Финансиската зависност е една од причините што жените не пријавуваат семејно насилство

Токму за жените и девојките од ранливи категории е наменета Академијата за дигитален маркетинг која ќе се одржува онлајн и ќе трае четири месеци

Секоја втора жена во Македонија претрпела одредена форма на психолошко насилство, а секоја петта е жртва на физичко насилство. Во земјава постои тренд на висока застапеност на семејното насилство, а тоа трае подолго од 20 години, вели Стојан Мишев, дипломиран правник и координатор на програмата за олеснување на пристап до правда во Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените ЕСЕ. Токму за жените и девојките од ранливи категории е наменета Академијата за дигитален маркетинг што ја организираат Сеавус Едукативен и развоен центар во соработка со IMPACT Foundation, а е поддржана од програмата RECONOMY.

Здружението ЕСЕ е формирано во 1994 година и работи на подобрување на имплементацијата на економските и социјалните права на граѓаните во државата, со фокус на ранливите групи на граѓани. Повеќе од 20 години работат на подобрување на состојбата на жените кои претрпеле семејно насилство, на одговорот на институциите на овој сериозен проблем.

Стојан Мишев / Фото: Youtube

– Промовираме двостран пристап во нашата работа. Од една страна, обезбедуваме директна помош и поддршка за жените. Бесплатни правни совети, психолошка поддршка и судско застапување за надминување на проблемот со насилството и решавање на поврзаните правни проблеми (развод, старателство, издршка, имотни односи, надомест на штета и др.). Од друга страна, работиме на јакнење на знаењата и вештините на практичарите од надлежните институции (полиција, судови, ЦСР, здравствени установи) за да одговорат на потребите на жените кои претрпеле семејно насилство. Директната помош и поддршка за жените кои претрпеле семејно насилство ја обезбедуваме преку Центарот за правна помош (ЦПП) кој работи од 2002 година и преку интернет-платформата pobarajsovet.mk, која беше формирана за време на вонредната состојба во 2020 година. До сега имаме обезбедено бесплатна правна помош на повеќе од 4.000 жени за да ги решат проблемите со кои се соочуваат – вели Мишев.

Постои ли во Македонија статистика за бројот на жртви на семејно насилство? Какви се официјалните бројки во однос на реалната состојба?

– Во однос на статистика за семејното насилство, мора да се нагласи дека во државата не постои унифициран систем за собирање и редовно објавување податоци од страна на институциите. Голема е разликата помеѓу бројот на жени кои претрпеле и жените кои го пријавиле семејното насилство во институциите. Нашите истражувања укажуваат дека во Македонија постои тренд на висока застапеност на семејното насилство и тоа во период подолг од 20 години. Истовремено, постои потреба за поголемо информирање на јавноста, односно жените, како да го препознаат семејното насилство и кои се законските механизми за нивна заштита.

Загрижува тоа што секоја втора жена во државата претрпела одредена форма на психолошко насилство кое се манифестира преку контрола, изолација на контактите со роднините и пријателите, ограничување на движењето, предизвикување на емоционални страдања на жената, инсистирање неговиот збор секогаш да е последен, заплашување, омаловажување или навредување пред другите, спречување да работи надвор од дома (економско насилство) итн.

Секоја петта жена претрпела физичко насилство, кое се манифестира преку употреба на физичка сила или закана дека брачниот партнер (сегашен или поранешен) или вонбрачнен партнер или од друг полнолетен член од домаќинството ќе употреби физичка сила. Сексуалното насилство сè уште е табу-тема во општеството, а е изразено како несакан сексуален однос или друг вид на несакана сексуална активност.

Според податоците со кои располагате, кои жени се најчесто жртви на семејно насилство? Може ли да се формира профил, возрасни категории, социјален статус, степен на образование?

– Семејното насилство претставува сурова форма на насилство врз жените. Се случува во домот – местото каде што треба да се чувствуваме најсигурно, најбезбедно. Основна причина за појава и опстојување на семејното насилство е прифатеноста на традиционалните патријархални норми кои налагаат подредна улога на жената во однос на мажот во бракот и во општеството.

Одредени фактори можат да придонесат да ескалира насилството, како што се употребата на дрога, алкохол, сиромаштијата, невработеноста и други, но родовата нееднаквост е суштината на овој сериозен општествен проблем. Семејното насилство е застапено помеѓу жените од сите социо-економски категории и претставува сериозен проблем на глобално ниво, со оглед на тоа дека се случува и во високо развиените држави во светот. Мора да се нагласи дека одредени групи на жени во државата се посебно ранливи во однос на семејното насилство, како што се жените припаднички на етничките малцинства, како Ромките и Албанките и жените што живеат во руралните средини.

Колкав процент од нив бараат помош, правна, психолошка, социјална?

– Нам годишно ни се обраќаат околу 200 жени за кои обезбедуваме правна помош и психолошка поддршка. За илустрација, во 2020 година во ЦПП се обратиле 205 жени за решавање на проблемот со семејното насилство и останатите правни проблеми. Најчестите правни проблеми со кои се соочиле се поврзани со семејното насилство и законските механизми за заштита, како и: разводот на брак (44), издршката (40), старателството (26), социјалната заштита (18) и други.

