Шестмина ученици од Македонија на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки во Дубаи

Петмина ученици во прва година и една деветтоодделенка ја претставуваат Македонија на 18. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки која свечено ќе биде отворена утрово, а ќе трае до 21 декември. Натпреварот се одржува во Дубаи, а домаќини се Обединетите Арапски Емирати.

На престижниот натпревар се квалификуваа Иван Костевски и Марио Ванчоски од средното училиште „Славчо Стојменски“ од Штип, Матеа Митревска, Алексиј Тасиќ и Андреј Стојановски од приватното училиште „Јахја Кемал“ од Скопје и Теона Ана Георгиевска од основното школо „Љубен Лапе“ од скопската Општина Аеродром.

На олимпијадата ќе учествуваат околу 900 натпреварувачи, лидери, набљудувачи и гости од повеќе од 70 земји од светот. Дел од тимот што ги подготуваа нашите ученици се Друштвото на физичарите на Република Македонија, а редовно учествуваат и претставници од Сојузот на хемичари и технолози на Македонија и од Македонското биолошко друштво.

Насловна фотографија: ДФРМ

Сподели