Во киното „Манаки“, УКЛО денеска во 12 часот ќе одржи свечена седница по повод 45 години постоење.
Ева Нешкоска, студентка на Педагошки факултет – Битола е најдобриот оратор на натпреварот „УКЛО тривиум“, што го организираше Универзитетско студентско собрание при УКЛО – Битола. Настанот се одржа под боите на Европската универзитетска алијанса КОЛОРС. Второто место го освои Антонио Чоневски, студент на втор циклус студии на Педагошкиот факултет, а трето место му припадна на Дарко Трпковски од Правниот факултет. Ораторите говореа на слободна тема и имаа можност да ги искажат своите мислења и ставови по прашања кои ги сметаат за важни за нив и за општеството воопшто.
Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски посебно се осврна на важноста од познавањето на ораторската умешност и им порача на студентите дека ораторството е битна вештина за да ги изразат своите ставови и да се слушне нивниот глас.
И лидерот на студентите, Борис Гушевски, ги охрабри колегите да учествуваат во сите активности кои Универзитетското студентско собрание ги организира и особено многуте што следуваат, а оваа година ги има многу и се осветлени од боите на Алијансата КОЛОРС.
Жирито во состав: проф. д-р Виолета Јанушева, проф. д-р Билјана Граматкоски од Педагошкиот факултет и м-р Александар Тодоровски од Ректоратот на УКЛО за сите учесници доделија пофалници, а најдобрите се закитија со дипломи и парични награди.
Во рамки на настанот што се одржа во киното „Манаки“, вон. проф. д-р Tатјана Блажевска од Технолошко-техничкиот факултет – Велес одржа предавање на тема „Правилниот начин на исхрана како форма на самопочит“. Настапија и ученици од Државното музичко училиште во Битола.
Во киното „Манаки“, УКЛО денеска во 12 часот ќе одржи свечена седница по повод 45 години постоење.





