Една деценија создава филиграни, а сега учи и како да го продаде својот уникатен накит „Ани Соро“

Со нетрпение го чекам секој нареден час, се радувам кога ќе ме пофалат за добро извршената домашна задача. Се собравме прекрасна група жени и девојки, а предавачите се елоквентни и мотивирачки настроени. Веќе почнав да го применувам наученото, вијугиве турбо работат, смислуваат нови маркетиншки стратегии, вели Андријана Андреева, која создава филиграни под името „Ани Соро“

Од лично искуство можам да кажам дека колку повеќе учам толку повеќе осознавам колку малку знам. Секоја прилика е можност за раст и жално е да се пропушти. Доколку не зачекориме нема да знаеме каде патот ќе нè однесе. Учи, учи и само учи! – вели Андријана Андреева, ликовна уметница од Скопје која повеќе од една деценија се занимава со филигранство. Но, во денешно време на глобален пазар, доколку не успееме да ги пласираме сопствените производи, исто како да не постоиме. Токму затоа Андријана одлучи да се пријави на Академијата за дигитален маркетинг за девојки/жени од ранливи категории, што ја организира Сеавус Едукативен и развоен центар, во соработка со Impact Foundation, а е дел од Reconomy програмата.

Самата вели: Со изработка на филиграни се занимавам една среќна и исполнета деценија, втората – ја ситнам. Таа го создаде својот бренд „Ани Соро“.

– Низ годините станував сè посигурна во одлуката дека тоа е тоа што сакам да го работам до крајот на животот. Пред очи ми излегува сликата на почитуваниот мајстор Деребан – остарен, трошен, но со иста страст како изнедрува нова убавинка, филигранче. Морам да признаам дека како филигранист во Македонија се соочувам со низа проблеми, немање специјализирана продавница за легална продажба на сребро и други репроматеријали, тесен избор на материјали за какво било креативно изразување. Многу често се враќам дома од обиколка на градот, во потрага по материјали кои би ме инспирирале, со наведната глава, исфрустрирана, што од никаквиот избор што од ограничениот буџет, но тоа поттикнува размислување за кој материјал да се одлучам, со која техника да се искомбинира за да го извлечам максимумот – вели Андреева.

Не е дека не би можела да кажам дека одреден миг ја дефинирал одлуката да се занимавам со филигранот кој не е само занает, туку уметност сама по себе, вели таа.

– Навраќањето на одлучувачкиот миг ме носи на приказната со јастогот кој кога ќе осети дека оклопот му е тесен и му причинува неудобност, го отфрла за да го замени со нов. Поттикот за растење и промени доаѓа од неудобноста и притисокот. А на прашањето зошто токму филигранот? Па, можеби е запишано во генетскиот код. Имено мојот прадедо Борис бил часовничар, најверојатно оттука возбудата при самата помисла на изработка на накит – се потсетува Андријана.

Таа признава дека како уметник се соочува со проблемот да ги пласира своите креации пред публиката и не умее да се продаде.

– Дигиталниот маркетинг е одлично решение за тој проблем. Кога го видов повикот за изучување на дигитален маркетинг, без размислување се пријавив. Светот се движи во нова насока, не навлегувам во тоа дали е ова ново „нормално“ добро или не, но промената налага нови правила на игра. Не сакам да се сложам на компромисни решенија на кои сме принудени во ова време-невреме, оти уметноста е она што во срж ме дефинира – вели таа.

Андријана ужива во часовите, се посветува максимално, ѝ се допаѓа енергијата што владее, иако целата академија се реализира онлајн.

– Со нетрпение го чекам секој нареден час, се радувам кога ќе ме пофалат за добро извршената домашна задача. Се собравме прекрасна група жени и девојки, а предавачите се елоквентни и мотивирачки настроени. Веќе почнав да го применувам наученото, вијугиве турбо работат, смислуваат нови маркетиншки стратегии.

Уметноста е нејзина вокација, самиот збор значи наклоност, да се остане доследен на својот животен повик.

– Со саати знам да истражувам на платното или листот хартија во потрага по некои нови светови. Ќе звучи како клише, но уште како мало девојче знаев дека сакам да се занимавам со нешто што ќе му донесе убавини на овој свет… уметност, мода, музика, дизајн.. Растев гледајќи ја баба ми Нада како на „сингерицата“ од парче платно прави чуда, или како градината ја претвора во Рајска градина преполна со лалиња во сите бои и други чудесни цвеќиња донесени од Холандија, декорирана со џуџиња… грмушки кои беа доволни за малата Ани да се сокрие од мачорот Мицика кој љубоморно си ја бранеше својата територија. Отсекогаш уметноста е таа која не ме остава рамнодушна. Тоа се секако, и луѓето, нови искуства и патувања, кон внатре и кон надвор – вели таа.

Сподели