Новинарите од Западен Балкан први во борбата за правда, но тешко ја добиваат за себе

Дека не постои простор за пофалба и оптимизам, покажува и последниот извештај на Индекс за безбедност на новинарите, според кој, сите земји од Балканот се умерено оценети, ако се знае дека оцените се движеле од еден како најлош до седум како најдобар

Автори: Милена Атанасоска-Манасиева, Тамара Кликовац и Александар Станков

Протести, штрајкови, несреќи, избори, известување за човечки судбини и проблеми на граѓаните… Новинарите од Западен Балкан често се во првите редови кога треба да се бара правда во име на другите, но последни кога чекаат правда за себе. Ова може да се заклучи ако се анализира положбата на медиумските работници во Србија, Северна Македонија и во Црна Гора, каде што само во последните три години се забележани десетици напади, закани и опструкции додека ја вршат својата работа.

Општествено-политичките тензии, поделбите, говорот на омраза на социјалните мрежи се директна причина за ваквата состојба, а бавните истраги и неказнивоста на сторителите се дополнителен поттик за оние што брутално ги задушуваат медиумските слободи и ја загрозуваат безбедноста на новинарите.

Дека не постои простор за пофалба и оптимизам, покажува и последниот извештај на Индекс за безбедност на новинарите, според кој, сите земји од Балканот се оценети умерено, ако се знае дека оцените се движеле од еден како најлош до седум како најдобар.
Македонија е најдобра во регионот со оцена од 3,93, потоа следува Хрватска со 3,73, па Црна Гора со оцена 3,59. Следува Косово со оцена од 3,39, Албанија со 3,38, Босна и Херцеговина со 3,00, а најлошо рангирана е Србија со 2,95.

МАКЕДОНИЈА: БАВНА ПРАВДА ЗА НАПАДИТЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ НОВИНАРИ

Од вкупно 23 случаи на повреда на правата на новинарите во последните три години, регистрирани од страна на Здружението на новинарите, разврска има само за два, односно казнет е само еден сторител. Македонските новинари често се жртви и на онлајн закани и навреди, особено новинарките кои се мета и на сексистички напади, тренд што особено зема замав во последните неколку години.

Павле Беловски

Претседателот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Павле Беловски, вели дека годинава состојбата со нападите врз новинарите е подобрена за разлика од минатата, кога имало 14 напади. Но, потенцира дека онлајн нападите сè уште се постојани и постои атмосфера во општеството во која од голем дел од населението ги гледа новинарите како виновници за сè.
– Секако, за тоа многу придонесуваат и политичките поделби и општата наелектризираност во општеството – вели Беловски.

2020 – црна година за медиумските работници

Според Регистарот за напади и закани кон новинарите на ЗНМ, во 2019 година имало четири случаи, од кои еден е физички напад врз новинарка, а преостанатите се вербални. ТВ-репортерката Мирјана Мирчевска-Јовановиќ била физички нападната од припадник на агенција за обезбедување додека известувала од верски настан во Скопје. Поднесена била пријава за нападот. Таа вели дека во моментов нема информација до каде е случајот, а приватно не се решила да тужи. Разочарана е од институциите, за кои вели дека не ја заштитиле.

Во 2020 година се регистрирани рекордни 14 напади и закани кон новинари и медиумски работници. Од нив два се физички напада, а преостанатите се закани, закани за живот и вербални напади. Дел од нив не се пријавени во институциите. Два случаја се само завршени со една правосилна пресуда, каде што на престапникот му е изречена казна затвор. Се работи за поранешен портпарол во Централниот регистар, кој вербално ги нападна новинарките Мери Јордановска и Искра Коровешовска.

– Често сум премолчувала пред навредите, но не можев да го премолчам она што ми се случи во 2020 година кога тогашниот портпарол на Централниот регистар, член на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Јакимовски, почна да ми испраќа заканувачки и навредливи пораки на „Телеграм“: „Ќе те гледаме на некролог“, „Странски платеник“, „Знам каде живееш точно“, фотографии со лисици на раце… беа само дел од пораките што Јакимовски ми ги упати, што беше страшно вознемирувачки – вели Јордановска.

