Ања свири пијано од мала и била сигурна дека ќе се запише во средно музичко и ќе стане пијанистка… сè додека не се сретнала со хемијата
Ања Спасовска, матурантка во гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово е првата средношколка во Македонија што освоила медал на Меѓународната олимпијада по хемија позната како IchO. Таа и Дарко Стојчев, матурант во меѓународната паралелка во скопската гимназија „Јосип Броз-Тито“ вчера освоија бронзени медали на престижниот натпревар што се одржа онлајн, а домаќин беше Кина. Третиот член на македонската репрезентација беше Филип Бојаџиевски од гимназијата „Орце Николов“ од Скопје, кој прв пат учествува на олимпијадата и многу ветува. На натпреварот учествуваа 330 ученика од 83 држави од целиот свет.
Спасовска втор пат учествува на престижниот натпревар. Лани учествуваше на IChO-2021 што исто така се одржа онлајн во Осака, Јапонија. Предминатата година, пак, била на подготовките, но не учествувала на селекциониот натпревар и затоа не се пласирала во тимот. Таа уште лани беше пресреќна со учеството на Олимпијадата.
– Ова ми е еден од најголемите успеси. Јас сум прва од мојот град што досега има учествувано на ваков натпревар по хемија – рече тогаш скромната Ања.

Ања Спасовска
Денес, таа не само што е првата од нејзиниот град што освоила бронза на IchO, туку и првата девојка од Македонија воопшто што освоила медал на престижниот натпревар. Во последните години младите хемичари редовно се враќаа со медали, но сите беа момчиња.
Ања во 7-8 одделение била уверена дека ќе се занимава со музика. Од мала свири на пијано, посетувала и нижо музичко училиште и била сигурна дека ќе се запише во средно музичко и ќе биде пијанистка. Сè додека не се сретнала со хемијата.
– Во 8. одделение кога се запознав со хемијата тотално ми се смени погледот на тоа што сакам да бидам. Сè почна со хемијата. Не дека не сум ги сакала природните науки уште од прво одделение. Но, ете хемијата беше таа што ми даде знак дека треба со тоа да продложам – вели таа.
Како талентирана ученичка, во средното училиште во Куманово добива голема поддршка од наставниците. Сепак, тоа не е доволно за овие ученици во надградбата, бидејќи во подготовките за овие натпревари тие учат многу пообемен материјал.
– Моите наставници ми даваат голема поддршка. Но, во однос на образовниот систем, мислам дека не е доволно добро конструиран за да можеме да добиеме доволно добра основа и да постигнуваме резултати на вакви натпревари. Голем товар е за нас учениците да се подготвуваме за натпреварите. Ни помагаат наставниците, но тие немаат доволно информации за да нè подготват за целиот процес – објаснува Ања.

Дарко Стојчев, Филип Бојаџиевски, Ања Спасовска и менторот Миха Буклески (десно)
Таа вели дека огромна е поддршката од професорите од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје кои им даваат огромна поддршка и им помагаат во подготовките. Сојузот на хемичари и технолози на Македонија е здружението акредитирано за организирање на државните натпревари по хемија, за селекциските натпревари од кои се избираат учениците што ќе учествуваат на IchO и ги подготвуваат за напреварот.
– Тука се работи многу поинаку отколку во средно образование. Се разбира тие имаат многу поголемо искуство и имаат поопширна литература, нè насочуваат каде да се надградуваме – вели Ања.
Ментор на олимпијците и годинава беше проф. д-р Миха Буклески од Институтот за хемија.
– Особено сме горди на првата девојка од Македонија кое освои бронза на меѓународен натпревар по хемија. Таа макотрпно работеше и тоа на крајот вроди со плод – вели Буклески.

За Ања хемијата е дефинитивниот избор и професија со која ќе се занимава. Сака да го види светот, а ако се подобрат условите во Македонија да се врати и да пренесе дел од своето знаење. На прашањето има ли поддршка од институциите за талентираните ученици, таа вели:
– Има поддршка, но е мала. Повеќе внимание треба да се посвети на талентираните ученици.
Хемичарите велат дека она што за спортот се Олимписките игри, тоа за хемијата е Меѓународната олимпијада по хемија.





