„Кога ќе стивне прашината“ од Јасмина Атанасова е зрело прозно писмо, што не се познава дека е дебитантски роман

Откако ја дочитав книгата, не сакам ниту сега да сокријам дека и сега ми се насолзуваат очите кога ќе ми текне дека само жена може да проживее таков физички и психички хорор и да се истушира и излезе надвор со насмевка, да се соочи со денот и да рече: „Јас сум она што можам да бидам и сакам да бидам, а не она што ми се случи пред малку“ – вели Дарко Лешоски

Авторката Јасмина Атанасова го промовира своето прво книжевно патување „Кога ќе стивне прашината“ пред публика во Офицерскиот дом во Битола. Со своите корени закотвени во плодната почва на начитаност и љубов кон книгите од мали нозе, благодарејќи на нејзините родители, Атанасова која по професија е фармацевт и професор во Медицинското училиште „Др Јован Калаузи во Битола“, долго време беше тивок чувар на приказните, додека тишината на пандемијата не го разбуди писателот во неа. Таа под менторство на Школата за креативно пишување, ги насочи своите мисли, ги обликуваше своите наративи и се појави не само со книга, туку и со сведоштво за верувањето дека никогаш не е доцна да се прифати предизвикот да бидеш среќен.

Промотор на романот беше Дарко Лешоски.

– Откако ја дочитав книгата, не сакам ниту сега да сокријам дека и сега ми се насолзуваат очите кога ќе ми текне дека само жена може да проживее таков физички и психички хорор и да се истушира и излезе надвор со насмевка, да се соочи со денот и да рече: Јас сум она што можам да бидам и сакам да бидам, а не она што ми се случи пред малку. Тој тесен простор помеѓу нечија повреда кон нас и нашата реакција кон таа повреда кој најчесто ни е тесен и клаустрофобичен, а кај Јасмина е њујоршки пентхаус од дваесет милиони долари. Целата психа на тацна каде полека и спокојно се шетате низ ходниците на свеста на главниот лик во романот, Гала. Ви се случува пред очи приказната. Ја гледате. Сте виделе можеби нешто слично. Сте слушнале можеби нешто слично. Ама сега го чувствувате во себе – скоро како на своја кожа. Кинењето на деловите на личноста и пукањето по шавови не се случува наеднаш ами постепено, Јасмина ве води за рака и вие можеби насетувате ама како што вели таа: Ќе ти се случи – ќе видиш! Јас бев тоа , но не значи дека така треба да продолжам да бидам. Јас сум тоа, но не значи дека ќе бидам и утре тоа, ако тоа мене ме венее – вели Лешоски.

Љубовта во „Кога ќе стивне прашината“ е подеднакво потребна како и воздухот, а на моменти и повеќе од тоа. Но, сепак ова не е љубовен роман.

Романот „Кога ќе стивне прашината“ од Јасмина Атанасова е зрело прозно писмо,
за кое тешко може да се погоди дека е дебитантски роман. Пишуван во прво лице, од страна на жена-наратор, која истовремено е и лик во својата приказна.

– Атанасова пишува за жената со големо „Ж“, постојано поставена пред борби, предизвици и секојдневни саможртви на општествениот жртвеник, која постојано наоѓа сила од некој таинствен извор за повторно да застане на нозе и да им се спротивстави на закоравените табуа и клишетизираните форми на живеењето – изјави на промоцијата д-р Славица Гаџова Свидерска од издавачката куќа „Восток“.

Промоцијата на „Кога ќе стивне прашината“ не беше само настан, тоа беше изјава – објава дека животот, со сите негови текови, сè уште се поклонува на истрајноста на човечкиот дух. Таму застана Јасмина Атанасова, не само како автор, туку како светилник на надеж за секој латентен сон што ја чека својата зора.

Првиот тираж на книгата се продаде многу брзо, по што следува нов, а на 16 ноември книгата ќе биде промовирана и во Скооје, во „Аудиокултура“.

 

Сподели