Детскиот филм „Стакленото момче“ во пет града низ Македонија

Детскиот филм „Стакленото момче“ во режија на Самуеле Роси премиерно се прикажува во пет града низ Македонија. Филмот викендов премиерно ќе биде прикажан и во киното „Милениум“ во Скопје (18 и 19 декември од 13 часот, а се прикажува во Центар за култура „Ацо Шопов” во Штип (19 часот), Центарот за култура Битола (19 часот), Центар за култура „Ацо Ѓорчев“ – Неготино (18.30 часот) и Центар за култура „Ацо Караманов“ во Радовиш.
„Стакленото момче“ е инспириран од истоимената книга на италијанскиот автор Фабрицио Силеи, добитник на Андерсоновата награда. Приказната допира важна тема, а тоа е потребата на децата да го надминат стравот од живеењето со болест, во случајот хемофилија.
Стакленото момче Пино Гамбаси е дете што страда од хемофилија и гори од нескротлива желба за слободна и бескрајна храброст: решава да ја почне својата авантура во светот и да им покаже на сите дека може да живее како и секое друго дете.
Филмот е копродукција меѓу Италија, Австрија и Швајцарија. Дистрибутер е „Узенгија“ од Скопје, а дистрибуцијата е поддржана од Италијанската национална асоцијација на аудиовизуелни индустрии АНИКА.

Сподели