Кинотека одбележува половина век – богата филмска програма во февруари

Половина век постоење одбележува годинава Кинотеката на Македонија. Големиот јубилеј институцијата ќе го слави во текот на целата година, а почнува во февруари со премиерна проекција на краткометражниот омнибус „Слобода“ на филмскиот критичар Златко Ѓелески. Потоа ќе бидат проектирани неколку архивски филмски записи од 1912 до 1952. Тоа се дел од новопримените кино-материјали што Кинотеката ги прибра во текот на изминатата година.

– Пред пет децении е формирана македонската Кинотека. Една од основните дејности на филмскава институција е да го прикаже сето она што го има, и ново и старо; ова второто во нови контексти и изданија. Тоа ќе биде карактеристика на програмата на најкусиот месец во годината – февруари. Календарски, ќе трае 29 дена. Ете можност да се види сето она што Кинотеката го подготвила за февруарските денови – велат од Кинотеката.

Враќајќи се децении наназад Кинотеката ќе потсети на филмовите создадени во последните 70 години. Режисерите се од различни земји – Италија, Франција, Германија, Шведска, САД. Ставени се во различни контексти, во нови програми. Станува збор за циклуси на великаните на фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ и пократок цилкус филмови на Луј Мал, францускиот режисер на т.н. француски нов бран.

Во исклучително богатата кинотечна понуда се и неколку филмови на чехословачкиот режисер, оскаровецот Јан Кадар. Ќе бидат прикаѓани и пет македонски документарни филмови со етнолошка содржина. Во нив е забележана традицијата, обработени се народни и религиозни обичаи од средината на 20 век. Во четири од нив Вера Кличкова, пионерот на етнолошкиот филм кај нас, е сценарист, режисер или консултант.

Филмофилите ќе ги видат „Наполеон“ на Ридли Скот и „Убијци на цветната месечина“ на Мартин Скорсезе. Ќе бидат прикажани и два филма со музичка содржина – „Томи“, рок операта на Кен Расел ќе биде прикажан на оригинална 35 милиметарска лента. Новитетот е музичкиот документарец за екс ју панк легендите „Панкрти“. Специјален гостин на кинотеката тие денови ќе биде фронтменот на групата, Перо Ловшин.

Целата програма за февруари на линкот.

Сподели