„Хомо“ прогласен за најдобар филм на фестивалот Crossing the Screen во Англија

Долгометражниот игран филм „Хомо“ (Only Human) во режија на Игор Иванов ја доби својата седма награда, и тоа за најдобар игран филм во официјалната програма на интернационалниот фестивал Crossing the Screen во Англија, што се одржа од 28 јануари до 3 февруари во Истбрн, Источен Сасекс. Филмот на Иванов ја освои наградата за најдобар наративен игран филм.

„Хомо“ ја имаше светската премиера 51. ГОА ИФФ Индија, а досега е прикажан на 20 филмски фестивали во десетина земји. Покрај оваа, освои награди на фестивалите 7. Гбек Фестивал на игран Филм, Канада – Награда за најдобар филм; ИндиФест филмски награди, САД – Награда за извонредно достигнување; 54. World Fest Интернационален филмски фестивал Хјустон, САД – Бронзена Реми награда; Waterfront Festival Лаваса, Индија – најдобра режија; 22. Фестивал на европски филм Лече, Италија – Награда од публиката и Награда од Cineuropa.

„Хомо“ е приказ на апсурдот на судбината, претставен низ уникатните животни приказни на шест главни ликови. Во ова филмско дело, режисерот го соочува обичниот човек со загрижувачките состојби на нехуманост, алчност и суровост – состојби кои тивко, но полека го уништуваат општеството. Филмот прикажува шест лица, шест состојби во луцидно поврзани епизоди проткаени со црн хумор.

Сценариото за филмот го напишаа Игор Иванов – Изи и Сашо Кокаланов, директор на фотографија е Маја Радошевиќ, сценограф е Кирил Спасески, костимографијата е на Полонца Валентинчиќ, монтажата е на Мартин Иванов, а продуцент е Томи Салковски.

Во филмот играат: Александар Матовски-Цако, Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Јордан Симонов, Мајлинда Косумовиќ од Косово, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Сергеј Димовски, Јоана Буковски од Бугарија, Себастијан Каваца од Словенија, Јелена Јованова, Мони Дамевски, Славиша Кајевски, Мартин Манев.

„Хомо“ е финансиски поддржан од македонската Агенција за филм, Националниот филмски центар на Бугарија, Филмскиот центар на Србија, Косовскиот центар за кинематографија и од Словенечкиот филмски центар.

Сподели