Ретроспектива на култни филмови на лауреати на фестивалот „Браќа Манаки“ во Кинотека

Во пресрет на 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ и 50-годишниот јубилеј на Кинотеката, во наредните неколку месеци фестивалот, Кинотеката и Центарот за култура Битола ќе организираат ретроспектива на култни филмови чии кинематографери се некои од досегашните лауреати на „Браќа Манаки“.

Во Кинотека филмовите од ретроспективата „Великаните на Браќа Манаки“ ќе се прикажуваат секоја среда од 20 часот, а во Центарот за култура Битола – секој понеделник во истиот термин.

Ретроспективата ќе започне на 7 февруари со филмот „Персона“ (1966), снимен од шведскиот кинематографер Свен Никвист, двоен оскаровец и добитник на првата награда „Златна Камера 300“ за животен опус на ИФФК „Браќа Манаки“ откако фестивалот доби меѓународен карактер во 1998 година. Режисер на филмот е постојаниот соработник на Никвист, големиот Ингмар Бергман.

Вториот филм од ретроспективата (14 февруари) е „Париз, Тексас“ (1984), снимен од холандскиот кинематографер Роби Милер, добитник на Специјалната златна Камера 300 за посебен придонес на светската филмска уметност во 2002 година и Златната Камера 300 за животен опус во 2016 година. Режисер на филмот е постојаниот соработник на Милер, култниот Вим Вендерс.

Трет е Британецот Роџер Дикинс со филмот „Големиот Лебовски“ (1998), но не хиерархиски, туку по редот на прикажувањето (21 февруари). Дикинс е двоен оскаровец, добитник на „Златната Камера 300“ за животен опус во 2018 година и еден од најголемите живи кинематографери. Режисери на филмот се постојаните соработници на Дикинс, браќата Џоел и Итан Коен.

Последен февруарски филм (28 февруари) од ретроспективата е „Влези во празнината“ (2009) снимен од белгискиот кинематографер Беноа Деби, добитник на „Златна камера 300“ во 2010 година токму за кинематограферската работа на овој филм. Режисер на филмот е постојаниот соработник на Деби, француско-аргентинскиот enfant terrible Гаспар Ное.

Повеќе за програмата, на следниот линк.

Сподели