Книгата „Дидактика за родители“ е токму во насока на поддршка и јакнење на јавното мислење и унапредување на статусот и улогата на наставникот во општеството – вели проф. д-р Деан Илиев од Педагошкиот факултета од Битола
Во книгата „Дидактика за родители“ објавена во ноември минатата година, искусните наставници ќе станат свесни за современата улога на родителот во учењето и поучувањето, ќе прочитаат, ќе ги иновираат и осовременат своите знаења во поглед на поучувањето, ќе откријат за начините за соработка со родителите и можноста за поголемо, посоодветно и практично вклучување на родителите во процесот на поучување во училиштето и во домот и сл. Искусните наставници ќе направат рефлексија на сопственото искуство низ призмата на современите дидактички знаења во книгата. Кај родителите постои потенцијал кој треба да се развива со соодветни едукативни активности и соодветно подготвени и дизајнирани учебници, вели проф. д-р Деан Илиев од Педагошката академија во Битола, автор на делото.

Проф. д-р Деан Илиев
На кој сè начин родителот може да се вклучи во образованието на своето дете, но и како да подобри местото на наставникот во општеството, се теми што Илиев ги отвора во своето дело. Со него поразговаравме за предизвикот да се занимава со оваа тематика.
Колку време бевте фокусиран и посветен на книгата „Дидактика за родители“?
– Книгата „Дидактика за родители“ зрееше во мене повеќе години. Таа е плод на моето искуство во работата со искусните наставници, идните наставници, но и практикувањето на родителството. Едноставно, идентификував потреба од поголема едукација на родителот за поуспешно реализирање на својата улога како родител во делот на учество во процесот на учење на сопственото дете дома и на училиште, но и во учеството на родителот во процесот на поучувањето (или како што знаеме да кажеме – предавањето) од страна на наставникот во училиштето. Посебно значаен мотив за мене да почнам со пишување на оваа книга е вербата дека кај родителите постои потенцијал кој треба да се развива со соодветни едукативни активности и соодветно подготвени и дизајнирани учебници. Со оваа книга дидактиката како наука навлегува во подрачјето на учењето на возрасните и учењето и поучувањето во неформалниот сектор.
Што му нуди книгата „Дидактика за родители“ на читателот?
– Оваа книга нуди знаења и конкретни решенија на родителите како да ја подобрат својата улога во домашните задачи на учениците, примена на дидактичките принципи при помагањето на учењето на своето дете, разбирање на оценките кои детето ги добива за своето учење од страна на наставникот, како да се користат наставните медиуми во процесот на учење на детето дома, кои и какви се сличностите на сопственото дете со другите деца и зошто децата имаат различни постигнувања во учењето и развојот и сл.
Книгата „Дидактика за родители“ ги јакне компетенциите на родителите да учествуваат во работата на училиштето и наставникот. Овде родителите ќе прочитаат, научат и ќе можат да најдат примери за учество во реализација на наставата, за учество во донесување одлуки кои „традиционално“ досега ги носеше наставникот, а се однесуваат на училницата, организацијата на наставниот час, планирањето на наставата, создавањето на училиштен и училнички курикулум, дефинирање на целите на наставата и резултатите од учењето и сл.

Посебно е значајно што во книгата искусните наставници ќе станат свесни за современата улога на родителот во учењето и поучувањето, ќе прочитаат, ќе ги иновираат и осовременат своите знаења во поглед на поучувањето, ќе откријат за начините за соработка со родителите и можноста за поголемо, посоодветно и практично вклучување на родителите во процесот на поучување во училиштето и во домот и сл. Искусните наставници ќе направат рефлексија на сопственото искуство низ призмата на современите дидактички знаења во книгата.
Идните наставници и студентите на наставничките факултети и програмите за образование на наставници со користење на книгата ќе изградат слика за родителот како партнер во современиот воспитно-образовен систем, ќе стекнат нови дидактички знаења и ќе ги интегрираат како свои компетенции во делот на поучувањето и учењето.
Индиректен, но вистински корисник на книгата е ученикот кој преку целта на создавање на книгата и содржините во книгата добиваат соодветна помош и координирано и усогласено водење во учењето од две страни. Како што во воведниот дел од книгата наведувам, „Ученикот во родителот, преку книгава, добива партнер во учењето. Ученикот во родителот, преку книгава, добива сојузник и критичар. Ученикот во родителот, преку книгава, добива свесен и дидактички писмен наставник – дома. Преку книгава, ученикот во родителот добива модел на учење. Преку книгава ученикот во родителот добива родител по мерка.“
Зошто сметавте дека токму ова е актуелна тема за потенцијалните корисници на книгата „Дидактика за родители“?
– Книгата претставува нов и оригинален поглед на улогата на родителите во поучувањето и учењето на сопственото дете, давајќи одговор на вечните прашања, недоумици, дилеми и контроверзи поврзани со воспитно-образовниот процес. Овде се дава научен и стручен одговор за дел од прашањата кои директно ги засегаат родителите, а биле предмет на „лаички“, понекогаш „традиционални“ и маалски толкувања.
И педагошката наука и дидактиката се обидуваат на секаков начин да дадат одговор на современите услови во однос на националните образовни прашања, но и на интернационализацијата на образованието. Токму во такви услови педагозите, дидактичарите и луѓето кои се занимаваат поблиску со учењето на возрасните и перманентното образование треба да одговорат на актуелните прашања, да ги расчистат дилемите кои постојат кај „обичниот човек“, да создадат критичка маса и критички потенцијал кај сите граѓани во општетсвото дека само со учење може да го подобриме својот статус во општеството, но и статусот и позицијата на нашето дете во услови на промени. Учењето ќе помогне заедно да изградиме единствен пристап во развојот на образовниот систем, ќе го намали влијанието на непедагошки идеи, волунтаризмот во носењето одлуки и стихијноста водена од непринципиелни и теориски и практично неиздржани решенија.

