Лексикографијата е мојата најголема љубов, вели Емил Ниами, добитник на наградата „13 Ноември“

Сè дури не станеме свесни дека до нас треба да имаме стручњаци за јазик, ќе владее ваквата ситуација. Оној што се занимава со јазик ќе ви укаже и на логичките грешки што ги правите, како на пример петкратно убиство, при што изразот означува дека убиството е направено пет пати, а не дека се убиени пет лица, вели Ниами

Живееме во време на инстант-информации. Ова што се случува со македонскиот јазик е очекувано и не ме зачудува. Деновиве гледам некаква кампања за медиумска писменост, но од друга страна се прашувам колку работниците во медиумите се писмени. Навистина е поразителен фактот што медиумите ни го сервираат сето тоа – вели Емил Ниами, доктор по филолошки науки. За Ниами 2021 година беше исклучително важна, зашто ја доби наградата „13 Ноември“ за создавањето на Речникот на антонимите во македонскиот јазик, во издание на „Ми-Ан“ од Скопје.

Активно се занимава со преведувањето од руски, од англиски, од италијански јазик. Има преведено голем број играни и сериски филмови, документарна програма, вести, како и голем број симултани и консекутивни преводи. Во 2007 година ја одбранил магистерската теза „Паронимите во македонскиот во споредба со рускиот јазик“ (ментор д-р Красимира Илиевска). Вели дека лексикографијата, односно делот од лингвистиката што се занимава со составување разни видови речници, најмногу му лежи на срце.

Емил Ниами

Годинава ги промовиравте Речникот на антонимите во македонскиот јазик и Речникот на пароними во македонскиот јазик. Како ги подготвувавте овие речници? Може да ни ја доближите Вашата научна дејност?

– Овие зборови (семонимите) се моја научна страст уште од времето кога бев студент. Веќе на четврта година, кога решив дека ќе продолжам на постдипломски студии, знаев дека ќе се занимавам со лексикологија. Речниците се моја опсесија сиот мој живот. Уште кога бев многу мал, во првите години од основното образование, многу често го прелистував Англиско-хрватско-српскиот речник на Рудолф Филиповиќ, а исто така големо внимание посветував и на еден мал речник кој своевремено ми беше интересен, а тоа беше есперанто-српски. Отсекогаш сум сакал да давам толкувања на зборовите, да наоѓа т.н преводни еквиваленти, да ја пронајдам нијансата што е потребна… Овие два речника се всушност производ на одамна одбранетите магистерска и докторска дисертација, кои беа споредбени, односно во едната ги споредував паронимите во рускиот и во македонскиот, а во другата, пак, антонимите во овие два јазика. Особен предизвик ми беше што на овие две теми дотогаш немаше речиси ништо напишано во нашата земја. Како плод на таа работа и на многу размислувања и разменети искуства, се добиени и овие речници.

Во научна смисла, ме привлекуваат теми кои се однесуваат на лексикологијата, на традуктологијата и на социолингвистиката, но сепак лексикографијата, која во последниве неколку децении од практична е подигната на научна дисциплина, е мојата најголема љубов. Многумина не сфаќаат дека создавањето (или како што велиме ние лексикографите: пишувањето) речници е комплексна наука. За сè постои правило кое, пак, се засновува на определени логични принципи. Првото и основно правило на лексикографијата е да се даде максимум-информација во минимум-простор. Но, и тука постојат отстапки, повторно сè зависи од видот и од типот на речникот, буквално треба да се совлада целата материја, а потоа, доколку создавате некое лексикографско дело, треба умно да смислите сопствен принцип, кој ќе биде оправдан.

Еден сте од добитниците на наградата „13 Ноември“. Ви значи ли ова признание, го доживувате ли како круна на посветеноста во Вашата дејност?

– Наградата ја доживувам како гест на признание за мојата работа. Искрено, изненаден бев кога ми соопштија дека сум добитник на наградата. Можеби звучи како лажна скромност, но навистина беше така, иако знаев дека книгоиздателството „Ми-Ан“ ме номинираше и дека за истата номинација беше добиена и поддршка од релевантни поединци од нашево општество. Секако, на сите ним сум им благодарен за довербата што ја имаат во мене. Наградата ја добив за научна дејност, односно за Речникот на антонимите во македонскиот јазик и за Речникот на паронимите во македонскиот јазик, кои беа први од ваков вид во македонската лексикографија. Најмногу од сè ми значи што ова е признание од мојот роден град, градот што го сакам најмногу од сите градови во светот, без оглед на сите несносливи измени што ги доживеа во последниве две децении.

Во каква состојба е македонскиот литературен јазик, мислејќи при тоа на неговата говорна употреба? Лесно прифаќаме странски зборови, тешко посегнуваме по постари наши зборови.

– Живееме во време на инстант-информации. Ова што се случува со македонскиот јазик е очекувано и не ме зачудува. Деновиве гледам некаква кампања за медиумска писменост, но од друга страна се прашувам колку работниците во медиумите се писмени. Навистина е поразителен фактот што медиумите ни го сервираат сето тоа. Знаете, станува збор за верига: информацијата е сервирана од некој медиум, истата се пренесува на социјалните мрежи, оттаму во домот, во училиштата, во кафеана, на улица…

Емил Ниами

Сè дури не станеме свесни дека до нас треба да имаме стручњаци за јазик, ќе владее ваквата ситуација. Оној што се занимава со јазик ќе ви укаже и на логичките грешки што ги правите, како на пример петкратно убиство, при што изразот означува дека убиството е направено пет пати, а не дека се убиени пет лица.

Пред неколку месеци сведочевме на ситуација во која се побара и се реализира да се отстранат зборови од Толковниот речник. Дозволиво ли е тоа? И дали Вам Ви е познато во други јазици да се случиле слични ситуации?

– Таа постапка во религијата се нарекува „богохулство“. Јас тогаш не изнесов личен став, ами гласно го изговорив и пластично го објаснив научниот став. Тоа мое објаснување го поддржаа најголем дел од моите колеги, а тоа беше доволно за јавноста да сфати дека околу ова прашање сите сме согласни и доследни. Секако дека постоеле и постојат вакви ситуации, ги има многу во светот и низ историјата. Сакам само да потсетам дека политкоректноста, на која многумина се повикуваат, треба да биде обврска на говорителот, а лексикографијата е должна да ги регистрира и да ги опише или да даде преводен еквивалент на сите зборови што постојат или што постоеле во јазикот, без оглед на тоа за каков лексички или стилски пласт станува збор.

Што Ве очекува на професионален план в година?

– Веќе го работам третиот речник од низата кој се однесува на хомонимите во македонскиот јазик. Се надевам дека потоа ќе имам малку повеќе време да се вратам на мојата потесна специјализација, а тоа е русистиката.

Сподели