Изложбата е составена од 15 дела работени во последните две години и проекција на наградуваниот експериментален филм „Заглавени заедно/Stuck together“
„Раселени“ (Displaced) е насловот на изложбата на дела од нашата уметница Тања Балаќ која утревечер во 19.30 часот ќе биде отворена во Кулурно-информативниот центар на Македонија во Загреб. Изложбата ќе ја отвори реномираната хрватска ликовна критичарка, Бранка Хлевњак, која истовремено ќе даде и осврт кон неодамна издадената монографија по повод 30 години творештво на Тања Балаќ. Изложбата е составена од 15 дела работени во последните две години и проекција на наградуваниот експериментален филм со наслов „Заглавени заедно/Stuck together“.
– Во двата медиума Балаќ обработува портрети на неми учесници сместени, или подобро кажано, заглавени во одреден простор, реферирајќи на животот и на судбината на бегалците, а преку нивните експресии ја рефлектира сликата на денешното општество. Во нивните изгубени погледи се вкрстуваат различните пристапи и прашања, минатото и сегашноста, миграциите и егзилот, но и поставувањето на нови стандарди во комуникацијата со современи европски димензии – велат организаторите.

Новиот проект „Раселени“ е своевидно дополнување, суплемент на трагата на остатокот од претходниот циклус дела на уметницата, кој суптилно се прелева во нејзините нови слики. И во овој проект, Балаќ ја обработува актуелната светска тема на бегалската и мигрантска криза, реферирајќи на ксенофобичната реторика присутна во мејнстрим медиумите. Преку конкретна уметничка пракса авторката се обидува да го разоткрие дискурсот на актуелните миграциски случувања и бегалски кризи, согледани низ еден поширок контекст. Целта е да се добие поопфатна слика на овој глобален проблем, што секако отвора низа други прашања, но и повикува на можни решенија.

Тања Балаќ
Тања Балаќ е родена во Скопје во 1968 година. Во 1991 дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на одделот сликарство. Градејќи го својот уметнички и професионален пат, во 2008 година магистрира на истиот факултет. Членка е на Друштвото на ликовни уметници од 1991 година, а во перодот од 2006-2013 година е и негова претседателка. Од многубројните професионални посети надвор од границите на својата земја значајно е да се идвои студиската посета во Париз 2003 година. Своето професионално и уметничко искуство го збогатува и надградува со учество на многубројни меѓународни фестивали и изложби ( Србија, Словенија, Шведска, Бугарија, Германија, Романија, Англија, Австрија, Франција…) на кои повеќе пати има добиено меѓународни признанија и награди. Покрај сликарството, во последната деценија активно истражува и на полето на новите медиуми. Се занимава со сликарство, како и со инсталации и експериментални и документарни филмови (видео арт). Живее и работи во Скопје.





