Филигран концерт на алтан музичари!

Галење на сите сетила, прошетка низ спомени, низ личното длабоко, но и колективното минато. Синоќа сведочевме убавина благодарение на Крсте Роџевски и неговата гостинка, виолончелистката Томика Рид на концертот што се одржа во Македонската филхармонија. Некои луѓе кога ќе ги слушнете на концерт сфаќате колку ви недостигаат почесто да можете да ги слушате во вашиот град. По шест години Роџевски и Рид настапија заедно во Скопје. Синергијата што постои помеѓу нив не попусто ги спои и на овој настап. Ги слушнавме песните од последниот албум „Крстена вода“, како и од „Батанија“. Томика Рид на некои песни се вклучи и со вокал и звучеше прекрасно.

Како поинаку да започне концертот отколку со „Грутка“ од „Крстена вода“ и „Кирие елеисон…“, буквално како молитва… Следуваа Меџитлија, Празен гоблен, Види ја ти неа, Денови избројани, Sвер, Фалш. И посебна убавина на концертот му даде и природноста на Крсте и Томика и спонтаните моменти и импровизации, со оглед на тоа дека го слушнавме скелететот на овие композиции, како што ги нарече Роџевски.

Гостинки на концертот беа прекрасните Дина Јашари и Вера Милошевска Јосифовска. Јашари го придружи Роџевски на „Крк Кардаш“, додека Вера ја слушнавме во две изведби со него, на „Кирајџијче, јабанџиче“ и „Ој љубов“.

Нежно и со боцки, таков концерт најави единствениот Роџевски, таков и беше. Рамнодушен не остави никого. Многу љубов ни подарија, љубов што ни треба многу во времињава несигурни и посебно навредливите денови во катастрофалните екоуслови во кои живее градот.

Македонија, нејзината историја, менталитет, идентитет, убавото, лошото – сето тоа е инспирација на Крсте Роџевски во неговата музика. Тој не’ потсетува на многу заборавени зборови, не’ потсетува на нас самите.

Овој настап беше прв концерт на новата промотерска агенција „Розе кадилак“ на Костадин Шурбановски.

Фото: Тоше Огњанов 

Сподели