Според неофицијалните информации, нивото на водата во Преспанското Езеро е намалено за околу 10 метри од највисокото ниво од средината на 20 век
Преспанското Езеро се смета дека е едно од најстарите езера во светот. Геолошките истражувања укажуваат дека басенот на езерото е формиран пред повеќе од пет милиони години, а голем дел од ендемичните видови од Преспа се присутни во најстарите седименти од Охрид, што дава можност Преспанското Езеро да е постаро од Охридското. Но, промените во квалитетот на водата е клучниот проблем кој негативно влијае врз живиот свет. Токсични материи (пестициди) и намалување на количината на растворен кислород доведува до намалување на популациите на ендемичните видови кои се силно осетливи на загадување. Тоа, во краен случај ќе доведе и до нивно исчезнување, вели д-р Златко Левков, редовен професор на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Тој раководи со тимот што месецов почнува да работи на првиот покомплексен проект посветен на Преспанското Езеро чие ниво драматично се намалува повеќе од 20 години. Во екипата се вклучени 52 истражувачи, меѓу кои и млади, сите од Институтот за биологија. Левков зборува за проектот, за состојбите на Преспанското Езеро, за можноста да го спасиме тоа што постои повеќе од пет милиони години.

Преспанско Езеро сликано во селото Коњско
Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје деновиве почнува проект за истражување и анализа на состојбите во Преспанското Езеро. Објаснете ни повеќе за што се работи.
– На Конкурсот за распределба на средства за финансирање на научно-истражувачки проекти на државните универзитети – факултети, научни институти, МАНУ за 2025 година Министерството за образование и наука ни одобри за финансирање проект под наслов: „Преспанско Езеро на работ на исчезнување – биолошки одговори кон климатските промени и антропогеното влијание“. Проектот е прв од ваков вид во државата во однос на комплексноста на истражувањата. Вклучува истражувања на организмите кои живеат во вода, копно, како и биохемиско-физиолошко-молекуларни одговори на ендемичните риби од Преспанското Езеро. Во студијата се вклучени физичко-хемиски анализи на водата и седиментот од езерото како што се: хранителни материи, тешки метали и особено пестициди. Дополнително, потенцијалната токсичност на водата ќе биде анализирана со помош на два теста: Zebra fish и Allium cepa како сензитивни видови за генотоксичност. Потоа, составот на алгите кои живеат во слободната водена маса (планктон) како и нивната способност за продукција на цијанотоксини (токсини кои се продуцираат од модро-зелени алги, односно цијанобактерии), како и различни физиолошки групи бактерии, нивна генетска карактеризација и идентификација. Алгите и макроскопските безрбетници (макроинвертебрати) кои живеат на дното од езерото се добри индикатори за степенот на оптовареност на водените екосистеми со хранителни и органски материи (еутрофикација и сапробност) и тие ќе бидат анализирани со стандардни и со генетски (метабаркодинг) методи.

