Културата е неисцрпен извор на партнерства и соработка

Во изминатите 4 години во рамките на мрежата РЕАД беа доделени 92 гранта за интеркултурни и повеќејазични проекти во пет држави во регионот

Преведени и издадени 57 книги, снимени поткасти, издадени магазини, видео продукција, изложби, фестивали, перформанси, клубови за читање и разни други иницијативи со фокус на младите се само дел од активностите што беа спроведени во изминатите четири години во рамките на „Регионална мрежа за културна разновидност“ (РЕАД). Проектот што го финансираше Европската Комисија деновиве ја има својата завршница во Скопје. Денеска се одржува главниот настан – конференцијата во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје што ќе ја отворат евроамбасадорот Дејвид Гир, германската амбасадорка Петра Дрекслер, раководителката на Гете-институт во Скопје, Катрин Оствалд-Рихтер и Марија Чорбева-Пеновска, проектен менаџер на РЕАД.

Марија Чорбева-Пеновска

– Преку формирањето на РЕАД мрежата од граѓански културни организации, автори, преведувачи и активисти ќе продолжат да соработуваат и ќе формираат партнерства во иднина. Ова е една од најголемите придобивки на проектот – вели Чорбева-Пеновска.

Појаснете ни поконкретно што се случува деновиве во Скопје?

– Проектот „Регионална мрежа за културна разновидност (РЕАД)“ го започнавме во екот на ковид пандемијата и тоа беше голем предизвик за нас. Бевме приморани сите состаноци и настани за вмрежување да ги одржуваме онлајн. Затоа сега, на крајот на проектот ја почувствувавме потребта да ги собереме сите добитници на РЕАД грантови од Северна Македонија Албанија, Косово, Србија и Турција, а и проектните партнери на едно место, во живо, за да се запознаат и да остварат личен контакт.

Во програмата се предвидени повеќе панели на теми релевантни за учесниците, кои ќе ги водат делумно проектните партнери, но и други експерти. Ќе се обработуваат теми како: Влијанието на проектот РЕАД во регионот, Зајакнување на културниот сектор преку соработка со владините и невладините организации, Улогата на културата и нејзината отпорност во време на криза, Можности за финансирање на проекти со фокус на млатите, Вештачката интелигенција во литературата и издаваштвото и др. Во четврток вечер ќе имаме можност да ја слушнеме и успешната приказна на поетесата Радмила Петровиќ од Србија, која беше дел од РЕАД резиденцијалната програма. Петок пак, ни е резервиран за градење регионални партнерства и активности за вмрежување.

Колку проекти беа спроведени во овие четири години, со колкав вкупен буџет беа поддржани?

– Во изминатите 4 години доделивме 92 гранта за интеркултурни и повеќејазични проекти во петте партнерски држави. За оваа цел беа одделени околу 250.000 евра од целокупниот буџет обезбеден од Европската Комисија. Грантовите навистина беа мали, меѓутоа граѓансктие организации од регионот постигнаа извонредни резултати со своите значајни проекти. Во рамки на повеќејазичните поекти беа преведени и издадени 57 книги, а интеркултурните проеки беа со поширок тематски спектар.

Поддржавме снимање поткасти, издавање магазини, видео продукција, изложби, фестивали, перформанси, клубови за читање и други разновидни иницијативи со фокус на младите. Вклучени беа околу 6.500 регионални учесници, а преку социјалните медиуми допревме до повеќе од 1.500.000 луѓе. Покрај грантовите за непрофитни организации, доделивме и 30 стипендии за резиденцијален престој. 30 автори, преведувачи, илустратори и активисти поминаа по еден месец во партнерските држави и имаа можност непречено да творат и да се запознаат со културната сцена во земјата-домаќин. Од овие резиденции настанаа и неколку понатамошни соработки во кои беа преведени и издадени дела на резидентите. Тие исто така беа учесници на литературните фестивали на проектните партнери и оваа синергија меѓу различните активности придонесе за мобилност и бројни соработки во регионот.

Со какви предизвици се соочивте во импементацијата, што беше најтешко да се искоординира?