Мери Јордановска

Таа одлучила да го пријави случајот откако дознала дека сторителот е пријавуван и за семејно насилство. Јакимовски беше осуден на една година и 8 месеци затвор и беше испратен на задолжително лекување.
– Тој ја издржа затворската казна и сега е на слобода. Токму преку овој пример, апелот е дека не смее да се молчи пред навредите и пред заканите бидејќи тоа е единствен начин да се развие свеста и да се санкционираат сторителите – вели таа додавајќи дека за институциите да преземат мерки, мора да постои закана за живот.
Објаснува дека за сите други дела, како демнење, уцени, навреди, како новинари мора приватно да ги тужат лицата или да ги пријават во полициска станица.

Во 2021 година Регистарот на ЗНМ бележи 5 напади врз новинари, од кои еден е закана за живот, еден е напад на новинарска екипа, а преостанатите се закани и упатени навреди кон новинари. Во Кривичниот суд во Скопје за периодот од 2019 до ноември 2021 година се воделе шест судски постапки во кои бил вклучен новинар. Два предмета во кои како оштетени/жртви се јавуваат новинари се завршени со правосилна пресуда. Првиот е случајот за нападот врз новинарката Јордановска, а вториот е правосилна пресуда за напаѓач на снимателот Владимир Желчевски и новинарот Александар Тодоров од А1.Он во 2017 година.

Министерството за внатрешни работи во 2019 година регистрирало 15 повреди на правата на новинарите. За седум се изготвени предупредувања, за една е доставено известување до основното јавно обвинителство, за две е поведена прекршочна постапка и за три повреди е изготвена службена белешка. Во 2020 година имало 10 повреди на правата на новинарите. За три се изготвени предупредувања, за една е доставено известување до Основното јавно обвинителство, за две е поведена прекршочна постапка и за три е поднесена кривична пријава поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело загрозување на сигурноста.
Според податоците на МВР, до октомври 2021 година се регистрирани 8 случаи на напади врз новинари. За еден е доставено известување до Основното јавно обвинителство, за еден е поведена прекршочна постапка и за три е поднесена кривична пријава поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело загрозување на сигурноста по пат на компјутерски систем и повреда на авторско право и сродни права.

Фото: Милена Атанасоска-Манасиева

Од МВР велат дека во текот на 2020 година регистрирале и девет настани со употреба на навредливи или заканувачки зборови кон новинари употребени онлајн или вербално.
– Во периодот јули 2020-октомври 2021 година се регистрирани 9 пријави за онлајн закани кон новинари и медиумски работници. Сите се расчистени и доставени на понатамошно постапување до Јавното обвинителство – велат од МВР.

Навреди и по нападот

Новинарите често не пријавуваат дека биле нападнати, особено ако делото е вербален напад, психичко насилство или онлајн закана. Ваквиот тип насилство особено се засилува откако ќе се случи некаков напад врз новинар, па за тоа ќе известат новинарите. Токму ова ѝ се случило на новинарката Мирчевска-Јовановиќ.
– Ме нарекуваа со погрдни зборови, дека сум заслужила да ме удрат. Реакцијата на јавноста е разочарувачка за мене, особено кога доаѓа од жените кои аплаудираат на сексистички коментари и ставаат лајкови. Кој да нè заштити од тоа? – прашува таа.

И Беловски смета дека најголемиот проблем кога се работи за нападите врз новинарите и медиумските работници е непостапувањето на Обвинителството и судовите, но и полицијата.
– Во последните 4 години само два напада завршија со затворски казни за сторителите, а многу случаи немаа институционална завршница. Главниот проблем е тоа што најголем дел од овие напади, според сегашните законски прописи, мора да се водат по приватна тужба, а тоа повлекува огромни трошоци за нападнатите – вели Беловски.

Со новото законско решение, за кое се лобира четири години, е предвидена казна и за онлајн закани и напади, како и поведување постапка по службена должност. Според Беловски, ова ќе го олесни патот до правдата за нападнатите новинари и медиумски работници и истовремено ќе го намали бројот на напади.

Катарина Синадиновска

Катарина Синадиновска, претседателка на Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ), има сопствен пример што се однесува до пасивноста на институциите кога се работи за заштита на новинарите од закани, иако поднела и приватна тужба.
– Лани имаше случај кога по сугестија на адвокатот на ЗНМ, првпат се обидов да најдам судска заштита. Се работеше за човек кој две години ме навредуваше и ми се закануваше, преку приватни пораки на моите фејсбук и инстаграм-профили. Лицето беше вработено во приватна агенција за обезбедување, што значи поседуваше огнено оружје – вели Синадиновска.
Кривичната пријава ја поднела во јули 2020, а оттогаш имало една одлука за отфрлање на пријавата бидејќи не се одзвала да сведочи, а таа вели дека не добила покана, иако уредно оставила и телефон и електронска адреса. Но, по прифатена жалба од Вишото обвинителство, случајот повторно е во судска постапка.
– Една и пол година од кривичната пријава и цели три години од првата онлајн закана – едно големо ништо. Замислете што сѐ можело да ми се случи мене или на моето семејство во текот на целиот овој период – вели Синадиновска.

