Факултетот за арт и дизајн со изложба слави полнолетство

Факултетот за арт и дизајн со изложба што ќе биде отворена вечерва во 19 часот во „Лабораториум“ во Скопје, ќе го прослави своето полнолетство. По официјалните обраќања и доделувањето благодарници, ќе следи настап на DJ Мелани Дигит.
Од основањето во 2006 година досега изминаа 18 години исполнети со многу креативност, учење и бројни достигнувања.

И оваа година традиционално ќе се реализира годишна изложба. Преку претставените дела на студентите од графички, моден и ентериер дизајн ќе се покаже процесот на креативен развој и создавање на професионалните кадри од областа на дизајнот. Дипломираните и магистрираните студенти, успешно го применуваат стекнатото знаење во различни сфери и со тоа ја зацврстуваат позицијата на дизајнот како важна дисциплина во современото општество.

Студентите од првиот и вториот циклус ќе прикажат нови трудови и свежи достигнувања од редовните наставни активности, но и од учествата на конкурси за дизајн, проектите, изложбите, модните ревии. Тие преку своите дела го осознаваа светот околу себе, се доближуваа до културното наследство, испраќаа моќни пораки за одржливост, екологија, инклузија, човекови права, уметничка слобода и свест за јавните добра.

Сподели