Прва награда во Херцег Нови за Женскиот младински хор предводен од Сашо Татарчевски

Под водство на маестро Сашо Татарчевски, по вторпат годинава, Женскиот младински хор при Младинскиот културен центар се враќа со највисоки награди од меѓународни хорски натпревари. По освоената Гран при награда во Бугарија во јуни, ЖМХ се закити со прва награда и на Интернационалниот хорски натпревар во Херцег Нови, Црна Гора. На фестивалот настапуваа 29 хора од повеќе европски земји од кои 24 учествуваа во натпреварувачкиот дел. Нашиот хор се претстави на три фестивалски сцени- црквата „Св. Јероним“, салата „Парк“ како и на сцената „Под градскиот саат“ и на сите настапи предизвика овации кај публиката и останатите хорови учесници. Освен првата награда за хорот, маестро Татарчевски ја доби и специјалната награда од жирито за најдобар диригент на фестивалот.

Женскиот младински хор при МКЦ и во својата 53-та година од постоењето го потврди својот статус на континуирано квалитетен и највреден бренд на Младинскиот културен центар во Скопје, како и македонски културен амбасадор на меѓународната сцена.

Ваквите врвни резултати се возможни само доколку се има институционална поддршка, односно, во случајот на Женскиот младински хор при МКЦ, колку поголема поддршка, толку побројни врвни резултати. Во оваа 2025 година редовната работа на ЖМХ, настапите низ нашата земја како и дел од претставувањата во странство ги поддржаа Министерството за култура и туризам и градот Скопје.

Сподели