Здруженијата се за построги казни и законски измени

Здружението на новинарите на Македонија во последните години постојано го актуализира прашањето за безбедноста на новинарите. Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, побара од Основното јавно обвинителство да формира посебно одделение кое ќе ги гони напаѓачите на новинарите. Побара да се направат измени во Кривичниот законик со кои треба да се прошири надлежноста на Обвинителството да постапува по службена должност по кривични дела поврзани со напади врз новинари и медиумски работници и да се зголемат казните кон напаѓачите кои ќе придонесат да се демотивираат идните напади.

Претседателот на Собранието неодамна вети дека клучните измени, кои се во собраниска процедура, наскоро ќе бидат усвоени. Здружението на новинари смета дека тоа ќе придонесе за демотивирање на идните напади, но и за побрзо дејствување на институциите кога станува збор за нападите врз новинарите.
Инаку, ЗНМ и ССНМ предложија нападите врз новинарите да се сметаат за напади врз службени лица, а Основното јавно обвинителство да гони по службена должност.

Од Јавното обвинителство соопштија дека засега нема потреба од формирање специјализирано одделение за сузбивање кривични дела извршени врз претставници на медиумите, но дека доколку има законски измени, тие ќе се почитуваат.

СРБИЈА: МНОГУ ПРИЈАВИ ЗА ЗАКАНИ И НАПАДИ ОСТАНУВААТ ЗАГЛАВЕНИ ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО, СУДОВИТЕ НЕ ВОДАТ ПОСЕБНА ЕВИДЕНЦИЈА

Од почетокот на 2019 година до 1 ноември 2021 година, според Независното здружение на новинари на Србија (НУНС), биле формирани 186 случаи поврзани со закани и напади врз новинари во Србија. 28 од нив завршиле со пресуди или вонсудски спогодби, додека во дури 72 случаи тужбите биле одбиени. Многу судови дури и не водат посебна евиденција за „новинарските“ случаи, а во многу обвинителства случаите сè уште се во фаза на истрага. Еден од оние што го поминале целиот пат – од притисоци до закани, а потоа и обвинителството и судот – е поранешниот главен уредник и основач на „Јужне вести“ од Ниш, Предраг Благојевиќ. Тој пред неколку години ја напушти Србија, но сè уште бара правда за неговите случаи.

Предраг Благојевиќ / Фото: mc.rs

Еден е поврзан со снимање од автомобил во центарот на Ниш, кој се случил на 21 март 2017 година, но овој предмет сè уште е во Обвинителството.
– Мислам дека во меѓувреме Министерството за внатрешни работи (конечно) му одговори на Обвинителството дека не успеале да го пронајдат автомобилот со бараните карактеристики и дека ниту една од десетте камери во центарот на градот не успеала да го сними инцидентот. Важно е да се спомене и информацијата добиена од лице од тогашниот врв во Основното обвинителство во Ниш дека врз нив се врши притисок од Републичкото обвинителство да го преквалификуваат делото за кое ја покренале истрагата – наместо загрозување на безбедноста во неовластено снимање и нарушување на приватноста. Инаку, загрозување на безбедноста е кривично дело кое се гони по службена должност, односно Обвинителството води истрага, прибира информации и докази, додека во другиот случај товарот на докажувањето би паднал на мене, а Обвинителството и полицијата не би имале никакви обврски во тој дел – вели Благојевиќ.

Дека во овој, но и слични судски предмети истрагата знае да потрае, покажува и статистиката на Основното јавно обвинителство во Ниш, за периодот од почетокот на 2019 до 15 ноември 2021 година. Според официјалните податоци на Обвинителството, евидентирани се 5 кривични дела поврзани со закани и напади врз новинари, 4 за загрозување на безбедноста и едно кривично дело за прогонување (демнење). Ниту едно од нив, како што пишува во официјалниот одговор од Обвинителството, сè уште не дошло на суд.
– Во сите постапки се преземаат истражни дејствија, па сè уште не се донесени обвинителски одлуки – велат оттаму.

