Биенална изложба на дела од ликовната колонија „Галичник“

Во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје утревечер во 20 часот ќе биде отворена изложба на дела создадени на последните две изданија на ликовната колонија „Галичник“. Под наслов „Колективна културна меморија: Постмеморија (2024 – 2025)“ ќе бидат изложени дела од повеќе од 20 автори. Биеналниот проект е кураторски концепт на д-р Ана Франговска, претседателка на колонијата. Соработник на биеналната изложба со елабориран есеј е д-р Натали Рајчиновска Павлеска.

– Колонијата „Галичник“ со речиси четири децениска традиција, претставува уникатен модел што ги поврзува современата уметност, традицијата и локалното наследство. Преку темите „Колективна култура на сеќавање“ и „Постмеморија – Ехо на тишината“, уметниците од Македонија и од странство истражуваат како личните и колективните мемории, трауми и премолчени приказни продолжуваат да живеат низ уметничките практики – велат организаторите.

На изложбата ќе бидат претставени дела од уметници од Македонија, Австрија, Бугарија, Грција, Полска, Кипар, Србија, Косово, Холандија, Словенија и САД, реализирани во различни медиуми – слика, видео, објект, фотографија, текст и инсталација. Автори: Елиа Калогјани, Стефан Корнацки, Лучезар Бојаџиев, Кристине Ледерер, Дарко Алексовски, Ана В’чкова, Красимир Терзиев, Марија Анвандер, Клара Вит, Калина Димитрова, Иванчо Талевски, Марина Касианиду, Софија Димова, Никола Радосављевиќ, Дејан Крстиќ, Ивана Хостник, Клелија Живковиќ, Ренеа Беголи, Ил Џафери, Лука Судант и Данаи Белосиноф.

Изложбата се отвора со поддршка од Министерството за култура и туризам, дипломатските претставништва и странските културни центри во Скопје, Амбасадата на Австрија и Бугарскиот културен центар во Скопје, кПивара Скопје, Casinos Austria, Вардар Градба, Месната заедница Галичник и Националната галерија на Македонија.

Насловна фотографија: Елија Калогјани / Прагови; 2024–25; видео

Сподели