Филмот „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески на фестивалот „Слемденс“ во САД

Македонскиот игран филм „Снежана на крајот умира“ по сценарио и во режија на Кристијан Ристески ќе има премиера на фестивалот „Слемденс“, кој ќе се одржи во живо и онлајн, во периодот од 20 до 30 јануари во Парк Сити, САД. Станува збор за социјална драма – комедија на апсурд, која се занимава со тоа колку е ужасно тешко да се остане чесен и верен на своите вредности во морално корумпирана средина.

Филмот е составен од 3 испреплетени приказни за 3 групи луѓе, една мува, едно прасе, една клозетска шолја и еден град, чии патишта се допираат и влијаат еден на друг. Главните улоги во филмот ги толкуваат: Верица Недеска, Наташа Петровиќ, Сашко Коцев, Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ, Давид Јанакиев и Тино Костадиновски.

Филмот е македонско-кипарска копродукција меѓу продукциските куќи „Вертиго Висуал“ од Македонја и „Карета Филмс“ од Кипар, а финансиски е поддржан од македонската Агенција за филм и кипарскиот филмски фонд. Продуцент на филмот е Дарко Попов, кинематографери се Димо Попов и Севдије Кастрати, монтажер е Горан Вуќиќ, композитори се Александар Пејовски и Ставрос Макрис, сценограф е Сашо Блажевски, костимограф е Емилија Ивановска Атанасовска, дизајнер на звук е Грег Малканџи, маскер е Мојца Горогранц Петрушевска, кастинг директор е Мони Дамевски.

„Слемденс“ е Оскар-квалифицирачки фестивал на дебитантски филмови со буџет до милион долари, чие мото е „од филмаџии за филмаџии“. Оваа година селекцијата на филмовите е извршена од преку 8.100 пријавени филмови. На овој фестивал своите светски премиери ги имале режисерските дебија на Кристофер Нолан (познат по „Tenet”, „Dunkirk“, „Inception“), Бонг Џун Хо („Parasite“, „Okja“, „Memoirs of a Murder“), Шон Бејкер („Red Rocket“, „The Florida Project“, „Tangerine“)…

Сподели