Духот на харизматичниот Лазар Личеноски за момент ќе се врати во своето огниште

Ревитализацијата на Спомен-куќата на доајенот на македонското современо сликарство е еден од најважните проекти за Националната галерија, но истовремено и проект во кој се соочуваат со најмногу предизвици при реализацијата, вели Дита Старова-Ќерими

По многу години куќата на доајенот на македонското современо сликарство, Лазар Личеноски, денеска повторно ќе ги отвори вратите за младите уметници. Вратите се исцрнети од ненадејниот пожар кој пред неколку години ја зафати куќата, ѕидовите се раскопани зашто објектот е во фаза на конзервација, а јавноста со нетрпение чека Спомен-куќата покрај Вардар, под Скопското кале повторно да ја обземе харизматичниот дух на Личеноски и Зое која до последниот ден тука го чуваше споменот на својот сопруг.

Во куќата на Личеноски денеска од 12 до 14 часот ќе биде отворена студентската уметничка изложба инспирирана од ликот и делото на големиот сликар. Во изминатите денови објектот беше целосно исчистен во здружена акција на Europe House Скопје и Националната галерија – институција надлежна за куќата на Личеноски откако наследниците пред повеќе години ја отстапија на Македонија. Официјално, оставинската постапка заврши кон крајот на февруари во 2015 година. Објектот е дел од роденденската програма со која Europe House Скопје ќе одбележи три години од ребрендирањето, а покрај студентската изложба предвидени се и други културни настани. Објектот деновиве го посети евроамбасадорот Дејвид Гир и директорката на Националната галаерија Дита Старова-Ќерими и студенти од Факултетот за ликовни уметности во Скопје.

Дита Старова-Ќерими, Дејвид Гир и Пол Бускот

– Со уметничкото творештво на Личеноски сакаме да ги поттикнеме младите да го запознаат културното наследство што ги опкружува бидејќи тоа е од суштинско значење. Културното наследство треба да послужи како ефикаснa алатка која ќе ги едуцира младите да продолжат со одржувањето на овие уникатни добра. Преку акцијата за чистење помогнавме куќата да го покаже својот шарм. Личеноски се вбројува меѓу основоположниците на македонското современо сликарство. Со свеж пристап и различни уметнички творештва, студентите и професорите од Факултетот за ликовни уметности ќе ја изложат својата визија, интерпретирајќи ги ликот и делата на Личеноски – велат од Europe House Скопје.

Евроамбасадорот Дејвид Гир пројави посебен интерес за куќата-музеј

Националната галерија е надлежна за три објекти во Скопје – Даут-пашиниот амам каде е изложена националната поставка, Чифте амам кој се користи за повремени исложби и „Мала станица“ каде најчесто се реализираат мултимедијални проекти. Куќата на Личеноски е четвртиот објект кој треба да прерасне во музеј каде ќе биде изложено сето уметничко и етнолошко наследство на лазар Личеноски. Според Старова-Ќерими, покрај сите тековни работи во рамките на изложбената програма, фундаментален сегмент на работата на Националната галерија е чување и заштита на културното наследство, а во овој домен и Спомен-куќата на Лазар Личеноски.

– Во светот постојат многу куќи на уметници кои се национални куќи легати. Лазар Личеноски се смета за најавтохтон македонски автор и благодарение на големиот интерес на евроамбасадорот Гир за македонската култура и уметност воопшто, пројави и посебен интерес за куќата-музеј. На мое големо задоволство заеднички одлучивме одбележувањето на третиот роденден на Европската куќа да се случи таму и некои работи да се придвижат, односно да се забрза динамиката околу недвижиот дел, односно работите околу самата куќа – вели Старова-Ќерими.

Таа вели дека од Министерството за култура секоја година добиваат одредени средства за објактот во зависност од одлуките на комисиите и приоритетите. Поголем дел од работите околу движното културно наследство се завршени.

