Божиќната химна

Малкумина знаат дека најстарата илустрација на оваа химна потекнува од 13 век и се наоѓа токму кај нас, во црквата Св.Богородица Перивлепта во Охрид (1295 г.).

Пишува: Донка Барџиева-Трајковска, претседателка на Центарот за културно наследство

Во деновите во кои го славиме Христовото раѓање, христијаните со радост си спомнуваат на тајната и единствена вечер, кога Дева Марија во јасли го роди Господ Исус Христос. Како што вели Александар Шмеман, тоа е вечерта во која е создадена сликата на Мајка со дете на рацете, слика која засекогаш останува главна, најдлабока и најрадосна слика на нашата вера, нашата надеж и нашата љубов. Бидејќи сите празници со кои Црквата ја чествува мајката Божја, сите молитви кои ѝ ги упатува и сета љубов со која Црквата ја љуби, извираат од празникот Рождество Христово. (А.Шмеман, „Тајне празника“, Светигора, 1996).

Во минатото, кога црковниот календар се’ уште не бил целосно формиран, единствениот празник во чест на Богородица бил вториот ден на Рождество Христово и овој празник се’ до денес се нарекува Собор на Пресвета Богородица. Во молитвите и песните кои се пеат на овој ден е соджана најдлабоката смисла на почитувањето на Пресвета Богородица, на нејзиниот лик, нејзината личност и местото кое Таа го има во нашиот христијански живот. Во оваа смисла, Шмеман упатува на една црвена нишка, која како лајт мотив се поjaвува во секое празнување на Рождеството Христово, а тоа е доживувањето на Мајката Христова како дар, кој светот и луѓето (како лаос божји) му го принесуваат на Бога. Таа е нашиот подарок кој му го принесуваме наХриста. И како што стои во стихирата: „Што да ти принесеме Христе? Се’ што си создал те пречека Тебе со свои дарови. Небото ти дарува ѕвезда, ангелите песна, мудреците дарови, овчарите радост, земјата пештера, пустињата јасли. Ние луѓето, Ти ја принесуваме на дар Мајката Дева…“

Во прекрасната божиќна стихира, која му се припишува на св. Јован Дамаскин, светот како божја творба е прикажан како симбол, но и како копнеж и очекување на Бога. Божествената убавина на витлеемската ноќ во која е роден Исус Христос и заслепувачката светлина која зрачи од сликата на Мајката Божја со Богомладенецот на рацете, претставува извор на сето почитување и божествена полнота.

Рождество Христово, црква „Св. Ѓорѓи“ Курбиново

Воодушевувачката убавина на оваа стихира во вековите кои следат ќе доживее и ликовно транспонирање. Препознаена како Божиќна химна, според иконографиските особености и текстот кој е испишан, оваа илустрација поседува препознатлива композициона шема. Во зависност од периодот од кој потекнува и просторот во храмот, на илустрацијата на Божиќната химна се појавуваат и одредени разлики кои го одразуваат духот на времето во кое е создадена. Но, малкумина знаат дека најстарата илустрација на оваа химна потекнува од 13 век и се наоѓа токму кај нас, во црквата Св.Богородица Перивлепта во Охрид (1295 г.).

Божиќната химна е насликана во нартексот на храмот, во лунетата над вратата која води во наосот. Во декоративно обработената рамка на лунетата централно место во композицијата зазема богато украсениот престол на кој е седната Богородица со малиот Христос. Свечениот карактер на композицијата е потенциран со ставот на малиот Христос кој во левата рака држи затворен свиток, а со десната благословува. Тој е стројно седнат во скутот на Богородица, која со левата рака го придржува неговото лево рамо. Претставата е метаисториска и отстапува од историски познатите типови на Богородица која во скутот го држи малиот Христос. Во горниот дел на композицијата, веднаш под сегментот од Небо се претставени ангелите кои пеат, а потоа следат пастирите кои се радуваат (десно) и мудреците кои носат дарови (лево). Во третиот ред десно е претставена персонификацијата на Земјата која на Христа му ја дарува пештерата, а лево е персонификацијата на пустината која му дарува јасли. Најдолу се пратставени епископите и царевите (десно) и обичниот народ (лево).

Сочуваната претстава на Божиќната химна во Перивлепта е од исклучително значење за христијаните, поврзано со почитувањето на Богородица. Нејзината слобода во прифаќањето на Благата вест го овозможи овоплотувањето на Исус Христос, Второто лице на Света Троица. Во есхатолошка смисла со Рождеството Христово, отпочнува новото броење на времето – пред Христа и по Христа. Тоа е чудо над чудата во кое преку Марија Дева се поврзува божјото со човечкото – Бог се роди во тело, а телото на нашиот дар, Дева Марија, се обожи и стана скала помеѓу небото и земјата. И како што секоја година го славиме Рождеството Христово и ја пееме химната, Што да ти принесеме Христе… така треба да го чуваме и преданието кое со збор и слика е испишано во храмовите.

Насловна фотографија: Божиќна химна, црква „Св. Богородица Перивлепта“, Охрид

Сподели