„Две минути и четириесет реда“ од Александра Јуруковска денеска на Саем на книга

На штандот на ПНВ Публикации на Саемот на книгата во Скопје денеска во 12 часот ќе се одржи средба со Александра Јуруковска, авторка на книгата „Две минути и четириесет реда“. Книгата содржи осврти, критики и рецензии пишувани во изминатите петнаесетина години.

Се состои од два дела. „Две минути“ содржи избор текстови за радиоосврти и радиопретставувања пишувани и емитувани на Македонското радио – Радио Скопје од 2003 до 2008 година, во рамките на авторската рубрика „Книга-фаворит“. Текстовите поместени во вториот дел „Четириесет реда“, се новинска критика. Дел од нив се објавувани во дневниот весник „Дневник“, а другите во специјализирани списанија за литература и култура, веб-страници и магазини. Неколку текста се напишани како промотивна реч за одредени автори, книги или зборници и манифестации.

Текстовите ги следат стилските обележја на новинската критика, на згуснатиот новинарски израз, пишувани се во јасен стил и на разбирлив јазик, и наменети се за поширока публика.

Во основа, секој од овие текстови ја следи линијата на пишување критика за специфичен медиум – за радио или за весник, односно, за специјализирани книжевни списанија или веб-страници. Оттука, нивното обединување во книга е следење на одреден континуитет во пишувањето текстови за критиката, што важи за не многу популарен жанр кај нас, а во неа, пак, уште послабо застапениот поим на новинска или радиокритика.

Сподели