Елисавета Кушовска ќе добие награда за животно дело на Фестивалот за класичен балет и модерен танц

Фестивалот за класичен балет и модерен танц ќе се одржи утревечер и на 8 јуни во Македонскиот народен театар, а во организација на Детскиот културен центар – Карпош. Овој фестивал е единствен од ваков тип кај нас, кој е референтна точка за сите вљубеници во балетската уметност и современиот танц, вели директорката д-р Билјана Лалчевска Серафимовска. Наградата за животно дело оваа година ќе и’ биде доделена на професорката Елисавета Кушовска, а во нејзина чест ќе бидат изведени неколку изведби од некогашните нејзини ученици – денешни солисти, прваци во НОБ.

Две фестивалски вечери посветени на танцот. Извонредни и талентирани танчери, балерини, уметници… Спој на луѓе кои живеат и придонеле за македонската танцова уметност и оние кои ќе бидат иднината на танцовата уметност.

Втората фестивалска вечер, ќе се отвори со балетската секција на Детскиот културен центар – Карпош, а учество ќе земат и балерините при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј”, Б.С Балерина и Денс Студио МАК од Куманово. Гости од Турција и од Иран ќе се претстават со свои изведби. На фестивалот ќе учествува неколкукратниот светски првак во современ танц, Анди Исмаили, а фестивалот ќе му додели благодарница и статуетка за млад и талентиран уметник.

Статуетките и оваа година се изработени специјално за Фестивалот за класичен балет и модерен танц од M Аrt Gallery, а како поддржувачи оваа година се и Mayo store, а учениците од СУГС „Димитар Влахов“ ќе се погрижат за шминка и фризура на дел од учесниците.

Фестивалот се организира со поддршка на Градот Скопје како и Министерството за култура на РСМ.

Сподели