Обезбедивме бесплатни правни совети и подготвивме 124 писмени поднесоци: 35 тужби за развод на брак, 15 тужби за издршка, 8 тужби за старателство, 8 предлози за изрекување на мерки за заштита, 10 кривични пријави, 10 жалби, 4 одговори на тужби и 36 писмени поднесоци од друг вид (барања, ургенции, приговори и др.). За 5 жени кои беа во најнеповолна социо-економска состојба обезбедивме и бесплатно судско застапување за решавање на проблемите со кои се соочуваат.

Колку правниот систем во земјава ги овозможува правата утврдени со Закон? Право на алиментација на пример? Колку се почитуваат законите?

– Семејното насилство во државата е законски регулирано од 2004 година. Актите на семејно насилство (психолошко, физичко, сексуално) претставуваат кривични дела за кои е предвидена казна затвор. Истовремено, предвидени се посебни мерки за итна заштита на жените кои претрпеле семејно насилство. Надлежни институции за пријавување на насилството се Центрите за социјални работи и полицијата. За заштита од семејно насилство, предвидени се следните законски механизми:

  • Обезбедување на итна заштита и запирање на насилството преку изрекувзње на привремени мерки за заштита (ПМЗ) од страна на основен граѓански суд. На тој начин му се забранува на насилникот да врши понатамошно насилство, да се заканува, комуницира, контактира, да се приблишува до жртвата. Му се налага надоместување на медицинските трошоци, предавање на оружјето, отстранување од домот, посетување на советувалиште, задолжително лекување итн. ПМЗ се изрекуваат од страна на суд, врз основа на предлог поднесен од ЦСР или лично од страна на жените;
  • Кривична постапка за сторени кривични дела како резултат на семејно насилство, која се поведува преку пријавување на семејното насилство во полиција.

За жал, иако семејното насилство во Македонија е законски регулирано веќе 17 години, државата не го приоритизираше ова прашање, ниту пак алоцираше буџетски средства за справување со оваа појава. Како резултат на ваквиот однос, законските решенија за заштита на жените кои претрпеле семејно насилство не се спроведуваат во пракса и жените не можат да ги остварат своите законски гарантирани права. Истовремено, државата многу малку внимание посветува на информирање на населението, односно жените како да го препознаат семејното насилство и кои се законските механизми за заштита, односно на подобрување на постапувањето на институциите како што се ЦСР, полицијата, судовите и др.

Фото: Pixabay

Како организација активно се залагаме да се надминат овие недостатоци и посветени сме на подобрување на знаењата и вештините на практичарите, но и на целиот институционален одговор кон семејното насилство. Последната година воспоставивме соработка со МВР, да да подготвиме насоки за подобрување на постапувањето на полиција во случаите на семејно насилство. Во соработка со основните судови работиме и на унапредување на одделни аспекти од постапувањето на судиите во овие постапки. Неопходно е менување на досегашниот пристап на државата, односно приоритизирање на семејното насилство и алоцирање на доволно финансиски, човечки и технички ресурси за работа на ова поле.

Каква шанса добиваат жените жртви на семејно насилство кои ќе решат да се осамостојат?Како наоѓаат работа, издржување на децата и слично?

– Финансиската зависност на жените е една од причините поради кои остануваат во насилната заедница и не се одлучуваат да го пријават насилството. Дел од жените после осамостојувањето се соочуваат со неможност да обезбедат пари за основните животни трошоци – за кирија, храна, облека, образование за децата и др. Истовремено се соочуваат со дополнителни трошоци (судски такси, вештачење) кои произлегуваат од самите судски постапки кои ги водат за решавање на проблемот со насилството и другите правни проблеми, како што се разводот, старателството, издршката и сл. Во суштина, потребно е економско јакнење и вработување на жените за успешно да ги решат проблемите со кои се соочуваат и продолжат со својот живот по напуштањето на насилната заедница.

Колку овие програми (како во случајот Академијата за дигитален маркетинг) може да им помогнат да застанат на нозе и да почнат од почеток?

– Јакнењето на специфичните работни вештини на жените е предуслов за заработување и подобруање на нивната економска состојба. Добивањето на специфични вештини, како што е случајот со програмата за дигитален маркетинг може да биде од особена помош за жените кои изработуваат одредени ракотворби, уникатни производи, но и генерално за сите жени кои се вклучени во обезбедувањето на различни видови на услуги. Токму затоа Здружение ЕСЕ лани го основаше социјалното претпријатие – интернет платформата ПОГОН, каде што дел од жените ги промовираат и продаваат своите производи, а средствата што ги остваруваме се искористуваат за поддршка на работата на Центарот за правна помош. Веруваме дека подобрените вештини за дигитален маркетинг ќе им бидат од корист на жените и ќе придонесат за поголема промоција на нивните производи и услуги на пазарот на труд.

Насловна фотографија: Pixabay
Графиконите се од „Извештајот од судско набљудување на кривични и граѓански предмети за семејно насилство“ изработен од Здружението ЕСЕ

Сподели