Археолозите истражуваат наколни живеалишта во Охридското Езеро стари 28 века

Археолозите ги истражуваат подводните колци на кои биле изградени живеалиштата пред околу 28 века во Охридското Езеро. Подводните археолошки ископувања се на локалитетот Врбник, на западното крајбрежје на езерото на излезот на Струга, близу Калишта. Освен што земаат примероци од колците во претходно истражени и документирани делови од населбата, археолозите евидентираат и појава на неколку куќи.

Истражувањата почнаа на 12 август, а ќе траат до почетокот на септември. Учествуваат археолозите Александра Папазовска, раководителка на проектот, Валентина Тодороска (кораководителка), Бојан Танески, Цветлана Василевска и Андреј Мачковски. Досега се откриени преку 500 колци и документиран е простор од околу 500 квадратни метри, што е околу една десеттина од целата населба.

Првите сознанија за локалитетот се добиени во 80-тите години од минатиот век, а систематски подводни археолошки ископувања се водат во континуитет од 1998 година.
Со досегашните истражувања откриен е исклучително богат движен археолошки материјал: керамички фрагменти, цели садови, керамички макари, биконусни пршлени, кружни тегови, белегзии со преклопени краеви, салталеони, двојни игли, железни сечила, јадици и др.
– Предметите се откриени во слој од кал со дебелина од 20 сантиметри и се простира по целата истражувана површина. Иако најголем дел од керамиката е фрагментирана, се работи за форми кои се употребувале подолг временски период, а период на егзистенција на оваа населба е во 7 и 6 век пред новата ера – велат археолозите.

Паралелно со подводните истражувања се вршат и подготовки за дендрохронолошки и карбон анализи, во просториите на Музејот „Д-р Никола Незлобински“ во Струга.
Носител на проектот е Археолошкиот музеј на РСМ, во соработка со струшкиот музеј и со Институтот за археолошки науки при Универзитетот во Берн, Швајцарија.

Фото: Археолошки музеј на РСМ

Сподели