Операта „Риголето“ од Џузепе Верди ќе биде изведена на сцената на Националната опера и балет в петок (10 октомври) во 20 часот. Диригент е Џанлука Мартиненги од Италија, а режисер е неговиот сонародник Пјер Франческо Маестрини. Сценографијата е на Гилермо Нова од Шпанија, костимографијата на Италијанката Кристина Ачети, кореограф е Саша Евтимова, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстор: Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Насловната улога на Риголето ќе ја толкува гостинот од Јужна Кореја, Леон Ким. Во улогата на Џилда ќе настапи, Биљана Јосифов, во улогата на Војводата од Мантова – Чуан Ванг од Кина. Улогата на Спарафучил ќе ја толкува Владимир Саздовски, а во останатите улоги настапуваат: Николина Јаневска, Борко Биџовски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Александра Лазаровска Василевски, Диме Петров, Марика Поповиќ, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
„Риголето“ важи за една од најубавите музички драми во оперската литература. Драма на човечкиот живот која јасно, силно и емотивно ги прикажува скриените негативни карактеристики кај луѓето кои ги потиснуваат љубовта, слободата, радоста… Трагична приказна за љубомора, одмазда и жртва. Напишана според драмата „Кралот се забавува“ на Виктор Иго, „Риголето“ како опера е раскажана со возбудлив музички јазик и нејзиниот успех наназад низ историјата не се должи само на либретото, на трагичната судбина на насловниот лик, туку уште повеќе на прекрасните арии меѓу кои и „La Donna è mobile” и на воопшто, убавата мелодиска структура, велат од НОБ.