Имајќи ги предвид комплексноста на промените во езерото, како широкиот спектар на влијанија, одговорите на ендемичните видови риби кон загадување и високи концентрации на хранителни материи ќе бидат анализирани на неколку нивоа и со различни периоди. Стресот предизвикан од антропогеното влијание и климатските промени, пред сè повисоките температури, ќе биде анализиран преку биомаркери на оксидатен стрес, термален стрес, биохемиски биомаркери и крвни елементи.
Бидејќи екологијата на езерото е тесно поврзана со состојбите во крајбрежната зона која е под интензивен притисок од аспект на модификација на живеалиштата, пожари, депонирање на цврст комунален смет, планирани се бројни истражувања на флората, вегетацијата, габите, безрбетната фауна и птиците. Намалувањето на нивото на водата во езерото и особено пожарите во многу влијае врз овие организми, нивната дистрибуција и екологија.
Како е конципиран проектот, колкав тим е вклучен, колку време ќе трае, на што е фокусиран?
– Проектот опфаќа теренски и лабораториски истражувања на наведените организми и заедници. Истражувањата ќе се реализираат од октомври годинава до септември 2026 година во самото езеро, но и крајбрежјето. Во реализацијата на проектот учествуваат 52 истражувачи, вклучувајќи 15-тина млади истражувачи кои ќе изработат свои магистерски и дел од докторските студии. Од исклучително значење е да се вклучени млади истражувачи кои ќе се обучат за научно-истражувачка работа и ќе продолжат да ја градат својата научна кариера. Така ќе придонесат за развојот на научната мисла и активност во Македонија. Сите учесници се од Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Проф. д-р Златко Левков
Главниот фокус на проектот е да се определи интензитетот на човековото и влијанието на климатските промени врз живиот свет во подрачјето на Преспанското Езеро. Овие два фактора доведоа до значително намалување на количината на вода во езерото, но и внесување и концентрирање на хранителните материи и загадувачите во езерото. Во изминатиот период не се познати комплексните реакции на екосистемот кон овие промени, па основната цел е токму да се видат одговорите на организмите на различни нива: молекуларно, клеточно, ткива, органи, организми и заедници.
Веќе десетина година Преспанското Езеро исчезнува пред наши очи, состојбата е драматична во последните години. Од научен аспект, низ што поминува Преспанското Езеро? Колку на тоа влијаат климатските промени, а колку е заслужен човечкиот фактор?
– Процесот на интензивна деградација на езерскиот екосистеми и неговото крајбрежје е започнат уште пред 50-тина година, но резултатите стануваат очигледни во скоро време. Човековото влијание е исклучително високо преку внесување на непрочистени комунални, индустриски и особено земјоделски отпадни води. Внесувањето на хранителни материи од минералните ѓубрива, пестициди, детергенти и различни органски и неоргански загадувачи доведуваат до драматични промени во составот на ендемичниот жив свет во езерото. Дополнително, внесувањето на цврст комунален смет преку голем број нелегални депонии во сливното подрачје (реките кои се влеваат во езерото) и особено во самото езеро, дополнително ја усложнува состојбата. Модификацијата на живеалиштата, особено со сушење на влажни живеалишта, палење на трска, сечење на шуми, ерозија, ја забрзува деградацијата на езерото.
Сепак, како еден од најголемите проблеми е користењето на вода од сливното подрачје за наводнување на земјоделските површини.

Извор: „Хидрологија“ / Фото: Маја Јаневска-Илиева
Според процените на Министерството за животна средина и просторно планирање во сливното подрачје на езерото има помеѓу 8.000-10.000 бунари со кои се наводнува околу 3.000 хектари земјоделско земјиште. Според неофицијалните информации, нивото на водата во Преспанското езеро е намалено за околу 10 метри од највисокото ниво од средината на 20 век. Причините за вака намалениот водостој се и климатските промени, особено изразени преку зголемени температури (што доведува до зголемено испарување на водата од езерото) и намалување на количините на водни талози. Според процените, вкупниот волумен на езерото е намален за повеќе од 50 отсто во изминатите години. Тоа доведува до промена на физичко-хемиските карактеристики на водата, но и карактерот на живеалиштата со што значајните и особено ендемичните видови се силно засегнати. Нивната бројност во езерото се намалува со тенденција дел од нив во целост да исчезнат од езерскиот екосистем. На нивно место се масовно се развиваат видови кои се толерантни кон загадување и еутрофикација, како што се модро-зелените алги (цијанобактерии) и предизвикуваат „цветање на водата“ кои дополнително негативно влијаат врз вкупниот жив свет во езерото.
Станува збор за природна формација која егзистира милиони години. Постојат ли научни показатели дали Преспанското Езеро трпело вакви осцилации во својата историја?
– Преспанското Езеро се смета дека е едно од најстарите езера во светот. Геолошките истражувања укажуваат дека басенот на езерото е формиран пред повеќе од пет милиони години. Анализите на алгите во Преспанското и Охридското Езеро покажуваат дека голем дел од ендемичните видови од Преспа се присутни во најстарите седименти од Охрид, што дава можност да Преспанското Езеро е постаро од Охридското. Исто така, многу ендемични видови кои денес го населуваат само Охридското Езеро се среќаваат во Преспанското Езеро во период пред 100.000 години. Овие истражувања го истакнуваат Преспанското Езеро како исклучително важен центар на биодиверзитет и извор на бројни ендемични видови. Сепак, во текот на својата геолошка историја Преспанското Езеро варирало во однос на својата големина и длабочина, но никогаш не пресушило.