Проф. д-р Илиев со своите студенти
Токму оваа книга ги отвора вратите за педагошки и дидактички писмен родител кој свесно, совесно и посветено ќе учествува во носењето на педагошки одлуки за своето дете.
Од кажаното може да се види дека со книгата „Дидактика за родители“ имате намера да го подобрите и статусот на наставниците во државата.
– Наставниците заслужуваат повеќе. Жарот и ентузијазмот за работа кој постои кај нашите наставници треба да се негува и поттикнува. Пред неколку години со мои колеги работев на еден документ со наслов „Концепција за унапредување на наставничката професија во Република Македонија“, кој може да се најде на Интернет. Во тој документ се истакнати и образложени голем број насоки кои би го подобриле статусот на наставниците, а во оваа прилика би ги издвоил следниве: селекцијата на кандидати за прием на студиските програми за образование на наставници со конкретни форми на стипеднирање на студентите…; поддршка за интернационализација на наставничката професија со користење на механизмите за аплицирање на Европски проекти преку обуки за изработка на проекти во образованието, учењето и наставата, обуки за изработка на проекти за индивидуални мобилности, обуки за проектен менаџмент, обуки за мониторинг и пишување извештаи од реализирани активности; поддршка за развој на професионални здруженија на наставници кои би давале препораки и сугестии, би биле партнери на државните институции во развој на квалитетот на курикулумот, квалитетот на учењето и поучувањето, професионалната ориентација на учениците, улогата на родителите во воспитно-образовниот процес и сл.; поддршка и промоција на наставничката професија преку медиумите; развој на систем за учење од рамноправен (peer learning) и препознавање на продуктот од таквото учење; унапредување на процесот на менторирање на наставниците, реорганизација на процесот на професионален развој и перманентно доживотно учење на наставниците, поддршка, валидација и наградување на кариерниот развој на наставниците и др.
Овие и уште многу други решенија би биле добра основа за унапредување и професионализација на наставничката професија. Книгата „Дидактика за родители“ е токму во насока на поддршка и јакнење на јавното мислење и унапредување на статусот и улогата на наставникот во општеството.

Како државата да ги привлече младите да сакаат да станат наставници?
– Често привлекувањето на младите за некоја професија за поврзува со финансиите. Но, тоа и не е најважниот момент. За привлекување на младите најважно е дефинирање на условите во наставничката професија, јакнење на статусот на професијата и стабилноста на работното место. Привлекувањето на младите во оваа професија започнува со професионалната ориентација на учениците и следењето на успехот, резултатите и постигањата на учениците во основното и средното образование, што е добар предуслов за соодветна селекција на идните кандидати за наставници.
Посебно е значајна селекција на кандидатите при влез на наставничките студиски програми. Сето тоа ќе ја зајакне вербата и довербата на општеството во наставникот. Паралено со тоа иницијалното образование на наставниците треба да биде реформирано, воедначено во однос на наставничкото јадро на ниво на држава и доминантно ориентирано на развој на наставничките компетенции. Отвореноста кон средината, соработката на наставникот со локалното население, неговата ангажираност во секојдневниот живот и проблемите на локалното население се фактор за идентификација на младите со наставничката професија. Секако, соодветното препознавање, вреднување и наградување на напорите и ангажманот на наставниците во реализација на наставничката професија од страна на државата само ќе придонесат за привлекување на вистинските луѓе во наставничката професија.





