Во тек е пријавувањето за 14. регионална манифестација „24-часовно цртање на стрипови“, отворена за стрип автори од регионот. Манифестацијата ќе се одржи на 11 ноември од 12 часот и ќе трае 24 часа. Учесниците ќе цртаат во живо од определени пунктови во градовите: Госпиќ, Херцег Нови, Љубљана, Осиек, Риека, Сплит, Загреб, но овозможено е и цртање од дома и објавување на онлајн-платформата на линкот.
Според Томе Трајков, програмски координатор на Стрип центар на Македонија соработниците и пријатели од Хрватска бргу ја прифатиле неговата иницијатива за мобилизирање на македонските стрип автори.
– Организацијата на настанот е спонтана. На светско ниво истата ја создава реномираниот стрип теоретичар Скот Мек Клоуд, а во регионот авторот Дарко Мацан на Академијата во Загреб. Оваа акција низ годините бргу се проширува. Уште една специфика е што оваа регионална иницијатива е сосема независна од светската акција, којашто се организира во октомври -вели Трајков.





