Истражувањето и развојот не се само показател за цивилизациското ниво на едно општество, туку се и моторната сила за иновациите во една земја, вели проф. д-р Зоран Здравковски, претседател на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија

Вложувањето во научни истражувања има долгорочна корист и позитивни последици во развојот на секое општество. Затоа земјите кои најмногу вложуваат на ова поле се и центрите на економската моќ. Егзодусот на нашите млади сили е токму во тие земји – Европската Унија, САД, Австралија и Нов Зеланд, вели проф. д-р Зоран Здравковски, претседател на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ) и долгогодишен професор на Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје, денес во пензија. Во интервјуто за Умно.мк тој зборува за состојбата со научните друштва во земјава, за вложувањето на државата во науката, за работата со талентирани ученици кои во последните години постигнуваат одлични резултати на меѓународните натпревари.

Во 2022 година Сојузот на хемичари и технолози на Македонија ќе одбележи 75 години од основањето. Во какви услови за работа ќе го дочекате јубилејот?

– Оваа и минатата година животот е целосно изменет во сите сфери. Тоа се чувствува и во образовниот процес каде што се и најголеми број од активностите на СХТМ. Минатата година мораше да го одложиме традиционалниот Конгрес на СХТМ што требаше да биде 26-ти по ред. Го одложивме и годинава, но сепак го одржавме многу помалиот по број на учесници Студентски конгрес на СХТМ. Во согласност со епидемиолошките препораки тој беше од хибриден тип – со физичко присуство и со онлајн-презентации. И минатата и оваа година беше откажана манифестацијата „Ноември – месец на науката“ што ја организираме заедно со останатите здруженија од природните науки. Натпреварите за средните и основните училишта по хемија се одржаа исто така делумно онлајн и со физичко присуство.

Проф. д-р Зоран Здравковски

Меѓународните олимпијади по хемија на кои подготвуваме екипи што ја претставуваат Македонија беа одржани онлајн. Оваа година беше откажан и т.н. Женски појадок, манифестација за промоција на родовата еднаквост во науката што се одржува под покровителство на Европското хемиско друштво. Единствено немавме проблеми со издавањето на нашето научно списание, затоа што и без тоа целиот издавачки процес се одвива онлајн. Затоа во вакви услови навистина е тешко да се размислува за прослава, иако чувството на гордост е неодминливо, особено што еве успешно се прилагодуваме и во вакви тешки времиња.

Долги години сте член на СХТМ и негов актуелен претседател. Може ли да направите споредба како се работело во првите 45 години, што се смени во изминатите 30 години самостојност?

– Секогаш има голема доза на носталгија за некои минати времиња, но искрено не сум од тие што многу размислуваат на таа тема. Целосно се посветувам, а тоа го прави и целото раководство, како може да направиме промени и да го развиеме здружението во области независно од ситуацијата што нè опкружува. Во последните години направивме структурни промени во смисла на транспарентност во работењето, финансиска стабилност, поттикнување на членовите самостојно да развиваат нови активности, итн. Меѓу другото започнавме активност кон унифицирање на терминологијата и номенклатурата во хемијата во соработка со МАНУ. Тоа Сојузот го правел и порано, но сега благодарение на преводите на учебници што го финансираше Владата, а во кои учествуваше голем дел од наставниот кадар на Институтот за хемија, чувствуваме поголема одговорност тоа да се направи. Секцијата за образование се пријави на конкурс објавен од Џонсон-Мети за опремување на повеќенаменска лабораторија што ќе се користи за подготовка на олимпијците, за работа со ученици итн. Од овие причини, не мислам дека општествената промена имала некој суштински удел во работата на Сојузот, мислам дека сега членовите се многу посвесни што сè самите може да направат и затоа покажуваат поголема инцијатива.

Каде во моментот го гледате најголемиот придонес на Здружението денес?

– Нашите главни активности се насочени во неколку правци: издавање научно списание, организирање на научни советувања, работа на терминологија во хемијата, натпревари за средни и основни училишта, учество на олимпијади по хемија и воопшто популаризација на хемијата. Иако сите се важни на свој начин, сепак мислам дека нашиот најголем придонес за нашето општество е издавањето на списанието Macedonian Journal of Chemistry and Chemical Engineering кое во 2024 ќе одбележи 50 години од првиот број. Во 2009 година беше вклучено во престижната база на списанија Web of Science со што го доби т.н. фактор на влијание. Тоа претставува еден параметар за неговиот квалитет и воедно признание за напорите што се вложени од генерации на уредници, уредувачки одбори и автори кои објавувале во него.

Од 2011 излегува и онлајн и целиот уредувачки процес се изведува дигитално, од поднесување на трудовите, до процесот на рецензирање, корекции и објавување. Тоа беше пред своето време барем споредено со списанија од здруженија на соседните земји и дури беше примено со скепса и од некои наши колеги. Издавачката платформата што ја користиме е од типот на слободен софтвер, што бара малку поголем труд од сите кои ја користат, но од друга страна е бесплатна. Исто така, треба да се истакне дека сите научни работници кои учествувале во овој навистина голем успех работеле и сè уште работат на доброволна основа. Сакам да се заблагодарам на МОН кој последните години финансиски го помага издавањето на ова наше научно списание.

