За книги се заинтересирав пред 5 години, што е чудно, бидејќи сум дислексичар и читањето тешко ми оди. Но, се заинтересирав за книгите како целокупен производ – вели илустраторот Доминик Вуковиќ.
Илустрацијата е само применета графика. Не сакам многу да филозофирам дали е цртеж, или графика или сликарство. Сето тоа е уметност, а како ќе ја искористите е субјективно и зависи исклучиво од вашите афинитети, вели Доминик Вуковиќ, еден од најактуелните илустратори во Хрватска денес. Тој вчера одржа мастерклас на 5. издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера 2023“ во Музејот на град Скопје.
Вуковиќ зборуваше за неговата работа како илустратор. Се наврати на студентските денови, на советите на неговиот ментор Свјетлан Јунаковиќ, една од легендите на илустрацијата во регионов.

– За книги се заинтересирав пред 5 години, што е чудно, бидејќи сум дислексичар и читањето тешко ми оди. Но, се заинтересирав за книгите како целокупен производ. Во секоја илустрација експериментирам со цртежот. Сепак, многу повеќе сакам да експериментирам со материјалите, тоа ми претставува многу поголемо задоволство од цртањето – објасни Вуковиќ.
Тој вели дека во изработката на секоја сликовница користи различни правила. Најголем предизвик му е да го најде најкраткиот пат до тоа што го замислил, за што побрзо да ја заврши книгата.
– Тоа е едно лукавство, но нели, секој се користи со средствата што најмногу му лежат – вели Вуковиќ.
Првиот ден на „Литера 2023“ помина одлично. Почна весело со креативната работилница за деца „Свет со љубов“ под водство на ликовниот уметник и едукатор Доротеј Нешовски. Триесетина деца во дворот на Музејот на град Скопје создаваа ликовни дела кои потоа беа изложени. Следеше интерактивна претстава за деца „Авантурите на Стела и Сани“ и читање сликовници за најмалите.

Потоа мастерклас одржа илустраторката од Хрватска, Бранка Холингсворт-Нара. Таа објасни дека секој текст различно го илустрира.
– Завршив графички дизајн. Моите почетоци повеќе се врзани со размислување за книга, а потоа како книгата да се направи во детска илустрација. Секогаш од тоа тргнувам. Ова се однесува за сликовниците наменети за помали деца. Поголемите дефинитивно не се заинтересирани за сликовници. Затоа издавачите немаат интерес за такви производи, па прават илустрирани книги – рече Холингсворт-Нара.
Во нив илустраторот не смее да „ги открие“ клучните сцени од приказната. Тој дел е наменет за авторот на текстот и илустраторите мора да го почитуваат ова правило.
– Но, ситуацијата кај сликовниците е поинаква, тука и авторот на текстот и илустратотор се рамноправни – вели Холингсворт-Нара.

На вториот ден на „Литера“ следуваше промоција на книгите „Љубовта спасува животи“ на Свјетлан Јунаковиќ и „Волшебното патување на Простор и Време“ на Мирко Трајановски, со илустрации на Кристијан Јованоски. Двете дела ги промовираше седмоодделенката Илина Николовска. Првиот ден на „Литера 2023“ заврши со офф-програмата „Приказни создадени по заспивање на децата“ со Ана Голејшка-Џикова и диџеј Чваре. Присутните создаваа приказни од зададени зборови кои потоа ги читаа.