Во текот на глацијалните периоди (ледено доба) нивото на водата значајно се намалило поради намалување на количина на водни талози, а потоа пред околу 10.000 години нивото на водата постепено се зголемувала. Но, потребно е да истакне дека овие осцилации во минатото не предизвикале значајни промени во составот на живиот свет и изумирање на видови. Според палеоеколошките податоци, најголеми промени во езерото се јавуваат последните 2.000 години преку зголемување на човековите активности и особено во последните 50 години како резултат на интензивно земјоделие. Промените во квалитетот на водата е клучниот проблем кој негативно влијае врз живиот свет, особено изразено преку внесување на токсични материи (пестициди) и намалување на количината на растворен кислород. Тоа доведува до намалување на популациите на ендемичните видови кои се силно осетливи на загадување, што во краен случај ќе доведе и до нивно исчезнување.
Губењето на количеството вода не е проблем што може едноставно да се реши. За Дојранското Езеро беше пронајдено механичко решение, но колку беше вистински функционално?
– Намалувањето на водата во Преспанското Езеро е резултат на двата процеса: користење на вода за наводнување и намалување на количина на водни талози. Првиот фактор е доминантен и единствено може да се реши со ограничување на користењето на подземните води (од бунари). Дополнително потребно е да се врати хидролошкиот режим кој е променет од грчка и албанска страна. Внес на свежа вода во Преспанското Езеро е исклучително комплициран процес, бидејќи во близина на езерото нема поголеми извори/подземни води кои би можеле да бидат искористени за нивно пренасочување кон езерото.

Извор: „Хидрологија“ / Фото: Маја Јаневска-Илиева
Во случајот со Дојранското Езеро се спроведе проект чија цел беше да се зголеми волуменот на водата во езерото, без притоа да се земат предвид другите проблеми кои ги има(ше) езерото како што се огромни количини органски седимент (мил), интензивен развој на потенцијално опасни модро-зелени алги (цијанобактерии), масовна појава на макрофитска вегетација, модификација на крајбрежјето, дисбаланс во живиот свет итн. Дополнително, не постојат детални податоци за количината на хранителни и органски материи кои се присутни во подземните води кај Ѓавато кои се во директен контакт со реката Вардар. Тоа може да предизвика поголеми проблеми, а не да претставуваат решение. Преспанското Езеро е во слична состојба како и Дојранското. Потребна е детална хидролошка, хемиска и биолошка студија за да се определат потенцијалните извори на вода во околината на Преспа (на пример акумулацијата Стрежево). Без ваква студија, може да се случи да не го решиме проблемот, туку да го продлабочиме особено преку внесување на инвазивни видови.
Проектот треба да биде само почеток на комплексна акција во која ќе се вклучат сите можни механизми за спас на езерото. Што треба да се направи на среднорочно и долгорочно ниво?
– Примарно е да се најдат соодветни извори на чиста вода кои би можеле да бидат искористени за дополнување на езерото. За таа цел потребно е да спроведат детални геолошки студии во околината и да утврдат можните извори. Потоа е потребно да се изгради соодветна инфраструктура за пренос на водата до езерото. Од особена важност е да се спречи внес на хранителни материи и пред сè пестициди во езерото, преку стриктна контрола на нивната продажба. Тоа може едноставно да се реши преку строго контролирана и ограничена апликација на пестициди и минерални ѓубрива базирана на научни студии, а не со произволна апликација и во согласност со субјективното согледување на земјоделците (и до 20 пати прскање со пестициди). Мора да се воведе строга контрола и ограничување на користењето на водата за земјоделие од страна на трите држави. Без ваков договор, ефективноста во спроведувањето на која било мерка би била во најмала рака проблематично.