– Самиот факт дека проектот го имплементираат 6 организации од 5 држави во регионот и сите активности се случуваа во петте држави е предизвик по себе. Гете-институт Скопје, ЦБС Лоја од Тетово, Крокодил од Србија, Институт за книги и промоција од Албанија, Чендра Мултимедиа од Косово и Калем култур асоцијација од Турција се веќе етаблирани граѓански организации со долгогодишно искуство во културниот сектор и со различен фокус на дејствување. Но, од самиот почеток сите имавме една заедничка цел, промоција на меѓукултурна писменост и демократски вредности преку развивање на култура за читање и понуда на високо-квалитетни книжевни дела од регионот. Дел од добитниците на грантови беа мали и понеискусни граѓански организации, на кои им беше потребна поддршка за јакнење на капацитетите како и поддршка за имплемнтација на проектите.

Проектните партнери пружаа голема помош, но пред сè тимот од Гете-институт, Марина Терповска-Штарго, Антонија Брезовска и Марјан Поповски, кои со огромно трпение се во секојдневна комуникација со организациите. Предизвици имавме и со водењето на Мобилната библиотека. Таа е една од активностите на проектот која беше најомилена кај најмладите. Тие со голема љубопитност ја разгледуваа, позајмуваа книги од нашето комбе-библиотека и учествуваа во работлиниците кои партнерите ги организираа со неа. Меѓутоа, во 2021 година не беше едноставно да се организираат настани во живо во училиштата, се соочивме со штрајкови во училиштата, настава од дома, како и потешкотии при пренесување на мобилната библиотека преку граница во партнерските држави. Сепак на крајот, со многу упорност и тимска работа мобилната библиотека одржа повеќе од 450 настани во сите 5 држави и ја разгледаа повеќе од 16.000 посетители.

Какви резултати донесе РЕАД во однос на промоција на вештините за читање меѓу различните култури?

– Една од целите на проектот Регионална мрежа за културна разновидност (РЕАД) е да промовира меѓукултурна писменост и демократски вредности преку развивање култура за читање и презентирање високо квалитетна литература од регионот. Проектот соработува со локални училишта и библиотеки како и со публиката во петте држави, која ќе дојде во допир со дела на автори и култури од соседните држави. Постојат бројни студии за придобивките и напредокот во меѓу-културното разбирање преку литературни дела. Некои од нив тврдат дека литературата може да ги сензибилизира читателите за сите оние, кои на некој начин се различни од самите читатели и со тоа да допринесат за интер и интракултурно осознавање.

Според Wasikiewicz-Firlej „литературните дела му овозможуваат на читателот да го набљудува светот од многу различни переспективи и да ја цени разновидноста на индивидуалната перцепција. Моќта на литературата лежи во нејзината единствена способност да го длабоко да го вклучи читателот како на когнитивно, така и на емоционално ниво.“ Ова е особено важно во процесот на помирување, разбран како процес на препознавање, прифаќање и емпатија со другиот. Во сите проектни активности, РЕАД во основата ги става литературата и читањето и преку нив ги запознава читателите и учесниците со различностите. Било преку мобилната библиотека, литературните фестивали, резиденциите или преводите на книги.

Кои ги гледата најголемите придобивки од вакви проекти, особено на полето на комуникацијата и регионалната соработка? Колкави се шансите РЕАД да добие продолжение?

– Најголемата придобивка е токму формирањето на РЕАД мрежа од граѓански културни организации, автори, преведувачи и активисти кои ќе продолжат да соработуваат и ќе формираат партнерства во иднина. Регионалната соработка е од особена важност за улогата на граѓанското општество во развојот на демократските процеси и овозможува зголемено граѓанско учество во процесите на носење одлуки.

РЕАД отвори нови канали на комуникација меѓу независните културни организации овозможувајќи им вмрежување надвор од политичката арена. Гете-институт, како глобално активен културен институт на Сојузна Република Германија се залага за разбирање и соработка помеѓу Германија, Европа и светот. Во таа насока, ние како Гете-институт Скопје веќе остваривме некои соработки со организациите од РЕАД мрежата и развиваме заеднички проекти. Преку нив на некој начин и го продолжуваме РЕАД проектот, можеби не во иста форма, но со слични цели.

Сподели