Простор, емоционална состојба, фрагмент од време… самостојна изложба на Иван Ивановски во Кина

Во Музејот на уметноста „Гуангдонг Сан Та“ во Гуанџоу, Кина, отворена е самостојната изложба In Between на македонскиот уметник Иван Ивановски. Куратор на изложбата е Александра Ацеска. Изложбата е придружена со музиката на Андреја Салпе и Оливер Митковски („Поетроника“), студиски сет специјално снимен за изложбата.

Иван Ивановски

– In Between е простор, емоционална состојба, фрагмент од време, запис на едно патување, физичко и концептуално, премин од Запад кон Исток, од една во друга реалност. Тоа е процес, транзиција во која секој чекор остава трага, што се манифестира преку делата. Тие ја рефлектираат на индивидуалната и општествената динамика, истражувајќи го менталитетот на масата и индивидуалниот ум. Иако секое дело стои самостојно – пренесувајќи различна нарација, истражувајќи идеја или шпекулирајќи со значење – нивното заедничко присуство создава сложени, испреплетени и често неочекувани резултати. Заедно, тие оформуваат повеќеслоен дискурс за перцепцијата, идентитетот и границите меѓу објективното и субјективното – вели Ивановски.

Иван Ивановски (1983, Скопје) е визуелен уметник чија практика ги опфаќа скулптурата, цртежот, сликарството, инсталацијата, филмот и анимацијата. Дипломирал вајарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2008), во 2014 година ја завршил академската програма по режија на ФАМУ. во Република Чешка, а во моментов е на постдипломски културолошки студии на Институтот за македонска литература. Реализирал бројни самостојни и групни изложби во Белград, Берлин, Њујорк, Амстердам и други градови. Активно работи во областа на анимацијата, автор е на скулптурите „Луѓе птици“ во Градскиот парк во Скопје, како и на повеќе книги, меѓу кои Мезанин, Void, Симптоми и _cracy.

Изложбата во Кина ја организираат „Фликер студио“, Зенг Чуан, Чен Хуе Бин (Guangdong San Ta Museum of Art), со ко-организатор Жанг Веи, а изложбата е реализирана со поддршка на македонското Министерство за култура и туризам.

Фото: Даниел Коцев-Пазамат
Дизајнот на постер: Лиу Чен

Сподели