МОН соопшти дека државата издвојува 0,37 % од БДП за наука што е за 0,17% повеќе од пред едена деценија кога се издвојувало само 0,2 %. Како Вие како научник гледате на оваа ставка?

– Сите кои сме вклучени во процесите на научно истражување и развој кои кај нас во најголема мера се одвиваат на универзитетите, искрено се радуваме на ваквата долгоочекувана промена. Сепак да се потсетиме и да ја ставиме во контекст оваа вредност: во 2019 година во Европската Унија и во Кина издвојувањето изнесуваше 2,23%, во САД 3,08%, во Јапонија 3,20% додека во Јужна Кореја 4,64%! Инаку ЕУ уште во 2000 година зацрта дека за десет години издвојувањето од буџетот за научно истражување и развој треба да изнесува 3%. Тие тоа не го постигнаа и во таква хетерогена унија каде беа примени и нови членки можеби тоа е разбирливо. Да се вратиме на наш терен, искуството нè учи многу воздржано да се радуваме на овој пораст, се плашиме ова ќе биде искра која ќе згасне како што се појави. Секогаш кога има вонредни трошоци како што е сега случај со оваа пандемија, прво се кратат средствата предвидени за наука.

Сите научни друштва во земјава се во слична состојба. Што очекувате од државата како поддршка за научната дејност, и како тие влогови ќе ѝ се вратат на долгорочни патеки?

– Да се надоврзам на претходното прашање, ние како здруженија се чувствуваме како дел од просветителскиот процес во областа на природните науки и затоа сме разочарани од односот на државата кон нас. Но, од друга страна, тој однос не се разликува и од односот на државата кон науката и универзитетот воопшто, а посебно кон факултетите од природните науки. Ќе го повторам само она што многу пати е кажано: вложувањето во научни истражувања има долгорочна корист и позитивни последици во развојот на секое општество. Истражувањето и развојот не се само показател за цивилизациското ниво на едно општество туку се и моторната сила за иновациите во една земја. Затоа земјите кои најмногу вложуваат на ова поле се и центрите на економската моќ. Егзодусот на нашите млади сили е токму во тие земји, а заради блискоста на културата тоа се земјите на Европската Унија, САД, Австралија и Нов Зеланд. Нашите актуелни политичари кои, за жал, не се залагаат за консензус во некои клучни области како оваа, бараат брзи решенија и целосно го игнорираат овој проблем; му се навраќаат декларативно само повремено. Сите сме свесни дека за тоа е потребна долгорочна стратегија независна од дневната политика.

Неодамна Универзитетот „Стенфорд“ ја соопшти листата на највлијателни научници во светот. Од најмалку осуммина од Македонија, дури четворица излегле од Институтот за хемија. Како го доживувате овој факт?

– Тоа не ме изненадува затоа што со години најголемиот број трудови во списанија со фактор на влијание кај нас беа од Институтот за хемија. Имав среќа да работам и да се развивам во институција каде објавувањето на научни трудови беше нешто сосема нормално, а не дека законот тоа го бараше. Ќе ви наведам само еден личен пример. Мојот ментор, проф. Подолешов, кога работев магистерска работа не сакаше да закажеме одбрана додека не ни објавија два труда во „Acta Pharmaceutica Jugoslavica“ – сакаше да добие независна рецензија и валоризација на она што го работев. Тоа подоцна стана и пракса на Институтот за хемија каде беше направен интерен договор: пред да се пристапи кон одбрани на магистерски или докторски дисертации да се објави труд во списанија со фактор на влијание, критериум многу построг од универзитетските барања. Затоа Институтот за хемија и Технолошко-металуршкиот факултет ги обединија силите да го донесат и нашето списание на ниво на кое се наоѓа.

Да не ги заборавиме најмладите надежи во науката. СХТМ со години ентузијастички ги подготвува талентираните ученици за меѓународните олимпијади од каде најчесто се враќаат со медали и признанија. Пред пандемијата одвај наоѓавте спонзори за тимот да замине на натпреварот. Зошто државата не ги презема овие таленти под своја закрила?

– Одговорот на ова прашање сепак треба да се бара од органите на државата. Ние сме ја презеле одговорноста за подготовка на тимот и целата логистика, и како што убаво рековте ентузијастички, но повеќе пати сме укажувале дека државата мора да го преземе финансискиот товар околу учеството. Не дека државата не дава средства, но начинот на кој средствата се префрлаат во најмала рака е понижувачки. На пример, на повеќе наврати Агенцијата за млади и спорт им префрлаше средства на учесниците кои тие потоа „доброволно“ ги уплатуваа на нашето здружение. Со тие средства ние ја плаќавме котизацијата и авионските карти не само за нив, туку и за задолжителните два ментори кои го сочинуваат тимот. Многу пати сме барале да не се прават вакви финансиски акробации, туку ние да им доставиме фактури за овие трошоци за целиот тим и да ги платат директно, а не преку учениците. Не можеме да разбереме ако нема законска можност тоа да се направи, зошто не се прилагоди законот? Зошто овие олимпијци не се третираат како учесниците на спортските олимпијади? Впрочем тие ја претставуваат нашата земја, а не нашиот сојуз!

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.