Еспорт или електронски спорт претставува компетитивно играње видеоигри, каде што играчите со употреба на своите ментални и физички способности се натпреваруваат во виртуелна околина.
Агенцијата за млади и спорт го призна електронскиот спорт (eспорт) за официјален спорт во државата. Директорот на АМС, Наумче Мојсоски, вчера му врачи Решение за дејност спорт на претседателот на Македонската еспорт федерација (МЕСФ) и генерален секретар на Меѓународната еспорт федерација, Бобан Тотовски.
– Навистина ми е голема чест и задоволство што денеска и официјално еспорт федерацијата станува дел од македонскиот спорт. Навистина ми е драго што сме согласни за сите услови и предизвици кои ги носат новите времиња. Сакам да истакнам дека сите спортови во нашата земја имаат и во иднина ќе имаат силна поддршка од Агенцијата за млади и спорт. Се обврзавме да бидеме тука за сите спортови, така и ќе продолжиме. Ви честитам на успесите кои досега ги постигнавте и ви посакувам поголеми успеси во иднина. Го препознавме вашиот талент и силна желба за големи успеси, ви посакувам како млади луѓе да продолжите со истиот ентузијазам и понатаму. Заеднички да ги споделуваме сите ваши достигнувања – рече Мојсоски.
За Тотовски, овој чин претставува потврда на тоа дека земјава ги следи светските движења.
– Кога во 2005-та година почнавме со мисијата за официјализација на еспортот, искрено, не се надевавме дека ќе требаат 17 години. Во ниту еден момент не изгубивме надеж и мотивација да ја постигнеме целта – рече Тотовски.

Според него, сега започнуваат вистинските предизвици за развој на македонскиот еспорт.
Федерацијта во изминатиот период работеше на имплементација на спортските стандарди во согласност со Законот за спорт, како и адаптација на врантрешната структура и интерно-организационите процеси.
МЕСФ е 66-та официјално призната еспорт федерација глобално, имајќи предвид дека истовремено е и една од 10-те првоформирани еспорт федерации во светот.
Еспорт или електронски спорт претставува компетитивно играње видеоигри, каде што играчите со употреба на своите ментални и физички способности се натпреваруваат во виртуелна околина. Популарноста на еспортот постојано расте со натпреварите што ги организира МЕСФ, национални еспорт лиги и квалификациски турнири за светски и европски шампионати.
За прв пат во историјата на Македонската еспорт федерација, лани се закитивме со два златни медала и станавме европски и светски шампиони во CS:GO.





