останат скриени, во иднина само ќе се прошируваат бидејќи нема да може да се надоградува знаењето врз тие дупки.

Како би го опишале интересот и поддршката на државата за едукативни центри од типот на „Збир“?

– Да бидам искрен досега не сум побарал, а и не сум свесен дека постои некаква поддршка од државата за едукативни центри како нашиот. Според мене, најпрво треба да се поддржат учениците кои ја претставуваат Македонија на меѓународните олимпијади, па потоа да се продолжи и со поддршка за оние кои ги подготвуваат за нив. Од пред неколку години МОН почна да ги наградува учениците кои ќе освојат медал на некој од меѓународните научни олимпијади, но сè уште нема системско решение за покривање на патните трошоци за репрезентативците.

Кога учениците одат на меѓународните олимпијади, престојот и храната таму се покриени од организаторот, а учениците единствено треба да ги платат авионските билети за до таму. Во минатото, Агенција за млади и спорт, Фондот за иновации и технолошки развој и Технолошко-индустриски развојни зони понекогаш ги покриваа овие трошоци, но поради недостиг на системско решение, репрезентативците секоја година имаат грижи дали ќе можат да најдат спонзорство за да можат да го покажат своето знаење на меѓународните олимпијади.

Годинава „Збир“ работи во нови простории. Како дојде до оваа соработка со Brainster Next College и каде ја гледате најголемата придобивка од ова партнерство?

– Подготовките за општински, регионален и државен натпревар ги одржуваме online, а подготовките за македонската и меѓународните олимпијади ги одржуваме со физичко присуство. Многу сме благодарни на „Бреинстер“ што го препознаа квалитетот кој го нудиме и што ни овозможија да ги одржуваме часовите со физичко присуство во нивните простории во Дебар Маало, во Brainster Next College.

Се надеваме дека сите ние кои нудиме алтернативни методи на образование ќе успееме да ја подобриме ситуацијата со образованието во Македонија и ќе придонесеме во иднина да создадеме успешни млади луѓе кои ќе бидат способни да направат вистински промени во нашата држава.

Фото: Едукативен центар „Збир“

Сподели