Ако ви кажам дека и една прошетка за син ми е проблем, зашто Виктор има фобија од кучиња-скитници, па треба да бираме рута каде нема со страв да се движиме, тоа е само еден дел од секојдневите предизвици, вели неговата мајка Љубица Тимова
Социјализацијата за лицата со посебни потреби и вклучувањето во општественото живеење кубури, таму долу, на најниското ниво. Еве, нè има родители кои сме спротивност на родителите во минатото, не чувствуваме срам, не ги оставаме децата дома, напротив ги вклучуваме во секојдневието колку што ова општество дозволува. Некогаш се соочуваме со ситни проблеми, ама навикнавме, па сме упорни да нè има, да сме присутни и на улица и во ресторани, кафулиња, оти пак друго во мало место и нема, вели Љубица Тимова од Гевгелија, мајка на 19-годишниот Виктор, кој има аутизам.
Каков е животот и секојдневнието на адолесцентите и младинците со некаква попреченост во помало место? Се чувствуваат ли безбедно во своите маала, на улиците во своите градови? Колку е важно и родителите да бидат ентузијасти и да се борат за своите деца поразговаравме со Тимова, која по професија е агроном.

Виктор заврши основно образование во онакви услови, какви што ние заедно со тимот од наставниците и едукаторите во Гевгелија ги создадовме, се потсетува таа.
– Денес има 19 год, oписменет е и променет на позитивно. Како што е поставено редовното образование во Македонија, тоа е навистина тежок процес. Ние како родители се одлучивме за вонредно средно образование од проста причина: не постои насока или тип на образование прилагоден спред афинитетите на лице со аутизам. Но постои, да речеме опција и неформално образование Виктор да добива и да се специјализира во областа за која има вроден афинитет, а за кое пак се потребни асистенти, наставници, кои за жал, ги нема – вели мајка му на Виктор.
Тоа е еден од поголемите предизвици – каде, како да се продолжи со таква специфична едукација, за да може Виктор да стане работоспособен за таа конкретна вештина и да биде платен, а со тоа и корисен за општеството.
– Лицата со посебни потреби многу ретко се гледани како потенцијал, иако да стигнете до тој потенцијал треба огромен труд и многу работа – вели таа.
Прекрасно би било кога би имало секции за индивидуална, па и групна музичка, ликовна, драмска, ИТ-едукација, организирана на општинско ниво, па во соработка со други општини, држави, затоа што општеството треба да понуди, а детето ќе пројави афинитет, да одбере и да напредува.

Виктор многу сака да слуша музика
– Но…ако ви кажам дека и една прошетка за син ми е проблем, зашто Виктор има фобија од кучиња скитници, па треба да бираме рута каде нема со страв да се движиме, тоа е само еден дел од секојдневните предизвици. Искрено, тој сам и не може да се прошета, ние немаме безбедни и средени улици, сигнализации, ниту совесни возачи, ниту пак волонтери. Сонувам кога Гевгелија ќе има едно убаво кино, каде нема да пречи ако Виктор погласно испушта крици и нема да летаат лути погледи… – вели Љубица.
Виктор сам не може да ги одбере сите потребни намирници за секојдневно функционирање, не може сам да си приготви храна, не може сам да го чисти, одржава домот или да побара помош ако нешто не функционира, да испере облека и да оцени потреба од тоа, не може сам да плаќа сметки, му треба асистенција и команда или комплетна услуга од трето лице. Тој сам се грижи за сопствената лична хигиена, но не може без асистенција – како на пример потсетување или минимални асистирања.
– Виктор, како и сите лица со разни посебни потреби, реално немаат безбедност во секојдневието, каква имаме ние сите останати повозрасни и возрасни единки. Виктор не знае што е лага, не знае да се чува од крадци, „лоши луѓе“, манипулации и лоши намери. Едноставно не може и нема да може да живее сам. Секогаш ќе има потреба од лице кое ќе ги замени родителите, еден ден кога нас ќе нè нема. Секогаш ќе има потреба од топол дом во каков што живеел – вели Тимова, огорчена што на ниво на држава не постојат прифатливи систематски решенија, а родителските иницијативи ретко се поздравувани или поддржани.
За сите битки кои ги бијат како родители често се осудувани. Ретко кој родител веќе има волја да продолжи и упорно да се бори. Половина од родителите се во уште потешка состојба кога немо си ги гледаат децата, кои веќе не се деца, ами наполниле 25, 30, 40, 47 години и кои се беспомошни.
– Тие лица за широката јавност се само број, и „лична трагедија“. За жал, одбивани за многу социјални услуги, игнорирани, добиваат некои ужасно минимални средства кои се далеку од потребите за достоинствен живот – вели таа.
Се потсетува на успесите што низ годините ги оствариле, токму благодарение на упорноста и ентузијазмот на родителите на овие деца.

– Во Општина Гевгелија, ние родителите кои учевме од маките на другите родители, успеавме преку разни здруженија, проекти и донации да воспоставиме Образовниот центар за лица со посебни потреби „Мајка Тереза“, кој во моментот им го олеснува секојдневното дополнително едукативно вежбање и учење животни вештини на деца од 3 па до 23 години, на над 80 семејства. Успеале родители кои биеле битки пред нас да издејствуваат да се отвори и постои Државен центар за лица со попречености каде децата-лицата се згрижени во периодот на работниот ден, успеано е овие два центра заедно со искуството, љубовта на вклучените лица, да соработуваат, да бидат препознаени како многу битен фактор во делот на образованието, рана детекција, рана интервенција и натамошна интервенција кај корисници од помали возрасти. Денес меѓу специјалните едукатори, наставници, родители по прашање на рана интервенција многу добро е воспоставен линк–комуникација и ниеден родител не се малтретира вон границите на општината. Ова го сметам за успех од притисокот, умешноста и борбата на родителите и едукаторите во Општина Гевгелија – вели таа.
Што е следно? Дефинитивно активностите треба да бидат кон будење на јавноста, на градските власти, па и пошироко за проблемите врзани со потребата од градење иднина на лицата со посебни потреби преку воспоставување на семејни згрижувачки единици, преку приближување и разговор со секое семејство кое 24/7 го живее овој проблем, преку идентификација на нивните проблеми и обиди за помош или изнаоѓање на решенија во рамките на нашата моќ како родители, соборци.
Виктор беше дел од проектот „И јас сум тука“, во кој беа раскажани приказните на 20 лица со попречености од Македонија, преку фотографии и книга.





