Теона Стругар Митевска ќе снима филм за вистинската личност зад митот на Мајка Тереза

Сценариото на филмот е на нашиот писател Гоце Смилевски, соопшти режисерката Теона Стругар Митевска.

„Мајка“ ќе биде следниот проект на наградуваната режисерка Теона Стругар Митевска, приказна за вистинската личност зад митот за Мајка Тереза, објави „Скрин дејли“. Режисерката го објаснува проектот „не како биографски“, но „приказна во која се опишуваат пет дена во животот на 44-годишна амбициозна жена, баш кога треба да го напушти манастирот „Света Марија“ и да создаде свој сопствен религиозен ред. Таа го презентира својот нов проект во рамките на Берлинале копродукцискиот маркет. Сценариото за филмот е на Гоце Смилевски.

– Сакаме да направиме филм за вистинската личност, за жената што стои зад митот“ – вели Митевска.

Лабина Митевска (Сестри и брат Митевски) ќе биде продуцентка на филмот, како и Себастиен Делој од Белгија (Entre Chien et Loup). Тие бараат партнери на онлајн копродукцискиот маркет. Играниот филм ќе биде базиран на филмот „Тереза и јас“, ТВ-серија што Митевски ја направија во 2013 година.

Теона Митевска во моментов е во постпродукција на филмот „Најсреќниот маж во светот“, што го напишаа Митевска и Елма Татарагиќ од Сараево. Станува збор за антивоен филм сместен во денешно Сараево.

Последниот филм на Митевска „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ што ја освои наградата на Guild Film and Ecumenical Jury prizes на Берлинале во 2019 година, а учествуваше на фестивалите во Единбург, Одеса, Солун и други.

 

Сподели