Целта е да се направи микрорегионална студија со поширока хронолошка рамка, со посебен акцент на 1. милениум пред новата ера – во рамките на проектот се одржува летната школа за археоботаника на која присуствуваат повеќе студенти
Изградбата на идентитетите, појавата на прото-државни структури и феномените на централизација на северната контакт зона на Егејското Море и културното коине на централниот Балкан се во фокусот на неколкугодишниот проект во кој се вклучени Македонија, Чешка и Германија. Насловен е Frontier Studies. Investigation into Identity and Cultural Contacts in the Border Area of Ancient Macedonia, а целта е да се направи микрорегионална студија со поширока хронолошка рамка, со посебен акцент на 1. милениум пред новата ера. Во рамките на проектот, во Охрид се одржува летната школа за археоботаника на која присуствуваат повеќе студенти. Проектот почнал како соработка помеѓу Археолошкиот музеј на Македонија и Институтот за класични студии при Карловиот универзитет од Прага, но потоа се приклучиле и други институции како Заводот за заштита на културното наследство и Музеј од Охрид, Чешкиот геолошки институт од Прага, Германскиот археолошки институт, Универзитетот од Јужна Бохемија од Чешко Будејовице.

Од истражувањата
Раководител на проектот од македонска страна е м-р Перо Арџанлиев од Археолошкиот музеј на Македонија. Тој објаснува дека во рамките на проектот се спроведуваат неколку интердисциплинарни студии во временската рамка на проектот (2017-2022).
– Главната цел на претходните проектни години беше да се открие развојот на пејзажот. Да се објасни динамиката на живеењето и организацијата на населбите со помош на обемно археолошко, епиграфско и геофизичко истражување. Да ги објасни промените на животната средина во околината на Охрид со помош на геолошки истражувања – објаснува Арџанлиев.
Подобра меѓународна соработка
За таа цел во рамките на проектот се вршеле интензивни археолошки рекогносцирања, геолошки и геофизички истражувања, епиграфско рекогносцирање и археолошки истражувања проследени со низа напредни археометриски анализи кои денес ги овозможува модерната археолошка наука.
– Пред сè мислам на радиокарбон датирања, археоботанички анализи, анализи на геолошките седименти и слично – вели Арџанлиев.

Според него, овој проект е еден од првите плодови од вмрежувањето на поголем број институции од Централна и Југоисточна Европа во т.н. движење „Перспективи на балканската археологија“ (Perspective of Balkan Archaeology – PeBa). Од 2016 година, движењето организира и меѓународни конференции на кои се презентираат последните резутати и достигнувања во рамките на балканската археологија. Првите две конференции се одржале во Сараево (2016) и во Белград (2017), а годинава од 26 до 29 мај конференцијата се одржа во Охрид.
– Целта на движењето е да им овозможи на институциите кои се занимаваат со истражувања на балканската археологија полесно да соработуваат и низ вакви проекти да го истражуваат богатото археолошко наследство – објаснува Арџанлиев.
Лабораториски анализи кои во Македонија сè уште не се достапни
Во рамките на проектот во Охрид во тек е летната школа за археоботаника, што ја организира Лабораторијата за археоботаника и палеоекологија на Институтот за археологија при Универзитетот на Јужна Бохемија во Чешке Будјовице. Студентите под покровителство на Археолошкиот музеј во Скопје и во соработка со Институтот за класична археологија на Карловиот Универзитет во Прага работат на археолошки истражувања на интересни локалитети од праисториско и античко време, собирајќи примероци од почва и материјали, кои се обработуваат со специјална опрема.

– Под надзор на специјалисти, студентите го одвојуваат стариот јагленисан материјал од современите растителни фрагменти и го подготвуваат за долгорочно лабораториско испитување и научна евалуација. Студентите по ботаника и археологија добиваат примероци од припитомени растенија и јагленисани фрагменти од дрво. Археоботаничките наоди ќе послужат и како извор за датирање преку радиокарбонска анализа. Лабораториските истражувања на ботаничките наоди ќе продолжат во лабораторијата во Чешке Будјовице до средината на следната година – вели Арџанлиев.
Според него, придобивката за македонската археологија од вакви проекти е повеќекратна и значајна. Се користат напредни методи и технологии за прецизно геореференцирање на археолошките локалитети, се вршат низа напредни археолошки истражувања и придружни лабораториски анализи кои, за жал, во нашата држава сè уште не се достапни.

– Во рамките на геолошките истражувања добивме исклучителни резултати за минатото на овој динамичен крајезерски регион т.е. го реконструиравме можното ниво на езерото кое го имало во различни периоди од човековата историја, нешто што ни помогна подобро да го разбереме пејзажот и организацијата на населбите во минатото во регионот. Преку публикациите кои се резултат на овој проект во исто време се презентира и богатото историско, археолошко но и природно наследство со кое изобилува охридскиот регион. Сè на сè овој проект претставува една успешна археолошка приказна на која во иднина сакаат да се приклучат и други реномирани европски институции – завршува Арџанлиев.