Слично е и во Основното јавно обвинителство во Нови Сад, каде што за истиот период се евидентирани 6 кривични дела кои се однесуваат на загрозување новинари. Од нив само еден предмет завршил во судот и постапката е во тек, а одбиени се дури три пријави, додека две сè уште се во предистражна постапка.

Од Основното јавно обвинителство во Белград не ни одговорија на барањето, но затоа најмногу случаи за загрозување на новинарите се евидентирани во Вишото јавно обвинителство во Белград. Според нивните официјални податоци, во периодот од почетокот на 2019 година до 15 ноември годинава се поднесени вкупно 57 пријави. Најмногу има во 2019 година – 22. Од нив 8 имаат судски епилог, 4 се отфрлени, 9 се во тек, а една е префрлена во надлежност на друго обвинителство.
Вишото јавно обвинителство во Белград, во 2020 година има една пријава помалку, а од нив 8 се отфрлени, за 5 има пресуди, 7 се во тек, а една е префрлена во друго обвинителство. До ноември оваа година има 14 пријави, а нема донесени пресуди. Една пријава е отфрлена, а 12 се во тек.
Во Вишото обвинителство во Ниш нема пријави поврзани со новинари, додека во Нови Сад има две. Еден случај е во фаза на истрага, а еден е префрлен во Белград во Специјалното одделение за високотехнолошки криминал.

Марија Бабиќ / Фото: NUNS

Според правосудните органи, во Белград, Нови Сад и Ниш гравитира најголем дел од населението во Србија и таму се евидентирани најмногу пријави. Но, адвокатката на НУНС, Марија Бабиќ, повикувајќи се на податоците на Републичкото јавно обвинителство, вели дека во наведениот период во цела Србија се формирани 186 предмети поврзани со закани и напади врз новинари.

– Во 23 случаи се изречени пресуди, од кои 21 се осудителни, а 2 се ослободителни. Во 5 случаи има одложување на кривично гонење. Во 72 случаи е донесено решение за отфрлање на кривичната пријава или има службена белешка дека нема простор да се поведе кривична постапка. Во 2019 година, во својата База на податоци за напади и притисоци, НУНС забележува 27 вербални напади и 11 физички напади. Во 2020 година се забележани 50 вербални напади, 32 физички напади, 14 напади врз имот и 1 една закана за имот. До крајот на ноември 2021 година се забележани 34 вербални напади, 4 физички и 2 напада врз имотот. Во нашата база бележиме и различни видови притисоци врз новинари, од кои 80 се евидентирани во 2019 година, 92 во 2020 година, а 73 до крајот на ноември 2021 година – вели Бабиќ.

Пресудата за убиството на Чурувија се чекаше 22 години

Србија е земја во која до неодамна имаше 3 нерасчистени убиства на новинари. Неодамна Првостепениот суд ја потврди пресудата и ги изрече истите казни за одговорните за убиството на Славко Чурувија, уредник и основач на „Дневни телеграф“, кое се случи во 1999 година.
Бабиќ вели дека ова е првиот чекор за остварување на правдата, но фактот што поминале 22 години од убиството и 7 години од подигнувањето на обвинението не е охрабрувачки и создава уште поголема недоверба во правосудните органи.

Разврска со децении чекаат и убиствата на Дада Вујасиновиќ и Милан Пантиќ, а Предраг Благојевиќ го критикува мешањето на политиката и судството, што, според него, влијае врз одлуките на судиите и обвинителите, како и генерално врз ефикасноста на судството.
Со наведување многубројни примери во кои обвинителите и судиите процениле дека на новинарите никој не им се заканувал, иако им биле упатени зборови како: „Би ти дал куршум в чело“, „Треба да се запалат новинарите, да не постојат“ или „Внимавајте како ја поминувате улицата“, Благојевиќ прави паралела со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и прашува што би се случило ако некој граѓанин му упати вакви зборови нему.

ЦРНА ГОРА: ТЕНЗИИТЕ ГИ УДВОИЈА НАПАДИТЕ, НА УДАР Е ЦЕЛА МЕДИУМСКА ЗАЕДНИЦА

Црна Гора бележи растечки тренд кога се во прашање нападите врз новинарите. Во претходните три години Синдикатот на медиумите на Црна Гора (СМЦГ) регистрирал дури 45 закани, напади и инциденти на штета на медиумите и медиумските работници.
– Во овој период се регистрирани 11 физички напади врз новинари, девет смртни закани и четири напади врз новинарски екипи при известување од настан. Имаше и 13 други закани за новинари и осум за медиумите, главно преку социјалните мрежи. За жал, забележлив е негативен тренд бидејќи во 2019 година регистриравме само три, во 2020 година имало 17, а за 11 месеци годинава имаме дури 25 напади, закани, навреди и попречувања на новинарите при вршење на нивната работа – вели потпретседателот на Синдикатот, Радомир Крачковиќ.

