На научна конференција за фолклористика која во септември 2022 година се одржа во селото-музеј Тршиќ, во Србија, родното место на првенецот на српската лингвистика Вук Караџиќ, свое учество земаат и тројца струмичани, Иван Котев, Ана Витанова-Рингачева и Сузана Мицева. До двете дами остварени во областите во кои работат и посветени на научното проучување на јазикот, присутните академици од Српската академија на науките и уметностите, професори од филозофски, филолошки факултети, го забележуваат 83-годишникот со стамен став на телото и видливо силен дух, сѐ уште посветен на осознавањето на народниот бит, кој е дојден да го претстави својот труд подготвен за овој симпозиум. Струмичкиот фолклорист го одзема вниманието на реномираните учесници кои ќе му пристапат да го запрашаат за неговата фолклористичка дејност која сѐ уште трае, а започнала пред повеќе од половина век, да се збогатат со негови размисли и да направат фотографии за спомен од запознавањето со скромниот учесник на научниот собир. Ќе замерат зошто досега не знаеле за овој човек и ќе се пожалат што немале можност да чујат негова реч во почесните воведни излагања.
Овој спомен беше еден од моментите кои на 29 март беа споделени на промоцијата на најновата книга на македонистката и универзитетска професорка, проф. д-р Ана Витанова-Рингачева, обемен труд посветен на фолклористичката дејност и животот на Иван Котев. Промоцијата која се одржа во хотелот „Сириус“ во Струмица, покрај убавите сеќавања доживеани од Котев и неговите пријатели, соработници, колеги, па и ученици од неговите денови како просветен работник во плодните струмички села, беше збогатена со дискусии и размисли кои пред публиката ја отворија суштината на фолклорот и на фолклористиката како наука која го проучува народното творештво.
Витанова-Рингачева се познава и соработува со Котев повеќе од 10 години. Таа сподели дека дознала за него на доделувањето на годишните награди на Општина Струмица по повод патрониот празник на градот, 11 декември – Денот на Светите Петнаесет тивериополски свештеномаченици. Оттогаш таа има напишано бројни трудови кои се поврзуваат со Котев и неговата дејност, нејзината докторска дисертација се заснова на материјалот собран од него, кој тој со гордост ѝ го дал на располагање. Професорката се наврати на тоа колку делото на Котев било препознаено пред десетина години.
„Дотогаш самиот Иван знаеше да каже: „Да, јас собирам, но кој знае каде ќе заврши овој мој труд, колку некој ова ќе го препознае, дали воопшто ќе го препознае“. Тие негови зборови мене ми беа мисла која постојано ми даваше немир во душата, мислејќи дека не е праведно нешто што се работи со толку многу љубов и посветеност да остане само запишано на хартија или во компјутер. Иван имаше цели кутии полни со белешки кои ги запишува додека патува или разговара со некој. За несреќа една струмичка поплава однесе дел од богатството. Разговарајќи сфативме која би била нашата мисија како негови наследници — да се потрудиме, толку колку што можеме, да зачуваме од заборавот“, спомена Витанова-Рингачева, по што дискусијата премина кон заклучокот дека оттогаш многу е направено и перцепцијата е позитивно променета. Иако со финансиски потешкотии, издадени се десетина книги на Котев во кои читателот може да го спознае македонскиот народен дух, на него беше посветен и научен симпозиум, а сѐ повеќе медиуми се заинтересирани да го претстават на својата публика Котев, човек од нашето време кој се вбројува во редицата македонски дејци, негувачи на народното творештво, како Димитар и Константин Миладинов, Марко Цепенков, Кузман Шапкарев.
Читајте повеќе на Strumicanet.





