Со долг аплауз и стоечки овации публиката го награди македонското трио „Анимато“ на концертот што се одржа во концертната сала „Фердинанд Деда“ при Националната телевизија на Албанија. Триото го сочинуваат флејтистките Даниела Неделковска и Симона Марочковска-Манојловска и пијанистката Светлана Димитриевска. Во вториот дел од концертот следуваше изведба на оркестарот на РТШ со кларинетистот Роланд Бербиу, под диригентство на Фатос Керимај.
На програмата беа изведени дела од Шор, Доплер, Копланд, Моцарт, Елгар и од македонскиот композитор Трајко Прокопиев, создавајќи разновидна и инспиративна музичка вечер. Концертот го снимаше телевизиската куќа РТШ и наскоро ќе биде емитуван на нивната програма. Концертот го организираше Македонскиот културен центар во Тирана во соработка со фестивалот „Магична флејта“, а е поддржан од нашето Министерство за култура и туризам.