Радомир Крачковиќ / Фото: PR Centar

Промената на власта во Црна Гора, на 30 август минатата година, создаде тензичен општествен амбиент со изразени поделби, особено кога станува збор за идентитетските прашања. Резултатот од ваквата атмосфера е двојно зголемен број на напади врз новинари во однос на минатата година, а особено загрижува трендот на раст во категоријата смртни закани. Медиумскиот синдикат пријавил 20 случаи на напади во полиција. Судски епилог има за 10, а во четири случаи се изречени осудителни пресуди.
– Дека овие тензии се директна причина за голем број напади, говори и фактот што на мета беа новинари од различни медиуми, со различна уредувачка политика, што укажува дека цела медиумска заедница е на удар – вели Крачковиќ.

Од друга страна, владината Комисија за истрага на нападите врз новинарите, од 2018 година, досега евидентирала 25 напади во кои има закана (загрозување на безбедноста), физичко насилство и обид за убиство.
– Во тек се истраги за околу осумдесет напади што Комисијата ги регистрирала од 2004 година, кога беше убиен сопственикот и уредник на „Дан“, Душко Јовановиќ, изјави претседателот на Комисијата, Михаило Јововиќ.

Активности на полицијата и судовите

Податоците на Управата на полицијата покажуваат дека од 1 јануари 2019 година до 1 ноември 2021 година се регистрирани 51 настан во кои се оштетени новинари. Надлежниот државен обвинител оквалификува 16 инциденти како кривични дела кои се гонат по службена должност, а 12 се прекршување на Законот за јавен ред и мир. За 13 настани надлежниот државен обвинител утврдил дека нема елементи на сторено кривично дело кое се гони по службена должност, додека предметите за осум случаи се доставени до Обвинителството за оцена и одлучување.

– Еден предмет, по налог на државниот обвинител, поради друга надлежност, преку Интерпол е пренесен за постапка во друга држава, а во еден случај полициските службеници изрекле мерка предупредување – соопштија од полицијата.

Службениците од Управата на полицијата во истиот период поднеле 14 кривични пријави против 14 лица поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела кои се гонат по службена должност. До прекршочните судови се поднесени барања за спроведување прекршочна постапка против 16 лица за сторени прекршоци по Законот за јавен ред и мир.
– Од 16 настани кои надлежниот државен обвинител ги оквалификува како кривични дела кои се гонат по службена должност, службениците на полицијата расветлија 14 настани и поднесени се кривични пријави против сторителите. Во 12 случаи против сторителите се поднесени барања за водење прекршочна постапка по Законот за јавен ред и мир – додаваат од полицијата.

За тоа време, во Вишиот суд во Подгорица немало постапки кои се однесуваат на напади врз новинари, додека Основниот суд формирал 5 кривични предмети. Четири од нив добиле судски епилог, додека еден од 2020 година е во тек.

Нема напредок во решавањето на старите случаи

Комисијата за истражување на нападите врз новинарите наведува дека од смената на власта, речиси сите напади врз новинарите во 2021 година се ефикасно решени. Сепак, сè уште нема напредок во решавањето на старите случаи. Според досегашните наоди на Комисијата, истрагите се најспорни кај најтешките случаи, убиства на медиумски работници, физички напади и ранувања новинари со огнено оружје.
– Неколку истраги се водат 17, односно 14 и 10 години – вели Јововиќ.

Михаило Јововиќ / Фото: PR Centar

Речиси 1,5-децениската борба за правда не даде резултат ниту во случајот со новинарот Туфик Софтиќ, кој на пошироката јавност ѝ е познат по низата истражувачки текстови за организираниот криминал на северот на Црна Гора. Тој бил претепан пред неговиот дом во Беране во 2007 година, а по шест години следувал уште еден напад. Врз неговиот автомобил, исто така, пред семејниот дом, во 2013 година била фрлена бомба. Неефикасната истрага, сепак не влијаела врз ставот на Софтиќ кон својата професија, но секако му ја разнишала вербата во институциите.

