Три вида на државна матура, зависно од видот на образование – гимназиско, стручно и уметничко е новата концепција на која ќе работат Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар, институција надлежна за спроведување на државната матура.
– Преку јавна дебата ќе креираме нова концепција за државна матура. Процесот ќе биде транспарентен и со учество на сите засегнати страни, првенствено учениците, раководствата и наставниците од средните училишта, експертската јавност и претставници на академската фела – рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Околу 16 илјади ученици завчера почнаа со полагање државна матура. Средношколците го полагаа првиот од двата предвидени екстерни предмети – мајчин јазик, откако претходно ги полагаа двата интерни предмети и изработија проектна задача.
Тој изрази очекувања дека полагањето ќе помине во најдобар ред, затоа што, како што истакна процесот на сите им е добро познат, имајќи предвид дека државната матура се спроведува од 2007 година и секогаш, во секоја учебна година подготвителните активности започнуваат навремено, а учениците се запознаени со тоа што ќе биде материја за полагање.
Успех на матурантите им посака и директорката на ДИЦ, Елизабета Наумовска. Таа соопшти дека оваа учебна година за полагање државна матура се пријавиле 15.899 матуранти. Од нив 7.135 од гимназиско образование, 8.504 од средно стручно образование и 260 од средно уметничко образование. Македонски јазик и литература полагаат 11.071 кандидат, албански јазик и литература 4.306, а 313 турски јазик и литература.
Следното полагање е на 13 јуни. Ќе се полага англиски, германски, француски и руски јазик, математика, естетика и филозофија. Англиски јазик пријавени се да полагаат 14.328 матуранти, германски јазик 118, француски јазик 31, руски јазик 10, математика 1235, филозофија 15 и естетика 100 матуранти. Резултатите се објавуваат најдоцна 30 дена од последниот екстерен испит, односно до 12 јули. Во процесот на реализација на матурата во училиштата се ангажирани и околу 2.000 наставници како тестатори и околу 300 набљудувачи.





