Психолошкото советувалиште кое работи во рамки на граѓанската организација „Пркос“ во соработка со здружението РЕД Центар објавува повик за учесници во серија психо-социјални инклузивни работилници. Тие се бесплатни и ќе се одржуваат еднаш неделно во периодот од февруари до мај 2024 година со траење од час и половина.
Ако имате меѓу 11 и 14 години, ако имате или немате попреченост и ако сакате да дознаете повеќе за себеси и за другите, да се поврзете со свои врсници и заедно да ги истражувате предизвиците на растењето и созревањето, пратете ја вашата пријава на prkosime@gmail.com до 31 јануари.
Главна цел на овие работилници е подобро запознавање и прифаќање на себеси и на другите. Раната адолесценција е многу возбудлив период од животот, полн со предизвици. Наспроти општиот впечаток дека тинејџерите сакаат да бидат оставени на мир, ние знаеме дека тие пред сѐ сакаат да бидат разбрани и прифатени. Нашата силна страна е да слушаме без да критикуваме и да разбираме без да осудуваме.
Активностите кои ќе бидат понудени се интерактивни, креативни, забавни и друштвени.
Принципите на кои ги градиме работилниците се:
– Безбедност – секој учествува онолку колку што сака и се чувствува пријатно; се почитува сечие мислење; ги уважуваме различните потреби на учесниците; договараме групни правила.
– Правичност – за секого ќе бидат обезбедени соодветни услови за учество, бидејќи сите сме по нешто различни и ни требаат различни средства или начини за да учествуваме.
– Солидарност и соработка – се интересираме за своите и за потребите на другите; зборуваме по еден за да се слушнеме; учиме за различните начини на изразување и учество на секој член; си помагаме кога тоа ни е потребно. Пред да понудиме помош проверуваме дали е потребна, а кога некој ни бара помош се обидуваме да одговориме на барањето. Понекогаш работиме во групи или парови.
Работилниците ги осмислуваат и водат Маја Цветаноска и Кирил Тројачанец, психолози и психотерапевти под супервизија. Маја има работено на различни програми за деца и млади кои ги истражуваат инклузијата, правата на децата, комуникацијата со деца, разрешувањето конфликти и менталното здравје на младите. Обожава да соработува и креира заедно со деца и млади. Кирил го инспирираат различностите меѓу луѓето и комуникацијата со деца и млади, како и музиката и неговиот саксофон. Работел на линија за поддршка на родители, а сега и како образовен асистент на две млади момчиња.