Од еко-акцијата „Чиста Преспа, моја Преспа“
Потребно е да се подигне свеста кај локалното население дека Преспанското Езеро е уникатен екосистем, и најверојатно најстарото езеро во Европа и меѓу 12 најстари езера во светот. Локалното население, но и севкупната јавност потребно е да знае што се случува со езерото како резултат на загадување. На пример, дека еден литар моторно масло загадува околу еден милион литри вода. Пластиката која се депонира во бројните депонии предизвикува механички и биохемиски промени кај живите организми. Иако постојат повремени акции на активисти за заштита на животната средина за чистење на брегот на езерото, сепак тоа е инцидентно и не претставува систематско решение. Мора да се истакне дека заштитата на кој било екосистем или вид најмногу зависи од односот на локалното население кон нив. Ако не постои свест кај локалното населени, сите преземени чекори и активности нема да го дадат посакуваниот резултат.
Ваши колеги во научниот труд „Катастрофалната загуба на вода на древното Преспанско Езеро: Хроника на претскажана смрт“ во научното списание „Хидрологија“ предвидуваат дека Преспанското Езеро сосема ќе пресуши до крајот на овој век. Гледате ли вие можност за спас?
– Имајќи ја предвид геолошката историја на езерото во последните 150.000 години кои укажуваат дека езерото и во текот на најладните/најсушните периоди не пресушило, сметам дека езерото нема во целост да исчезне. Тоа не го гледам како клучен проблем, туку исчезнувањето на ендемичните видови од езеро кои опстојувале во езерото со милиони години, а ние за неколку декади успеавме да ги доведеме до работ на изумирање. Дополнително, преку внес на хранителни материи и нивно концентрирање во езеро ќе предизвика зголемување на количината на органски седимент и појава на подолготрајни периоди на отсуство на кислород (анаеробија). Повремени епизоди на отсуство на кислород во подлабоките слоеви на езерото се забележани уште кон крајот на 20 век. Продолжената анаеробија дефинитивно ќе предизвика изумирање на голем број видови во езерото. Таквата ситуација би довела Преспанското Езеро да ја изгуби именката „езеро“ и премине во Преспанско Блато, а со тоа ние и светот да го изгубиме потенцијално најстарото езеро. Веројатно дел од населението би било среќно, бидејќи ќе се зголемат површините на земјоделско земјиште, но целокупната Македонска и светска јавност ќе тагува за смртта на еден од најбитните екосистеми во светот, не само во Македонија. Тоа дефинитивно ќе има огромно влијание и врз Охридското Езеро и исто така ќе доведе до изумирање на ендемичните видови (популациите на одредени видови се значајно намалени и се сметаат за силно загрозени видови со можност за исчезнување).

Потребно е да се истакне дека под заштита на УНЕСКО прво е ставено Охридското Езеро како светско природно наследство (во 1979) поради уникатниот жив свет, а следната година (1980) е прогласено за мешовито (природно и културно наследство). Имајќи предвид дека скоро половина од водата во Охридското Езеро потекнува од Преспанското, промените кои се веќе очигледни во Охридското Езеро, ќе доведат до дополнителна катастрофа.
Искрено, иако сум вечен оптимист, сепак не гледам можност за спас на Преспанското и Охридското Езеро. Бидејќи не постои волја за решавање на проблемите, ниту кај локалното население, ниту на државно ниво, а согласно тоа и на европско и светско ново. Имајќи го предвид нашиот однос кон природата во целост, и особено кон нашите природни езера, не верувам дека нешто ќе се подобри. Искуството покажува дека ние реагираме откако ќе се случи катастрофа, без при тоа да се има каква било одговорност, а не на време да ја спречиме катастрофата. За Преспанското Езеро, а многу веројатно и за Охридското Езеро, нема да има спас. За жал. Би бил многу среќен (можеби најсреќен) да грешам во моите процени, и покрај мојот оптимизам, но искуството го покажува спротивното. Ако треба со еден збор да се одговори на прашањето за состојбата и иднината на нашите три реликтни езера (најстарите во Европа), тој збор би бил: КАТАСТРОФА.





