Дефилето под маски ќе се одржи денеска напладне во Вевчани како најатрактивниот дел традиционалниот „Вевчански карневал“. Манифестацијата почна синоќа со настап на Игор Џамбазов со „Гуру Харе бенд“ и „Нокаут“, диџеј Ампов и Јанг Деди, а вечерва присутните ќе ги забавуваат „Акустик бенд“, Наум Петрески, Оркестар со зурли и тапани „Вевчани“ и Перо Бели и Коки Биортиам. Се очекуваат многу гости, а најавени се карневалот да го проследат и многу странски медиуми.
Деновиве министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска се сретна со градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски и склучија договор за финансирање на карневалот со 1,8 милиони денари.
Според традицијата, Вевчанскиот карневал, стар околу 15 века, почнува на 13 јануари напладне со дефиле на маски на двете василичарски друштва Горна и Долна маала. Неизоставен дел од традицијата се зетот, невестата, двата ѓавола, Глупавите Августи и останатите маски инспирирани од актуелните политички и секојдневни случувања. Секое карневалско издание за вевчанци е доживување, инспирација за изработка на маските црпат од актуелните случувања во годината што изминала. Вевчанци до дефилето не откриваат во што ќе се маскираат. Карневалот завршува утре со василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани.
Фото: Архива од минатогодишниот Вевчански карневал





