Во Народниот театар во Битола вечерва во 20 часот ќе биде изведена претставата „Големиот бел заговор“ од авторот Димитрије Војнов, во режија на Војо Цветановски. Во претставата раскажани се последните неколку денови од животот на рокенрол ѕвездата и фронтмен на бендот Нирвана, Курт Кобејн, и за влијанието на музичката индустрија врз неговиот кревок карактер во период од животот кога тој сака да престане да се занимава со музика, но и со конзумирање на опијати, од причина што целосно сака да му се посвети на своето семејство и да живее нормален живот.
– Заради својата искреност, љубов и длабока верба во луѓето тој (не)успева да се справи со сплетките од задкулисието со кои е соочен, а кои стануваат се пообемни од секунда во секунда за него, го притсикаат и носат во дното, во најдлабоко – најтемното, точно тогаш кога е на врвот. Се соочува со притисок кој жестоко му го наментнува индустријата, онаа за која тој работи, но и се’ она што Нирвана, станува низ годините – правец кој индустријата го создава. За жал, како и многу други млади артисти на таа „кобна 27 година“ и Курт Кобејн се фаќа во стапица која на крајот го носи во целосно согорување – велат авторите.
Претставата е наменета за публика над 16 година. Играат: Марјан Наумов, Ана Грамосли, Томислав Давидовски, Антонио Ташкоски, Здравко Стојмиров, Енџи Николоска. Музички соработник е Лука Тошев, костимограф – Милена Цветановска, сценограф – Наташа Ѓорѓиоска. Дизајн на плакат и фотографија се на Стефан Петровски.