– Како уметник и директор на Националната галерија, од огромен интерес ми е куќата на Личеноски да биде видлива и отворена за јавноста, како уште еден пример да посведочи за големината на нашите дејци. Лазар Личеноски е еден од основоположниците на македонската ликовна дејност и затоа секоја иницијатива за зачувување во комплетна форма на неговото наследство се особено значајни – објаснува Старова-Ќерими.

Каде сме по 15 години?

Таа додава дека ревитализацијата на објектот е еден од најважните проекти за Националната галерија, но истовремено и проект во кој се соочуваат со најмногу предизвици при реализацијата. Станува збор за долг процес кој сам по себе опфаќа повеќе фази и ангажман од повеќе тимови и многу стручни лица. Обемноста и сложеноста на работите при изработката и реализацијата на одделните конзерваторски и реставраторски проекти го диктираат и темпото на реализација. Проектот опфаќа конзервација, адаптација и ревитализација со што куќата на доајенот ќе биде пренаменета во Спомен-куќа „Музеј Лазар Личеноски“.

– Со ова на новите генерации, но и на туристите ќе им овозможиме автентично да го доживеат амбиентот во кој живеел и творел нашиот даојен, а водено извршувал и едукативна работа. Со оглед на тоа дека процесот за валоризација на куќата како потенцијално културно добро кое треба да биде заштитено како културно наследство започнал уште во 2008, логично се наметнува прашањето каде сме денес, по речиси деценија и половина – вели Старова-Ќерими.

Во моментот објектот е во фаза на ревитализација и преадаптација во поглед на архитектурата и на движниот материјал. Веќе се завршени конзервацијата на движниот културен материјал (слики, мозаици, етнолошки, библиотечен и архивски материјал) во надлежност на Националната галерија. Движниот културен материјал е евидентиран и згрижен во депоата на институцијата, со што е обезбедена максимална заштита.

– Конзеравцијата на мозаичното културно наследство од Спомен-куќата на Лазар Личеноски почна лани и годиниава е целосоно завршена. Во тек е конзервацијата на сликите која ќе оди во неколку фази, заради обемноста на обврските и во зависност од средствата кои ќе ни бидат одобрени од Министерството за култура. Очекуваме да ни биде одобрен буџет и за проектот кој предвидува конзервација на етнолошкиот материјал за да можеме да отпочнеме со непосредна заштита. Тука е и библиотечното културно наследство за кое во тек е изработка на проектот за негова конзервација и заштита – вели Старова-Ќерими.

Преку музејот Личеноски повторно ќе живее

Истовремено Конзерваторскиот центар од Скопје го реализира проектот за санација на куќата. Првата фаза почнала лани опфатила санација на водовод и канализација, односно приклучување на водоводната мрежа, поставување на водоводна инсталација и канализациска мрежа во објектот итн. Втората фаза од проектот е спроведена во последнава година, а опфатила санација на електриката во објектот. Во рамките на одобрениот буџет поставена е струјна инсталација, инсталација за противпожарен систем, систем за видео надзор, светлосна расвета во објектот и дворот и слично.

Во тек е третата фаза на проектот (дополнителен акенкс на основниот проект) кој предвидува поставување на дренажен систем околу објектот заради појава на влага од атмосферски и подземни води и санација на влезниот дел на објектот со скалила. По сите стручни контроли од надлежните институции тој ќе биде придодаден кон основниот проект со што ќе се овозможи објава на јавна набавка за фазата архитектура.

– Како понатаму ќе се одвива ревитализацијата на објектот зависи од тоа дали, кога и колку средства ќе успееме понатаму да обезбедиме. Се надевам дека ќе ги диобиеме сите, или барем најпотребните за прокетот да се реализира непрекинато. Целта е што поскоро куќата стане достапна на јавноста во најубавото светло, така како што сите сакаме да ја видиме. Ние редовно, квложуваме максимални напори за обезбедување на сите предуслови за да куќата конечно ја оствари својата намена и да ја исполниме желбата на семејството Личеноски. Кога куќата ќе биде отворена за јавноста со сите предвидени музејски активности, тогаш тој ќе биде повторно меѓу нас, повторно ќе живее – вели Старова-Ќерими.

Фото: Татјана Ранташа / Europe House Скопје

Сподели