– Мојот однос кон новинарството не е променет поради тоа што се случи. Веројатно поради тоа што сум образован новинар и едноставно не знам да се занимавам со друга работа. Не беше лесно да се продолжи по сè како ништо да не се случило, но речиси една деценија по тој прв напад, кој беше оквалификуван како обид за убиство, се трудам да работам чесно и професионално, како и секогаш – вели Софтиќ.

Поостри казни, но не и статус на службени лица

Од Комисијата за истражување на нападите врз новинарите и Синдикатот на медиуми сметаат дека предлогот за измена на Законот за кривичната постапка, кој е во собраниска процедура, ќе ја промени оваа состојба и ќе ја подобри положбата на медиумските работници од безбедносен аспект. Предлогот, меѓу другото, предвидува и воведување нови кривични дела, како што се: спречување новинари во вршење професионални задачи, напад врз новинари во вршење професионални задачи и дополнување на постојните кривични дела тешко убиство и тешки телесни повреди. Се предлага, меѓу другото, убиството на новинар при вршење или во врска со вршење професионални задачи да се третира како тешко убиство за кое е пропишана казна затвор од најмалку 10 години или долготраен затвор.

Фото: Милена Атанасоска-Манасиева

Од Синдикатот објаснуваат и дека со измените на Кривичниот законик, на новинарите не им се доделува статус на службени лица, туку се изедначуваат казните за напади врз новинари со оние за напади врз службени лица. Управата на полицијата, исто така, придонесува со зајакнување на нејзиниот капацитет во насока на расветлување на пријавените напади.

– Новиот акт за организација и систематизација на полициските позиции во Секторот за борба против криминалот предвидува, покрај досегашното работно место висок полициски службеник – главен полициски инспектор, да се систематизираат уште две места со кои би се опфатил нападот врз новинарите и/или нивниот имот, односно имотот на медиумите – велат од полицијата.

Да се биде новинар – да се биде храбар

Додека се прават напори да се развијат и да се подобрат условите за работа на новинарите, нема суштинска правда за Софтиќ и неговите колеги кои својот живот го подредиле на професијата. Иако смета дека новите власти покажуваат желба да ги решат случаите на напади врз новинари, тој не сака да си дава лажна надеж.

– Се навикнав да живеам со тоа, ќе бидам среќен и задоволен доколку има некакви промени. Свесен сум дека старите и најтешките случаи на напади врз новинари дојдоа во рацете на новите власти како врели компири. Меѓународната заедница инсистира да се решат, а црногорските институции во минатото направија толку многу пропусти во истрагите, кои беа неефикасни, што денес, поради поминатото време, се поставува прашањето дали може нешто да се расветли. За да се задоволи и правдата кон жртвите, но и нивните семејства – вели Софтиќ.

Туфик Софтиќ

„Цел работен стаж, цел живот помина во будалштини. Дали променивте нешто – не. Залудно ли беше – веројатно да! Дали има смисла – веројатно не! Дали би го направиле тоа повторно – Да“! Како и новинарот и писател Борис Дежуловиќ, и Софтиќ би го поминал истото, но многу повнимателно.

– Да сум сега на почетокот, веројатно повторно ќе станев новинар. Веројатно повторно би се занимавал со темите со кои се занимавав и поради кои ги доживеав сите овие, најблаго речено, непријатности. Ако сте новинар, треба да знаете дека може да паднете во неволја. Но, денес имам повеќе искуство и веројатно би имал поинаков пристап. Ова, исто така, значи дека пред да започнете каква било истражувачка работа, направете процена на ризикот. Црна Гора е мала и треба да предвидите до кого може да отиде таа приказна. Бев невнимателен. Ја научив лекцијата – вели тој.
Смета дека храброста и професионалноста треба да бидат водилка за идните новинари.
– Новинар си или не си! Да, ако работиш професионално и ако се водиш од правилата на професијата и интересот на јавноста. И треба да бидете храбри. На крајот на краиштата, храброста, отпорот и креативниот конфликт, дури и преку новинарството, можат да те доведат до она што е смислата на животот, а тоа е да се реализираш како личност – заклучува Софтиќ.

(Овој текст е направен во рамките на регионалната програма „СИЛНИ – Медиуми без омраза и дезинформации“, која беше финансиски поддржана од Европската Унија. Содржините се единствена одговорност на авторите и УМНО.МК и не мора да ги одразуваат ставовите на ЕУ)

Сподели