Во рамки на празникот на градот Гевгелија „Вознесение Христово“, на покана на Општина Гевгелија и Домот на културата „Македонија“, на сцената на Народниот театар во Гевгелија, со почеток во 20 часот, вечерва ќе биде изведена претставата „Табу република“ на кореографот Бобан Русески, во продукција и изведба на Скопје танцовиот театар.
Покрај Русески, кој е потписни на кореографијата и режијата, во претставата учествуваат: со пијано изведба Ема Ананиевска, на теремин Ива Дамјановски, а визуелен уметник е Кристијан Јованоски. Костимите се на Благој Мицевски, а настапуваат танчерите на Скопје танцовиот театар: Анастасија Данчевска, Сара Цветковска и студентите на Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“: Стефи Шааршмит, Клара Христовска, Илина Костовска, Моника Шолевска, Михаела-Анџела Глигорова, како и актерката Наталија Ристеска.

За претставата, Русески вели:
„Табу република“ нема цензура. Таа се бави со тематики на лицата од женскиот род, жената како родилка и носител на живот , потоа со лица со оштетен вид и слух, лицата со инавалидитет. Како короеграф во подоготовките правев истражувања колкава е стапката на смртноста на жените при пораѓај. Фокусот е ставен на абортусот, кој најчесто се случува заради недоволното сексуално образование кај младите лица. Претставата ги истражува состојбите во кои се стишува гласот на младите, поради општествените предрасуди и погледи кон самиот чин. Често наидував на млади девојки, познанички, кој се соочуваа со тој проблем и тоа ме поттикна повеќе да истажувам на оваа тема. После неколку интервјуа со гениколози, психолози и дефектолози, сватив дека проблемите со кои се соочува младината, се многу подлабоки, а со дел од овие проблеми се соочуваат и повозрасни лица. Исто така, делото разработува сензитивна тематика која ги опфаќа лицата од ранлива категорија, кои се најмногу обесправени од самите институции. Една од многуте табу теми во нашите краишта, која ме инспирира да го создадам ова дело, се со цел да се слушне за овие проблеми и да се зборува отворено за нив во нашето општество.“
Претставата се препорачува за лица над 16 години возраст
Бобан Русески е професионален танчер и короеграф, кој својата кариера ја гради настапувајќи со Скопје танцовиот театар. Оваа година компанијата за прв пат продуцира негова кореографија под наслов „Табу република“. Со Скопје танцовиот театар Русески учествува на многубројни фестивали, како што се повеќегодишни настапи на Танц Фест Скопје; „Share Festival“ во Братислава, Словачка; „Holland Dance Festival“ во Хаг, Холандија; „Battery Dance Festival“ во Њујорк, САД; Интернационален фестивал за танц „Beijing Dance Festival“ во Пекинг, Кина; „Меритајм силк фестивал“во Чуанџо, Кина и др. Русески дебитира како кореограф во 2015 година со незвисниот проект „Јас=Ти“, следна е короеграфијата со која настапува на короеграфскиот натпревар за млади уметници „Танцлаб“ во рамки на фестивалот Танц Фест 2018, под наслов „Јас и Адри“ ; кое во 2019 година се трансформира во „Јас и Сара“ и со кое настапува на Танц Фест 2019; потоа ја прави кореографијата „Гробно место“ на Танц Фест 2020, а на фестивалот повторно се појавува во 2022 со претставата „Општествена критика“. Со здружението „Икс на Квадрат“ ги прави продукциите: „Парадоксот на Диоген“ во 2021; „Самовили и Демони “ и „УПМ –Уметност, Политика, Мудрост“ во 2022. Русески соработува со различни корегорафи, режисери и уметници, меѓу кои Рисима Рисимкин, Зарина Првасевда, Матеа Мијановиќ, Филип Петковски, Луна Адитеја, Адријана Данчевска, Александра Петрушевска, Дејан Битровски, Тони Китановски, Матеа Киселичка, Олга Панго, Сара Цветковска, Јована Зајкова и многу други.
Скопје танцовиот театар е првата официјална современа танцова компанија во нашава земја, основана во 2011 година и предводена од кореографката Рисима Рисимкин, како основач и уметнички директор. Компанијата во континуитет, активно работи на создавање, промоција и презентација на современата танцова уметност кај нас, како и нејзин пласман на светската танцова сцена. Работата на овој театар промовира нова естетика кај нас и се бави со истражување и продукција во областа на современиот танц.
Скопје танцовиот театар, во изминативе десет години има остварено преку 70 продукции. Компанијата настапува на фестивали низ целиот свет, за што добива одлични критики и е препознаен како високо квалитетна компанија на светско ниво.





