Експлозија од емоции, жар и љубов за музиката и кон публиката

Фузија на многу емоции, жар, љубов за музиката и кон публиката – Скопје викендов беше кое било место во светот каде владее музиката и уметноста. Музичари од десетина земји беа гости на четвртата и последна вечер на 21. OFFest. Два концерта на виртуозни вокали се случија во Националната опера и балет – Италијанката Марија Мацота и Ненси Виеира од Зеленор’тските Острови, а на полноќ атмосферата ја донесоа на максимум – музичарите од Гана од составот Santrofi.

Публиката на OFFest ја сведочеше убавината на светската музика – да се понесат корените од своите земји и тоа да се расее по цел свет.

Марија Мацота ќе се памети долги години. Енергична вокалистка со извонреден гласовен дијапазон, полн глас кој на моменти ве потсетува на радоста на пеењето на Едит Пјаф и на нашата легенда Есма Реџепова (а таа и призна дека ѝ е омилена пејачка), ни ја донесе Апулја, Сицилија и Јужна Италија во Скопје. Заедно со својот компањон на сцената, маестро на хармоника, Антонино де Лука ни приредија незаборавен концерт. Мацота повика на љубов во светот, на искреност, а не алчност. Симболично го соблече златно здолниште, под кое се откри црн фустан. Гласот на Мацота ве зарежува, ве ежи во секоја нејзина изведба, без разлика дали песната е тажна или радосна.

По Мацота, во целосно различно руво и ритам, но ништо помалку впечатливо ја доживеавме и Ненси Виеира, пејачка што ни дојде од островот Капо Верде, местото од каде што е родена нивниот музички стил морна, што пред неколку години УНЕСКО го прогласи за нематеријално богатство на светот. Во духот на нејзиниот идол, Цезарија Евора, која буквално го заоде патот на многу музичари од малиот остров и им ги отвори вратите по светот, и Виеира ги слече своите сребрени сандали и насапи боса. Евора тоа го правеше во знак на поддршка на сиромашните жени од нејзиниот остров. Патувањата, морето, носталгијата за саканиот дом и остров со многу харизма Ненси ги пренесе на публиката. И ја убеди лесно да стане да игра, да пее со неа.

Трет концерт вечерта беше на групата Santrofi од Гана. Публиката полуде од нивната енергија на сцена и нивниот highlife звук.

Фото: Татјана Ранташа

Сподели